Грбот и знамето да не се чепкаат оти не претставуваат ниту една етничка заедница

БИГОРСKИТЕ МОНАСИ ЗА ДРЖАВНИТЕ ОБЕЛЕЖЈА

Да не се посегнува по државниот грб и знаме, особено не затоа што некој тврди дека тие претставуваат обележја на македонската етничка заедница“ – е ставот со кој вчера излезе монашкото братство на познатиот Бигорски манастир. Монасите од едно од најпознатите македонски светилишта реагираа на се` почестите барања за промена на македонските државни обележја со образложение дека тие претставуваат симболи на само една етничка заедница, македонската. Во обраќањето до јавноста тие посочуваат аргументи дека тие, всушност, се обележја што се однесуваат на сите граѓани во земјава, без разлика на нивната етничка припадност.

Тие потсетуваат дека во науката е добро познато оти историски земскиот симбол на Македонија е лавот, кој води потекло уште од средниот век. Во хералдиката е веќе потврдено дека досега најстар зачуван приказ на македонскиот грб со лавот е тој во т.н. лондонски грбовник, датиран пред 1595 година.

– Меѓутоа, по создавањето на Народна Република Македонија, под силно влијание на социјалистичката идеологија и по урнек на грбот на СССР, бил составен и амблемот на новата македонска држава, кој останува да се применува како грб на државата и до наши дни, со таа разлика што во 2009 година е отстранета црвената петокрака.

Впрочем, и по осамостојувањето на Македонија и формирањето на нашата современа Република, поради претерана политизација, уште еднаш беше пренебрегнат фактот дека историски симбол на Македонија е лавот, така што како официјален грб на државата остана социјалистичкиот. Значи, денешниот грб на Република Македонија не репрезентира ниедна етничка заедница, ниту нејзиниот културен и историски идентитет. Во најмала рака, тој претставува симбол на заедничкото поблиско минато на сите националности во РМ – потенцираат од монашкото братство.

Во однос на државното знаме се наведува дека тоа како симбол го има сонцето, кое не е обележје на ниедна народност, туку еднакво ги „грее и им свети“ на сите граѓани на Република Македонија, без разлика на нивната припадност.

– Всушност, сегашното наше знаме е стилизирана измена на шеснаесеткракото сонце, пронајдено на поклопецот на едно ковчеже при ископувањата на кралската гробница во Kутлеш, во 1977 година, и, за разлика од лавот, нема историска основаност да биде сметано како земско обележје на Македонија, а уште помалку како етничко. Меѓутоа, штом нашето народно Собрание го избра и го изгласа како официјално знаме на државата (а одлуките во Собранието се носат со мнозинство, што е определено со Уставот, а не по етничка линија), секој граѓанин треба да се однесува кон него со должна почит, бидејќи тоа ја претставува современата македонска мултиетничка држава – се истакнува во обраќањето.

Врз основа на оваа аргументација, најмногубројната монашка заедница во рамките на Македонска православна црква порачува дека не треба да се посегнува по најважните државни симболи.

– Затоа, посегнувањето по државните симболи и нелогичните барања за нивна промена од страна на една етничка заедница, која се претставува за лојален дел од нашата заедничка држава, но и конструктивен придонесувач во нејзиниот мултиетнички карактер – систем во кој владее законот на компромисот, а не на себичноста и постојаното незадоволство, се навистина недемократски и неетички, дотолку повеќе што Македонија и македонскиот народ покажаа најголема демократичност и снисходливост, дозволувајќи им на сите граѓани еднакво да ги уживаат своите права и потреби – истакнуваат монасите од Бигорскиот манастир.

Автор: (Б.Ѓ.)