Во илјадагодишното постоење манастирот поминал низ различни периоди и епохи, се соочувал со различни предизвици, кои ги носело времето, а денес кога станува збор за Бигорската обител, невозможно е да не се спомене зборот „препород“ – било да се зборува за славното минато на манастирот или да се суди за денешните негови дела, особено во насока на помошта, која ја пружа на социјално загрозени лица, но и оние кои се борат со секаков вид зависности.
Скопје, 18 октомври 2020 (МИА) – Илјада години одбележува денеска еден од најстарите манастири во земјава, Бигорскиот манастир, основан во далечната 1020 година од првиот Охридски Архиепископ Јован Дебранин.
Посветен е на Свети Јован Крстител, за кој во христијанските списи се вели дека „меѓу родените од жена нема поголем од него“.
Во илјадагодишното постоење манастирот поминал низ различни периоди и епохи, се соочувал со различни предизвици, кои ги носело времето, а денес кога станува збор за Бигорската обител, невозможно е да не се спомене зборот „препород“ – било да се зборува за славното минато на манастирот или да се суди за денешните негови дела, особено во насока на помошта, која ја пружа на социјално загрозени лица, но и оние кои се борат со секаков вид зависности.
Педесет монаси и монахињи брои денес Бигорската обител и претставува една од најголемите монашки заедници на Балканот. Тие се распределени во четири манастири, од кои Бигорскиот манастир и Манастирот на Свети Великомаченик Георги Победоносец во Рајчица се административно поврзани, а другите се во Манастирот Благовештение на Пресвета Богородица – Пречиста во Кичево и на Свети Свети Великомаченик Георгиј Победоносец во Кнежино, Кичевско и тие се само под духовно раководство на епископот Антаниски г. Партениј, а имаат свое самоуправување.
Партениј кон крајот на јули 1995 година, откако одредено време престојувал во манастирот Григоријат на Света Гора, по враќањето во земјава добил задача да го обнови Бигорскиот манастир. Тогаш 24-годишниот Зоран Фидановски, со благослов на надлежниот Дебарско-кичевски митрополит г. Тимотеј ја започнува својата монашка посветеност, за обнова и продолжување на вековната духовна традиција во древното македонско православно светилиште – Бигорскиот манастир.
По упокојувањето на последниот монах и игумен, отец Спиридон, во 1948 година, монашкиот живот во Бигорски бил сосема згаснат, а богослужението прекинато. Храмот на Свети Јован Претечата бил целосно запуштен и нечист, конакот Долни палат – само еден несоодветно принаправен објект, Горни палат во распаѓање, немало ни соодветна електрична инсталација ни водоводна мрежа, ниту некакви основни услови за живот.
Знаејќи дека духовната обнова на секој манастир започнува, пред сè, со обновата на литургискиот живот, отец Партениј го воведува редовниот православен богослужбен циклус, според светогорскиот типик и ред на богослужење. Тој посветува посебно внимание на раскошните бденија за поголемите празници, особено за Велигден.
За нешто повеќе од две децении вратен е стариот сјај и убавина на манастирот. Најпрвин во 2001 година, во тоа особено тешко и неизвесно време, потполно е возобновен и духовно заживеан манастирскиот метох – женскиот манастир посветен на Свети Великомаченик Георгиј Победоносец во Рајчица, каде денес се подвизуваат монахињите. Само две години подоцна, Партениј заедно со монашкото братство, се зафаќа со комплексниот и доста макотрпен проект: целосна реконструкција и враќање на автентичниот изглед на Долни палат – конакот кој бил уништен во пожар во 1912 година. Неговиот труд е крунисан во 2006 година, со свеченото осветување на новото прекрасно здание.
Во 2009 година, поради сплет на околности, вклучително и големиот пожар на Горни палат, започнува градбата на нов конак, наречен Источен палат. Паралелно со ова се одвива и автентичната возобнова на опожарениот Горни палат. По пет години интензивно градење, резултатите се видливи во препознатливиот лик на новиот конак, кој се надгради на старите ѕидови што го преживеаја пожарот.
Во меѓувреме се извршуваат и други градежни потфати, како на пример, впечатливиот дрвен храм посветен на Свети Серафим Саровски во скитот кај манастирскиот овоштарник, изградбата на храмот во византиски стил во село Ростуше, посветен на Пресвета Богородица, како и новиот манастирски метох „Св. Св. Кирил и Методиј“ во село Битуше, каде игуменот, подготвува место за духовно образование на најмладите.
Манастирот потекнува од само една икона
Долга и макотрпна е историјата на ова древно светилиште на православните христијани, но и големо културно богатство за државата, а според списите таа почнува со иконата на Свети Јован Крстител.
Според преданијата во времето кога со големото Ромејско царство управувал Василиј Втори (976 – 1025), а на овие простори, пак, царувал Самуил (976 – 1014) во прекрасните и мистични падини на Бистра се подвизувал некој многудобродетелен монах, по име Јован, кој потекнувал од дебарскиот крај. Подвижникот Јован негувал голема љубов кон „најголемиот меѓу родените од жена“ – Свети Јован Крстител.
Еднаш, во шумата, кај изворот што бил во близина на неговата испосница, Јован здогледал некаква силна и чудесна светлина меѓу дрвјата, што како огнен столб се издигнувала кон небото. Кога се приближил, видел како над источникот, oзарена со необичен блесок, лебди икона со ликот на Свети Јован Крстител.
Восхитен, но и обземен од страв, Јован паднал на колена и му оддал благодарност на Бога и на Неговиот Крстител. Потоа, земајќи ја иконата со голема побожност и страв Божји, веднаш се погрижил да ѝ изгради привремен соодветен дом. Направил мал параклис, во којшто ја сместил иконата и секој ден му се молел на светецот. Се верува дека оваа света икона дошла на овие простори од Исток, од каде што најверојатно и потекнува.
Ромејскиот цар Василиј Втори, дознавајќи за исклучително добродетелниот живот подвижникот, во 1018 година го назначил за архиепископ на славната Охридска Архиепископија, а во 1020 година тој таму подигнал храм во чест на Свети Јован Крстител, каде што ја положил светата и чудотворна икона. Набргу околу тој храм се собрало големо монашко братство, а Јован Дебарски станува првиот ктитор на Бигорската обител.
За време на своето постоење манастирот преживеал многу несреќи. Најмногу настрадал за време на турското ропство, кога неколкупати бил рушен и пален. Oсобено големо штета претрпел во времето на османлискиот султан Селим Први (1512-1520), кога бил до темел разрушен.
Според преданијата, на двапати кога манастирот претрпувал пустош, иконата на Свети Јован Крстител на чудесен начин исчезнувала и се селела на друго место, а кога опасноста поминувала, таа повторно се враќала. Големата возобнова на Бигорската обител почнала во времето на игуменот Иларион (1743 – 1781/2), кога доаѓа и до процут на монашкиот живот.
Местоположбата на манастирот била таква, што тој се наоѓал во најразбојничкиот крај на Западна Македонија. Во тоа време над него демнеле многубројни опасности. Во 1814 година против монашкото братство се кренал локалниот моќник, дебарскиот Јусуф-бег, кој имал намера да го разруши манастирот и да го претвори во теќе. Но на 8 септември Јусуф-бег бил ранет и на 21, истиот месец, умрел. Кога го погребувале, според преданијата, од небото паднал силен град и страшни грмотевици, што погубиле 20 души од луѓето на Јусуф-бег. Исплашени, преостанатите агарјани се разбегале.
Во историјатот на манастирот се наведува и дека кон средината на XIX век, Свети Јован му помогнал и на некој турски бег од Албанија, којшто имал болно дете. Манастирот низ годините уживал голема почит и кај припадниците на другите религии, манастирските врати деноноќно биле отворени за сите што доаѓале, без разлика на верата и етничката припадност.
Манастирот почнал да венее во времето на социјалистичкиот режим. Во него не се одржувале богослужби, немало монаси, кои ќе го одржуваат во живот и бил сведен на функција на обичен музеј на мртви предмети. Возобновувањето почнало со активностите на неговиот игумен, архимадритот Партениј.
Уникатен иконостас – дело на мијачките копаничари
Манастирот е специфичен по изгледот, а неговото внатрешното уредување и декорација ги започнал игуменот Арсениј уште во 1810 год. А најимпресивниот украс во црквата и она по што е познат овој храм е иконостас, врвно дело на мијачките копаничари, кои, по својата вештина на обработка на дрвото, останале ненадминати и до ден денес. Тоа се прочуените Петре Филиповски – Гарката од село Гари, со неговите помошници и Макариј Фрчковски од Галичник. Тие ова монументално дело го завршиле за зачудувачки кратко време, од 1830 до 1835 година.
По својата архитектоника тој е сличен на двокатните иконостаси, што најпрво се среќаат во Атос (Света Гора), а потоа и по целиот Балкански Полуостров. Желбата на Арсениј била – иконостасот на манастирот да биде еден од најубавите дотогаш. Затоа решил да ги ангажира најдобрите мијачки копаничари и најдобрите зографи за тоа време, што придонело иконостасот да ги надмине сите други со својата уникатност.
Покрај човечката фигура, во декорацијата на иконостасот присутни се и разновидни животни, како и цветни мотиви. Сиот тој сплет е остварен во една пријатна хармонија, преку претходно изготвениот цртеж – план на мијачките резбари. Нивната стрпливост да длабат во дрвото и на толку мал простор да изрезбаат толку голем број на сцени од Светото Писмо, буди вистински восхит кај луѓето.
Иконостасот е прилагоден на димензиите на црквата. Затоа овде се наоѓаат три реда икони, што е редок случај, бидејќи почесто се среќаваат иконостаси со само два реда икони.
Налик е на светогорските иконостаси од XIX век, со централно поставени царски двери и два странични влеза, на јужната и северната страна. Царските двери се двокрилни и богато исполнети со резби и иконопис со претстава на „Благовештение“.
Покрај „Благовештението“, мајсторите резбари изработиле уште една композиција од животот на Христос, потоа едно од неговите чуда – Исцеление на слепиот, како и „Истерувањето на трговците од храмот“.
Грижа за најранливите
Освен негувањето на духовната традиција, Бигорскиот манастир денес е познат и по грижата за лица кои имаат проблеми со зависности. Идејата за згрижување и лекување на зависници во Бигорскиот манастир, се родила сосема спонтано, велат од манастирот, откако сè поголем број зависници почнале да доаѓаат во него, барајќи помош и решение и лек за својата тешка болест.
Дваесетина години манастирот ги отвара ширум своите врати за овие лица, а тие можат да го започнат своето лекување, откако претходно ќе стапат во контакт со игуменот на Бигорската обител, Партениј и во разговор со него доброволно ќе прифатат да останат толку време, колку што е потребно. Најчесто станува збор за период од шест до 12 месеци.
За нивно сопствено добро, како и заради доброто на останатите зависници што тука се лекуваат, во манастирот е забрането внесување на цигари или наркотици, освен по претходен договор со отците од манастирот, за одредени медикаменти што ќе бидат потребни во детоксификацијата.
Веднаш штом ќе пристигне, зависникот го добива своето место во заедницата, ги дели со монасите и гостите сите услови што ги нуди манастирскиот живот – сместување, храна, комуникација со веќе поискусните рековалесценти, заради побрзо и полесно прилагодување на манастирскиот амбиент и секојдневие. Но затоа, пак, тој се обврзува задолжително да го почитува востановениот ред и манастирскиот живот, но и да исполнува одредени обврски, кои ќе му бидат доделени (работа во кујна, во манастирската градина и овоштарник, градежни активности, одржување на дворот и манастирската околина…). Сето тоа му помага на зависникот во надминувањето на почетните физички и психички кризи, а подолгорочно, за зацврстување на неговиот карактер и духовно растење, велат од манастирот.
Лекувањето се одвива во две фази. Првата фаза се состои од детоксификација, трае само неколку дена и доколку е неопходно, во тоа време се даваат одредени количини медикаменти за полесно надминување на физичката криза, наредната фаза е подолготрајна и во неа се случуваат суштинските чекори за духовна обнова на личноста.
Стотици лица со различни проблеми на зависност побарале и добиле помош во манастирот и потоа се ресоцијализирале и реинтегрирале во нормалниот општествен живот, додаваат оттаму.
Благодатниот оган
Токму од Бигорскиот манастир почна традицијата на пренесување на благодатниот оган од Ерусалим на Велигден во нашава земја. Прв пат во земјава оганот беше донесен во 2009 година, на Велигден, во организација на отец Партениј, а тогаш преку пријатели од Грчката црква беше преземен од Солун. Огнот пристигнувал приближно околу полноќ, кога всушност и треба да започне пасхалната богослужба.
Во манастирот со разгорувањето на кандилата и свеќите со Благодатниот оган во православните храмови и со трикратно кружење околу храмот, започнува пасхалната богослужба.
-Чудото на Благодатниот оган прв пат се појавил токму во моментот кога Господ Исус Христос, озарен од несфатлива и непристапна Светлина, се вратил од светот на мртвите, за да се прослави со Своето Воскресение. Таа иста Светлина го исполнува светиот гроб, секоја година за време на службата на Велика Сабота, велат од манастирот и додаваат дека Благодатниот оган е едно постојано Божјо чудо што секоја година се случува на Велика Сабота, во Господовиот гроб во Ерусалим.
По завршувањето на Светата Литургија на Велигден, верниците со свеќи и фенерчиња го пренесуваат во своите домови и ги палат со него домашните кандила, за благослов на домот, но и за благодарно сеќавање на Христовото Воскресение.
Манастирот е познат по масовните собири на верници токму на Велигден. Се собораат и по околу две илјади верници од речиси сите краеви на земјава кои остануваат таму и по неколку денови, но има и странци.
И покрај сложената ситуација поради ширењето на Kовид-19 и затворените граници меѓу државите и оваа година на Велигден во земјава пристигна Благодатниот оган, од соседна Грција, од аеродромот во Атина.
Корона кризата го погоди и нормалното функционирање на манастирот, каде вообичаено и во деновите кога нема поголеми црковни празници се собираат голем број верници, но и туристи кои сакаат да го посетат овој историски, архитектонски, културен и духовен бисер на Македонија.
Илјадагодишнината на Бигорскиот манастир ќе се одбележи на централната прослава денеска со почеток во 9:00 часот со Божествена архијерејска литургија, со која ќе чиноначалствува Архиепископот Охридски и Македонски г. г. Стефан, во сослужение со своите собраќа од Светиот Синод на МПЦ-ОА.
По завршувањето на литургијатаќе се обрати и покровителот на илјада годишнината од постоењето на манастирот, претседателот на државата Стево Пендаровски, а целиот настан се одвива по строгите протоколи за заштита од пандемијата на Ковид-19.
Ана Цветковска