Во магичниот амбиент на плоштадот во Кичево, под светлечките украси и ѕвездено небо, една вечер се претвори во вистинска волшебна атмосфера, богата со духовност и радост. Светлиот дух на Божик, во чест на Христовото Раѓање, нашето спасение, ги оживеа срцата на Кичевчани преку благословената посета на епископот Антаниски Партениј. И покрај врнежливото и ладно време, плоштадот беше исполнет со голем број на верници и граѓани кои, одржувајќи го духот на заедницата, дојдоа да се сретнат со Епископот, покажувајќи дека верата и заедништвото се посилни од било какви временски услови.
Во рамките на веќе традиционалниот новогодишен и божикен „Базар“ на плоштадот во Кичево, граѓаните, а посебно најмладите, имаа незаборавна прилика да ја споделат празничната радост со високопочитуваниот епископ.
Владиката Партениј, заедно со сестринството од Манастирот Пречиста, го започна денот со празнична богослужба во чест на вториот ден од Божик и Соборот на Пресвета Богородица. Оваа света церемонија беше повеќе од прослава; таа беше потсетник за вечната порака на радосната вест за раѓањето на нашиот Спасител, Исус Христос, која останува сржта и светлината зад секој божикен празник.
Како што се спушташе вечерта, празничниот „Базар“ на плоштадот во Кичево се претвори во еден светлински феномен, којшто се расцвета под радосните ноти на византискиот хор „Козма Пречистански“ исполнувајќи Божикни Каланди и мелодиите на бендот „Addicted“. Овие моменти на заедничко славење не беше само забава, туку и поклонение кон длабоката симболика на Христовото Раѓање, која нè спојува и нè подига како луѓе.
Со пречекот на епископот Партениј, граѓаните на Кичево и посетителите на „Базарот“ заедно го споделија овој светол момент на празнична радост и заедништво. Најзначајниот дел на вечерта беше незаборавниот момент кога владиката им подели новогодишни пакетчиња на децата, симбол на духовната радост и заедничката празнична ведрина која оваа вечер ја донесе. Радоста беше особено видлива во очите на најмладите, кои со воодушевување ги примаа подароците исполнети со љубов и надеж. Овие подароци, донирани од самите граѓани на Кичево, беа не само израз на љубовта и почитта кон епископот, туку и одраз на духот на заедништвото и добротата, кои се темелите на нашата вера и на празникот кој заедно го чествуваме.
Секој агол од празничниот „Базар“, од блескавите божикни пештери до украсите и мирисите на традиционалните јадења, го одразуваа вечниот дух на Божик – чудото на раѓањето на Исус Христос и неговата порака на љубов и спасение.
Оваа незаборавна вечер во Кичево, осветлена од светлината на нашиот Спасител, Исус Христос, не беше само празник за очите и срцата на присутните, туку исто така длабоко духовно искуство кое го потсетува секој Кичевчанец на важноста на заедништвото, верата и добрината што секој ја носи во себе. Владиката Партениј, со своето благословено присуство и благословот што го донесе, не само што ги наполни срцата со радост, туку и го зацврсти духот на заедницата, потврдувајќи дека секоја заедница е толку силна колку што е нејзината вера и посветеност кон традицијата и посветеноста едни на други.
Со ветувањето дека ќе се врати на концертот за Василица, владиката не само што ја подкрепи нашата вера, туку исто така ја поттикна вербата дека светлината на заедништвото и добротата ќе продолжат да ги водат Кичевчани напред, осветлувајќи го патот кон подобра иднина.
– Што се однесува до агендата на настани на празничниот „Базар“ на градскиот плоштад, вечерва вторник (9-ти јануари) на паното пред поставената Божикна пештера ќе настапи маестро Лука Лазарески со своето пијано, утре среда (10-ти јануари) на барање на публиката гостува повторно Владимир Баланс заедно со неговото огнено шоу, четврток (11-ти јануари) детски песни и забава за најмладите со маскоти, (12-ти јануари) петок ќе настапи КУД „Бисер“ и КУД „Нико Пусоски“, додека на (14-ти јануари) недела ќе се реализира Божикен концерт во НЦУК „Кочо Рацин“
Во прилог ви доставуваме фотогалерија преку нашиот објектив од вчерашниот настан: