Доаѓаат со мака, заминуваат со солзи радосници

Чудотворната моќ на манастирот „Св. Јован Бигорски“

„Немојте да нè сликате, не сакаме“, велеа повеќе млади кои на неколку дена дошле во манастирот, а ги имаше од Струга, Дебар, Радовиш, Кавадарци… Имаше православни и муслимани. Студенти и средношколци. Сите тие во овој манастир го наоѓаат својот духовен мир.

Искушеникот Јовица кажува дека бил сведок кога една мајка со солзи радосници дошла во манастирот и раскажувала како нејзиното дете проодело од чудотворната моќ на иконата на Св. Јован Крстител. Имало случаи кога луѓе се исцелиле од рак, неми проговориле, мајки добиле пород…

 

Крај реката Радика, во близина на Дебарското езеро, сместен е Бигорскиот манастир. Пред него со сета своја убавина е распослана планината Кораб, која заедно со манастирскиот комплекс го надополнува живописниот предел. Дојди да се надишеш од воздухот, да им се нагледаш на убавините и да си ја смириш душата во тишината, велат оние кои барем еднаш ја поминале портата на овој манастир.
Тишината, мирот и спокојот, се нарушени само во големите празници кога верниците доаѓаат во манастирот да им помогнат на монасите и да го прослават празникот. Тогаш се чистат одаите во конаците, трпезариите, се прават јадења за гостите кои сакаат празниците да ги минат тука. Но, верниците во Св. Јован Бигорски доаѓаат и во други денови, кој по мака, кој на поминување да запали свеќа, кој да подари нешто што си ветил, кој, пак, зашто му се сонило да го посети манастирот. Луѓе од различни генерации.

Моштите на светците

Во манастирот е сместен епитаф во кој се наоѓаат мошти на светители. Како се зографисани светителите, така се сместени и моштите од Св. Јован Крстител, св. ап. Јаков, св. Пантелејмон, св. Евстатиј, св. Параскева, св. Марина, св. Трифун, а под восокот е запечатена мала честица од крстот на Господ Исус Христос. Моштите се донесени од Цариградската Патријаршија во 1820 година од хаџи Наќе од Беличица. Епитафот, пак, е правен од Дичо, познатиот зограф од тие краишта. Како што е чудесна иконата, така се чудотворни и моштите. Луѓето кое доаѓаат тука, без оглед на тоа од која вероисповед се, велат дека им се случувале чуда и затоа го нарекуваат чудотворен манастирот. И самите мошти се чудотворни, од себе испуштаа свето миро. Тоа е кога самата коска лачи течност, која се собира во памук и се чува како нешто свето.

„Немојте да нè сликате, не сакаме, зашто овде сме по своја желба“, велеа повеќе млади кои на неколку дена дошле во манастирот. Момчињата и девојчињата не сакаа да си ги кажуваат имињата, бегаа од апаратот, а ги имаше од Струга, Дебар, Радовиш, Кавадарци… Имаше православни и муслимани. Студенти и средношколци. Сите тие во овој манастир го наоѓаат својот духовен мир.

Едно девојче со марама на главата и во долго здолниште, додека ја чистеше трпезаријата, ни рече дека поради ситуацијата и ставот на јавноста кон младите кои сакаат да се замонашат, не сака ниту да кажува која е ниту, пак, да ја сликаат за да не си создава проблеми дома.
„Честопати доаѓам тука, вели таа, некогаш кога доаѓам ги информирам моите родители, но некогаш не им кажувам за да не си создавам проблеми. Јас сум студент од внатрешноста, студиите добро ми одат, но обожавам да доаѓам тука и да Му служам на Бога. Чувството кога сум тука не можам да го опишам, тоа е нешто посебно“.

Иконостас

Во „Св. Јован Бигорски“ е сместен и прочуениот иконостас изработен од ореово дрво, од двајцата браќа Петре и Марко Филиповски од селото Гари, уште во 1830 година. Покрај резбарите, тогаш во манастирот биле и монасите, и како што монасите читале хронолошки од Светото Писмо, така копаничарите го резбале дрвото. Неколку години пред да се почне иконостасот, зографисани се иконите во манастирот, па како е поставена иконата, така под неа е изрезбана сликата.

„На иконостасот“, раскажува искушеникот Јовица, „претставени се Стариот и Новиот Завет, со најважните сцени од самата Библија. Резбата е чудесно направена. Срцевината на дрвото е оставена внатре. Денешните копаничари не можат да разберат како е изработен. Во почетокот било планирано целиот иконостас да биде позлатен. Почнале да го позлатуваат од централниот дел, но тогашниот игуменот го спречил позлатувањето, зашто од самото поставување на златото се пополнувале некои празнини и се губела самата убавина на резбата. А самата убавина на резбата е многу поскапа од златото“.

Друго девојче, пак, средношколка, ни раскажа дека прв пат кога кажала дека ќе оди во манастирот и ќе преспие една вечер, родителите почнале да негодуваат. Но, сепак, се согласиле и ја пуштиле да дојде. „Тоа беше само еднаш, вели таа, и оттогаш три години не ми дозволуваа. Дури сега повторно дојдов во Св. Јован Бигорски, со мојот пријател и ќе останам неколку дена. Овде повеќе ми се допаѓа отколку да дремам по кафулињата со чашата во рака. И мојот пријател доаѓа, всушност мене желбата да доаѓам во манастир тој ми ја пренесе. И секогаш кога имаме време доаѓаме заедно“.

Убавината на манастирот е позната не само во Македонија, туку и пошироко. Доказ за тоа се една група странци, кои се воодушевуваа шетајќи низ манастирските одаи.

„Ова навистина е прекрасно“, извикуваше една жена од групата посетители, која постојано сликаше со својот апарат.

Чудотворна икона

Манастирот „Св. Јован Бигорски“ е од 11 век. Ктитор е првиот Охридски поглавар под византиска власт, архиепископот Јован. Повод да се изгради манастирот е чудотворната икона на св. Јован Крстител, која дошла лебдејќи во воздух на чудесен начин, крај тогашниот извор. Во знак на тоа чудо, архиепископот во 1020 година ги поставил темелите на манастирот. Само таа икона е останата од тој период, зашто Турците, во времето на Османлиската Империја, три пати го рушеле манастирот до темел. На старите темели во 1800 година, повторно по истиот план е изграден манастирот. Иконата е заштитена со сребрен оков, а врз него се наредени украси дадени во знак на благодарност од страна на верниците.

„Доаѓаат, раскажува искушеникот Јовица, се молат пред иконата, и Бог ја излева милоста над нив, преку молитвеното застапништво на Св. Јован. Една жена во Австралија, долго време немала деца, се лекувала во разни клиники. Од водата роднините ѝ пратиле во шише. Останала бремена, родила син, и во манастирот донела плочка со изгравирано бебе; плочката е поставена пред иконата. Исто така, на една мајка од Струга на сон ѝ се прикажало дека треба да го посети манастирот. Таа дошла со своето болно бебе во рацете, го пуштила во манастирот, и тоа само влегло внатре, проодело. Ова се само дел од примерите за чудотворната моќ на иконата, а ги има многу. Тоа се гледа по разните подароци, прстени, синџирчиња и разни приврзоци кои ја красат иконата“.

„Јас сум од Копенхаген, Данска, и наш пријател, заради здравјето, ни ја препорача бањата во Косоврасти“. Таму престојуваме десетина дена, но денешниот ден го искористивме да го посетиме манастирот и навистина сме воодушевени од убавината на овој духовен дом. Ова е нешто што не се опишува. Направив многу фотографии кои ќе им ги покажувам на моите пријатели од Данска“, ни рече Анет.

Секој од монасите во манастирот си има свое задолжение. Искушеникот Јовица требаше да ги прошета гостите и да ги запознае со значењето на манастирот. Меѓу гостите што доаѓаа имаше многумина кои после постот сакаа да се исповедаат и да се причестат. Кога завршуваат обврските ѕвоното го означува повикот за ручек за сите гости што во моментот ќе се најдат тука. А после ручекот, по три пати на 15 минути, со клепало се повикуваат верниците на богослужба.

„Богослужбата во „Св. Јован Бигорски“, вели искушеникот Јовица, е нешто што го прави „Св. Јован Бигорски“ поинаков од другите. Тоа е прекрасното оригинално византиско пеење, најстарото црковно пеење што може да се слушне само во овој манастир и тоа пеење постои благодарение на игуменот на манастирот, отец Партениј, кој со своето искуство од светогорските манастири, каде што бил искушеник, и со обновувањето на монашкиот живот во „Св. Јован Бигорски“ го има пренесено тука“.

Богослужбата во „Св. Јован Бигорски“, вели искушеникот Јовица, е нешто што го прави „Св. Јован Бигорски“ поинаков од другите. Тоа е прекрасното оригинално византиско пеење, најстарото црковно пеење што може да се слушне само во овој манастир и тоа пеење е благодарение на игуменот на манастирот, отец Партениј

Во Бигорски доаѓаат верници и од православна и од муслиманска вероисповед. Кога имаш мака не е важно каде треба да појдеш. А „Св. Јован Бигорски“, велат, има чудотворна моќ и затоа го посетуваат сите. Искушеникот Јовица кажува дека бил сведок кога една мајка со солзи радосници дошла во манастирот и раскажувала како нејзиното дете проодело од чудотворната моќ на иконата на Св. Јован Крстител. Имало случаи кога луѓе се исцелиле од рак, неми проговориле, мајки добиле пород… “ Кога ќе дојдат луѓето со мака, раскажува тој, претежно се чита молитва пред иконата. Значи, онаму каде што сака Бог, се надминуваат и природните закони. Она што за луѓето не е можно, за Бога се може. Само потребна е вера. Таа ги поместува и планините… “

 

В. Миленковска
Фото: О. Теофиловски