Млади македонисти од Источна Македонија во посета на Библиотеката на Бигорскиот манастир. Целта – да се осознае книжевноста, поводот – двоен. Имено, посетата се реализираше во рамки на месецот на љубители на библиотеки, како и пред неколку дена одбележаниот Меѓународен ден на мајчиниот јазик. Како што велат тие, мотивот, пак, е во уникатноста на македонските библиотеки, коишто чуваат ретка книжина, богат библиотечен фонд и во поново време сè поиновативни услуги за читателите.
„Посетата на Библиотеката во Бигорскиот манастир е иницирана поради симболиката на четирите столба во неа што не се обично архитектонско решение, ами се поврзуваат со четирите клучни столба на словенската писменост претставени преку светите Кирил, Методиј, Климент и Наум. Она што младите македонисти, меѓу другото имаат прилика да го воочат и да го визуализираат на база на теоретските знаења, се резбите со глаголица од поново време изразени на влезната врата од Библиотеката; епиграфските натписи во Бигорски и во Рајчица; старите книги и, секако, наставата во природа во комплексот на едно од најголемите духовни светилишта“, истакна Милена Ристова – Михајловска, предавач.
Студентите меѓу другото, во рамки на студиската посета имаа можност преку интеракција да ги споделат сознанијата и преку креативност да ги искажат фактите од овој крај. Со помош на нагледни средства, работилници, истражувања и на практичен начин го изложија она што го работеле и учеле во претходниот семестар по предметот Средновековна книжевност. На предавањата зборуваше и професорката Ана Витанова – Рингачева, која на студентите им го доближи фолклорот и традициите во тој крај во рамки на предметот Народна книжевност.
Манастирите Бигорски и Рајчица ги посетија студенти од прва и четврта година на Катедрата за македонски јазик и книжевност. Активностите се во рамки на проект од национален интерес, а се реализираа со благослов на Игуменот и Епископ Бигорски, г. Партениј и логистичка поддршка од АКАДЕМИЈА ЕУРОАРТ и Филолошкиот факултет во Штип.
Ребека Спасова М-Нет