Св. Јован Бигорски како на Света Гора

„Звукот на клепалото ви ги отвора очите. Време за молитва. Надвор сонцето уште не изгреало. Полуноќница. Тивко ја напуштате монашката ќелија, и тука, пред вратата, е првата средба со планината што е исправена пред манастирот. Погледот кон Кораб, во време кога сонцето почнува да се бори со темнината, го одзема здивот. Како да сте во друг свет. Сe се вклопува… И тишината, и мирисот на зимата, и студот, и дрвените конаци, и тесната ниска врата од ќелијата, и надвиснатиот снег на планината, и малкуте сончеви зраци кои ја параат планината, и пеењето кое го слушате од Параклисот… Останете на утринската Литургија со монасите, за да ја почувствувате благодатта која ја дава молитвата. Кога ќе го напуштите Параклисот, денот веќе е пред вас, но ви изгледа поразличен од претходните. Она што токму тоа утро го откривате, бездруго е местото каде што се спојуваат минатото и сегашноста. Така ќе го откриете манастирот „Св. Јован Бигорски“.

По долината на реката Радика, пределот се доживува како тајна, затоа што е тешко да се најдат вистинските зборови со кои таа би се опишала. Токму тука, легнат на градите на Бистра, пред очи имајќи го Кораб, скриен е Бигорскиот манастир. И тој како даден од природата… Вклопен во потполност со целата убавина на пределот. Уште на влезот од манастирскиот комплекс го слушате силниот звук на водата која се излева низ многуте чешми. Така е на почетокот. Само водата ја пара тишината. Малку подоцна, тоа ќе биде клепалото. Уште малку, тоа ќе биде пеењето на монасите во Параклисот…!

Следете го, значи, звукот и ќе стигнете до срцето на манастирот. Од едната страна – Параклисот, од другата страна – старите конаци. Од едната страна – црквата, од другата – Кораб. Сe некако си има природен спој… Монасите слегуваат од конаците и се движат кон Параклисот. Излегувате од црквата и спокојот во душата легнува во прекрасниот поглед кон планината…!

Сe што таму се случува е само природна последица на она што некогаш се случувало на тие простори. Така, црквата е посветена на Претечата, Св. Јован Крстител, оној што ги спојува Стариот и Новиот Завет. Според верувањето на монасите од минатиот век, манастирот бил подигнат од страна на монахот Јован, последниот поглавар на Охридската Архиепископија во Самуиловата држава. Тој го подигнал манастирот на местото каде што, според легендата, се појавила чудотворната икона на Св. Јован Претеча, која и ден – денес е поставена во црквата.

ЧУДОТВОРНА ИКОНА

За иконата на Свети Јован Претеча, која служи за целивање, врзано е предание кое вели дека, всушност, таа самата си дошла на местото на подигањето на храмот. Иконата е чудотворна и два пати кога манастирот бил во опасност да изгори, иконата ја снемувало, но таа одново се враќала назад, откако сe ќе било повторно безбедно. Уште повеќе, за иконата се верува дека има и исцелителна моќ.
Во црквата се изложени и мошти на светии, меѓу кои се наоѓаат и моштите на самиот Свети Јован Претеча, потоа Свети апостол Јаков, па Света Марина и други. Исто како и чудотворната икона, така и моштите на светиите се целиваат! Вешто изработувајќи ги сцените од Стариот и Новиот Завет, овие копаничари за главен мотив ја земале човечката фигура. Меѓу бројните фигури ( повеќе од 500 човечки и повеќе од 200 животински), мајсторите ги изработиле и своите претстави!

Манастирот, како важен книжевен, просветен и културен центар, каде што добиле и ширеле образование нашите највидни просветители и преродбеници од минатото, и денес успева да го задржи значењето на својата духовна просвета, преку молитвата и богослужбите. Денес тука, во манастирот, живее братство под духовно раководство на игуменот, Отец Партениј:

БОГОРОДИЦА СО КРИЛЈА

Во машката трпезарија, на таваницата е насликана Богородица – Царица и Исус Христос – Цар. Таа е претставена како Небеска Царица, со круна на главата и со крилја. Во левата рака го држи Исус Христос, а во десната има цвет. Исус Христос е со подигната глава кон Богородица, со десната рака ја благословува, а со левата држи жезол. Над главата на Богородица, Бог Отец, со раширени раце Го испраќа Светиот Дух – гулаб, Кој слетува на крилјата на Богородица. По целата широчина на овој простор, ангели во најнеобични пози на летање ја придржуваат лентата на која е испишан Богородичниот тропар. Вака нагласената улога на Света Троица во контекстот на Богородица е непознат за православната иконографија! .

„Во манастирот сме шест браќа, пет монаси и еден искушеник. Сите ние го следиме патот на патронот Св. Јован Крстител. Тука сме да дадеме надеж, утеха и сила за опстанок во светот. Тука сме да ги разбереме душевните страдања на оние што секојдневно доаѓаат во покајание и да им дадеме мир и спокој на нивните души. Тука, целосно предадени на Бога, служејќи Му Нему, му служиме на целиот Негов свет. Конечно, крштевањето кое е најсилно врзано за ликот на св. Јован Крстител и нам ни е најсилната духовна мисија денес “.

Отец Партениј живее заедно со отците Доситеј, Макариј, Хрисант и Сергиј. Сите се заедно на постојаните богослужби. Ова е манастир кој живее според светогорски типик. Така, денот започнува во 4 и пол наутро со полуноќница, па следува утринска богослужба и на крај Божествена Литургија. Потоа следува вечерната богослужба и повечерието во 19 часот со Акатист кон Пресвета Богородица. Сe се завршува со повлекувањето по ќелии, каде што се извршува ќелијното правило и Исусовата молитва.

Како што ни раскажуваше отец Партениј, во слободното време монасите се занимаваат со ракоделија, прават икони. Исто така, земјоделието е дел од манастирот.

Монасите работат на неколку бавчи, со што произведуваат зеленчук, како за манастирот, така и за гостите кои се негово секојдневие. Но, сепак, туризмот најмногу придонесува манастирот да функционира нормално… И, навистина, ако досега не сте помислувале да го посетите манастирот, тогаш сигурно, доколку се движите по патот што ги поврзува Дебар и Гостивар, ќе ви падне на памет да го посетите Бигорски. Уште поверно, скриен во падините на Бистра, како планината да го голтнала за да го тргне од очите на светот, манастирот духовно се издига толку блиску до совршенството, што никогаш не може да остане осамен и заборавен… Штом веќе знаете дека во близина ви е манастирот, посакувате, тогаш, барем на кратко да ги погледнете иконостасот во црквата, чудотворната икона на Свети Јован Претеча и моштите на светците. Да го видите стариот конак, машката трпезарија, музејот со икони, костурницата… Бигорски има многу што да ви остави и во главата, и во душата.

БЕСЦЕНЕТ ИКОНОСТАС

Манастирската црква, посветена на празникот на Отсекувањето на главата на Св. Јован Претеча, датира од 1800-та година, кога игумен на манастирот бил Митрофан (1796-1807). Таа наликува на црквите од светогорските манастири, со две куполи и осмострани тамбури. Интересен мотив на црквата е подземјето, каде што е сместена чешмата, изградена во 1814 година, а обновена во 1877 година. Црквата е ѕидана од кршен камен… Она што ја прави особена, специфична, препознатлива, секако е иконостасот кој бил изработен по нарачка на игуменот Арсениј, во периодот од 1829-1835 година. Него го изработила мијачката копаничарска тајфа на чело со Петре Филиповски – Гарката, неговиот брат Марко од с. Гари, Макариј Фрчковски од Галичник, Аврам од родот Филиповци од с. Осој и други. Бигорскиот иконостас е последното нивно монументално резбарско остварување во Македонија.Вешто изработувајќи ги сцените од Стариот и Новиот Завет, овие копаничари за главен мотив ја земале човечката фигура. Меѓу бројните фигури ( повеќе од 500 човечки и повеќе од 200 животински), мајсторите ги изработиле и своите претстави!

Доколку не сте биле на Света Гора, или, пак, доколку не ни можете да појдете таму, тогаш тука, во Бигорски, имате можност да доловите дел од духот кој живее таму. Отец Партениј, после својот престој на Света Гора, решил да го пренесе она што можел во монашкиот живот во Македонија. Во Бигорски дури и вратите се отвораат како на Света Гора…!

КОСКАРНИЦА

Јужно од црквата Св. Јован Бигорски се наоѓа коскарницата. Изградена е во 1827 година од делкан зеленикав камен, со четвороводен кров покриен со камени плочи. На ѕидот од коскарницата направена е чешма со три чепури.

Внатре се сместени черепите на многуте монаси што живееле во манастирот. На некои од нив се испишани имињата на монасите. Како што ни кажа отец Партениј, сите черепи би требало да бидат обележани, но кога братството дошло во манастирот, костурницата била во многу лоша состојба, полна со вода… Она што успеале, монасите го спасиле и зачувале.

На подот од костурницата има еден отвор кој е преклопен. Под него се наоѓаат останатите коски на монасите.