Педесетина зависници се враќаат во нормалниот живот со разговори, молитви, богослужби, и изработка на сувенири
„По десетина години се оттргнав од канџите на дрогата. Кога дојдов во Бигорскиот манастир се наоѓав на работ на бездната, само што не се струполив во неа за засекогаш да ме снема од овој свет. Тука престојував повеќе од две години и чувствувам дека сум целосно излечен и повеќе не сум зависен од хероин. Формирав семејство, имам две деца и многу сум среќен. Редовно доаѓам во манастирот да им помагам на монасите, оти се чувствувам како дел од ова духовно светилиште“. Со овие зборови триесетгодишниот М.З. од Скопје, кој десетина години бил зависник од хероин, ја раскажува својата животна приказна како успеал да се избави од прегратките на смртта и денес да биде успешен и семеен човек.
Тој е еден од педесетината млади луѓе кои во изминатиот период успеале да се оттргнат од дрогата во лекувалиштето на архимандритот Партениј, игумен на Бигорскиот манастир.
„Првите денови во манастирот ми беа многу тешки. Во мојата душа се јави силно чувство на покајание и вина проследена со самоосудување. Не можејќи да го издржам тоа, плачев и така заспивав. На богослужбите Го молев Бога да ми прости што дотогаш сум грешел. Барав прошка од родителите, од другарите и блиските, им се извинував на сите на кои на некој начин сум им погрешил“, се присетува на почетоците од лекувањето, еден 23 –годишен гостиварец.
Со разговори со игуменот Партениј, молитви, присуствување на богослужбите, занимавање со сликарство и изработка на сувенири, зависниците од дрога успешно се лекуваат и набрзо се враќаат во нормалниот живот. Во Бигорскиот манастир, зависниците од дрога, покрај духовното прочистување, стекнуваат и работни навики и искуства од повеќе области, како подготвување храна, изработка на сувенири, земјоделство и овоштарство, сликарство и слично.
Според архимандритот Партениј, игумен на Бигорскиот манастир, наркоманијата не е соматска болест, туку болест на телото, душата и духот. Тоа, според него, е уште едно од искушенијата на човечкиот род, порок кој расте на темелите на бездуховноста и желбата да се најде мир без духовен напор. Со негова помош, досега педесетина млади луѓе биле излекувани и вратени на вистинскиот пат, по што често навраќаат во манастирот за да ја изразат својата благодарност што успеале да се оттргнат од канџите на дрогата.