Санација за враќање на првобитниот изглед

Во манастирските конаци во Св. Јован Бигорски

Во овие есенски денови, вредните раце на група мајстори од Пустец, Албанија, кои го изградија прекрасниот црковен објект Плаошник во Охрид, вршат реконструкција на конаците на таканаречениот Горни Палат во манастирскиот комплекс Св. Јован Бигорски. Покрај тоа што се вршат интервенции на фасадата, олуците, ќе се изврши и препокривање на кровот. Паралелно со ова се работи и на целосна реконструкција на конаците на таканаречениот Долни Палат, кои се наоѓаат во југозападниот дел на манастирскиот комплекс.

-Со овој голем проект на реконструкција, сакаме надворешна архитектура и внатрешниот изглед на Долни Палат да бидат доведени до нивната првобитна состојба, каква што беше пред пожарот од 1912 год., ни рече на почетокот од разговорот игуменот на Бигорскиот манастир, архимандрит Партениј и додаде: Врз основа на сочуваните фотографии и цртежи, од страна на познатиот охридски архитект Тодор Паскали беше изработен проект за санација на постојните конаци, изградени во периодот од 1927 до 1930 год. Од првичниот конак останата е само западната фасада и тоа во долниот дел, кој е изграден од камен.

Според проектот предвидени се чардаци, издадени еркери… со еден збор, повторно ќе биде вратена некогашната архитектура, која порано толку добро се вклопувала во целокупниот амбиент на манастирскиот комплекс. Манастирските соби ќе бидат современи и опремени според сите стандарди, продолжи да ни објаснува игуменот Партениј. Во овој простор ќе бидат идните работни простории, кабинет за надлежниот архиереј и повеќе апартмани.

Со изградбата на конакот Долни Палат, во Бигорскиот манастир ќе се создадат одлични услови за развој на манастирскиот туризам. Овој градежен проект којшто се изведува со донации од Мобимак, Усје и со доброволно дарувани средства од верниците, се очекува да биде завршен кон средината на идната година.
Во изминативе осум години, откако се создаде монашкото братство со кое раководи игуменот Партениј, слободно можеме да констатираме, а тоа го забележуваат и сите посетители, дека во вистинска смисла на зборот целосно е вратен сјајот на Бигорскиот манастир и тука мошне успешно се спроведува и духовната мисија, за која што манастирот всушност и бил подигнат.

За овој релативно краток период од страна на стручни екипи на Републичкиот завод за заштита на спомениците се извршени конзерваторско-реставраторски работи на иконостасот на манастирската црква „Св. Јован Претеча“, како и на трпезаријата и конаците Со овие зафати се спречи пропаѓањето и уништувањето на овој средновековен манастир, кој претставува наше големо и непроценливо духовно и културно богатство.

Пред три години беше извршена целосна реконструкција на покривната конструкција на големата трпезарија, а минатата година во една од манастирските простории беше отворена галерија на стари и вредни икони од овој манастир. Во оваа поставка се наоѓаат 100 икони и други сакрални предмети од 16, 17, 18, и 19 век, а реставрација се врши уште на стотина икони коишто се сопственост на манастирот.

За Македонецот, патот што води кон Бигорскиот манастир е пат кон духовно издигање и усовршување, а престојот во него му дава утеха, надеж и сила за опстанок во суровите околности во животот, потенцира архимандрит Партениј.

Во текот на своето осумгодишно постоење, монасите од манастирот не само што успеаја да го одржат во добра состојба манастирскиот комплекс и секојдневно да прават богослужби во манастирската црква, туку преземаат активности и за обновување и враќање на економијата на манастирот, а следен, поголем проект во оваа насока ќе биде активирањето на манастирските рибници што се наоѓаат покрај реката Радика.