Манастирот пулсираше како во најубавите времиња

Со векови, жителите од Мијачијата, од Мавровско, од Горна и Долна Река, доаѓале во Бигорскиот манастир на 10 и 11 септември, за да му оддадат почит на светецот Јован Крстител, патронот на ова десетвековно православно светилиште. Традицијата никогаш не згаснала, а последниве десетина години, откако повторно се вратија монасите во Бигорскиот манастир, чествувањето на овој голем христијански празник, празник на правдата и покајанието за кои проповедал и се залагал Свети Јован и поради кои го загубил и својот живот, потсетуваше на минатото.

Манастирскиот комплекс, вечерта на 10 септември, како и дента на 11 септември беше исполнет со многу верници дојдени од сите краишта на нашава земја, кои со големо внимание ја проследија вечерната богослужба и празничната Литургија, со кои чиноначалствуваше надлежниот архиереј на Дебарско-кичевската епархија, митрополитот г. Тимотеј, а учествуваа монашкото братство од манастирот, монахињите од женскиот манастир во селото Рајчица и свештенослужителите на оваа епархија.

Во текот на вечерната богослужба, митрополитот г. Тимотеј го изврши и чинот на замонашување на искушеникот Јовица Тодоровски од Скопје, кој го доби монашкото име Јосиф.

Инаку, во историските документи од 19 век, забележано е дека основач на манастирот Свети Јован Бигорски бил монахот Јован, кој во 1020 или 1021 година ја изградил првата црква. Ова е наведено во манастирските поменици, како и на старата икона на Свети Јован Претеча и графиката со неговиот лик. И покрај тоа што овој манастир датира од многу одамна, сепак, неколку пати бил рушен и најпосле духовниот живот во него бил обновен во 18 век, поточно во 1743 година, кога манастирот бил целосно обновен и кога одново биле изградени и манастирските ќелии.

Бигорскиот манастир, особено е познат и привлечен по иконостасот, кој е изработен помеѓу 1830 – 1840 год., од познатите зографи Петре Филипоски – Гарката и Макариј Фрчковски.

Иконостасот претставува вистинско ремек-дело на познатата резбарска Галичко – гарска тајфа, при што на ореово дрво е претставен растителниот и животинскиот свет, онака како што можела да го долови генијалната имагинација на мајсторот копаничар. Живописот во црквата е илустрирана Библија. Секој може да го гледа, да ги толкува фреските и иконите и да ужива во возвишеното естетско чувство.

-Долга е историјата на Бигорскиот манастир и традицијата на монаштвото, како неразделен дел од него, а сето тоа е Божјо дело кое за човечкиот ум е недостижно и за човечкиот разум невозможно да се објасни, ни вели архимандритот Партениј, игуменот на манастирот. Тој додава дека од самото основање на манастирот во 1020 год., Охридската Архиепископија е удостоена да поседува еден толку силен столб на монаштвото. Онаму каде што Бог ја поставил Десницата Своја, каде што се зарадувал на домот Свој, каде што правилно Му се служи, зарем Он би дозволил да бидеме лишени сите ние, кои во него се надеваме, од овој редок, вистински пример за Православието и богоугодното монаштво.

Архимандрит Партениј, зборувајќи за богатата историја на манастирот, потенцираше дека повеќе пати се обидувале да го фрлат во заборав сето она за кое многу преподобни отци, дури и маченици од овој манастир, се заложиле со својот живот. И сосема е јасно зошто се бележат исклучително неуспешни обиди ова место да го снема и долгата историја на монаштвото да се прекине. Таков е случајот за време на Османлиската Империја, која верувала дека ако го разурне манастирот, ќе успее и да ја наметне својата вера и ќе го раскине синџирот кој со векови се запазувал; но не предвиделе дека со тоа ќе застанат пред Самиот Бог. Не знаеле дека не објавиле војна против човек, туку против Бога и домот Негов.
И со секоја капка крв и секоја болка нанесена на монасите што го бранеле своето и светото, зарем тие не Го ранувале Христа, зарем не го разгневиле со тоа Отецот Негов, се прашуваат монасите од овој манастир.

Затоа монасите од Бигорски манастир се удостоиле да станат маченици за Христа и домот Негов, а со тоа да добијат слобода пред Господа молитвено да се застапуваат за народот, бидејќи оној кој го убива телото нема власт над духот, а османлиите, пак, несвесно си го поставиле за противник единственото нешто против кое е невозможно да се бориш.

Манастирот повторно и повторно е издигнуван од раката на Оној Кој го создал и на Кого Му припаѓа, подвлекува архимандритот Партениј, кој со своето монашко братство и самиот е еден од оние што на манастирскиот комплекс му дале нов сјај и не дозволиле да згасне ова православно светилиште. Ова го поткрепи со податокот дека она што низ времето се зачувало е чудотворната икона на Свети Јован Крстител, која откако дошла тука, на место – достојно за нејзината светост, по којзнае кој пат сама се враќала во манастирот. Ова место, меѓу многуте, таа самата го избира за свое живеалиште и му станува вечен и силен закрилник.

Дваесеттиот век на манастирот му нанесува големи штети. Со смртта на последниот монах во 1948 година, повторно е тука раката на богоборците, на оние кои сè уште не осознале против Кого ја кренале раката своја. Така манастирот е запуштен, уништен, па реставриран и претворен во музеј.

Комунизмот го остава својот крвав печат на овој манастир, како и на многу други светилишта, со жалење констатира игуменот, архимандрит Партениј, прашувајќи се како воопшто некој се осмелил да Му застане на патот на Оној, Кој вратите на адот ги разбил!? Навистина, Св. Јован Крстител, не дозволил и овој пат, како што, впрочем, и претходно се случувало низ вековите со манастирот, човечка рака да решава за судбината на Крстителовиот дом. Не дозволил манастирот да биде само убава камена творба, лишена од сè она што ѝ припаѓа и од присуството Божјо во неа. Зашто Бог, ако не е повикан – не доаѓа, а сите ние знаеме како Бог се повикува. Исклучиво само преку богоугодна служба во домот Негов.

Бог одново ги повикува Своите избраници, за преку нив да ја покаже Својата сила на духовното крштевање. Го обнови монаштвото, со што покажа колку многу му се радува и колку постоењето на Бога е важно за нашето спасение.

Седуммината монаси од Бигорскиот манастир, добро знаат зошто, и според чија промисла, во 1995 год. архимандритот Партениј доаѓа за игумен на манастирот – за преку него да се оствари Божјата промисла. Тој да го пренесе своето лично искуство од престојот на Света Гора Атонска, да биде матица на младото братство, кое постојано се зголемува и духовно расте.

За изминативе осум години монашкото братство повторно ја обнови духовната сила, а многу е сторено и за враќањето на поранешниот сјај на манастирскиот комплекс.

Пред четири години беше извршена реконструкција на покривот над трпезаријата, минатата година беше отворена галеријата на икони од 17, 18 и 19 век, кои потекнуваат од овој манастир, а на почетокот од овој месец започна реконструкцијата на манастирските конаци во Долни Палат, односно тие ќе го добијат ликот кој што го имале пред пожарот што се случил во 1912 година. Оваа реконструкција е направена врз база на зачувани фотографии од тој период, со специфичните украси, еркери, чардаци, со што ќе ја добиеме оригиналната првобитна архитектура.

Во ова православно светилиште, како што ни рекоа монасите, посетеноста на манастирската црква и на манастирскиот комплекс постојано се зголемува, а особено голема посетеност има за време на одржувањето на богослужбите во чест на големите црковни празници.