Во духот на традицијата востановена минатата година, на денот на светиот Великомаченик Георгиј, кој годинава се совпадна со празнувањето на Живоносниот Извор на Мајката Божја – Балаклија, уште две нови сестри се удостоија да се облечат во ангелски образ, збогатувајќи ја Пасхалната радост којашто владееше во манастирот.
Во богато украсената манастирска црква, мноштво верници, понесени од торжеството и благодатта на Христовото Воскресение, со восхит и скрушена молитва го следеа пристапувањето на овие две искушенички, кои Го беа избрале Христа за свој Жених, заветувајќи се да Му служат до крајот на својот живот.
Трогателна беше глетката кога сестрите лежеа крстовидно пред олтарот, покажувајќи ја на тој начин подготвеноста да го распнат стариот човек кој му робува на светот и да се родат како нов човек во Христа. Потоа сестрите ги приклонија своите глави и примија постриг од раката на Неговото Високопреосвештенство г. Тимотеј, кој чиноначалствуваше со вечерната празнична богослужба.
Сестра Јулијана, во монашки постриг Кирјакија, е родена на 04.02.1981 год., во Скопје, има завршено средно образование, а сестра Соња, со монашко име Анастасија, е родена на 07.11.1976 год., во Радовиш,
има завршено високо образование на Филолошкиот факултет во Скопје.
Како духовни рожби на нивниот старец, архимандрит Партениј, игумен на Бигорскиот манастир „Св. Јован Крстител“, сестрите за време на тригодишниот период на искушеништво во манастирот, духовно растеа и созреваа под неговата духовна закрила.
Сестрите се заветија дека преку послушание, непридобивање на материјални нешта и целомудрен живот, што се воедно трите монашки завети, ќе се трудат да го очистат своето срце, стекнувајќи блажено смирение и божествена љубов, правејќи го на тој начин достоен дом за Нашиот Спасител – Христос.
Вака очистеното срце на монахињата подготвено е со љубов во себе да го прими целиот свет, да се моли и да сострадува со него. Стремејќи се кон тој монашки идеал, сестрите со љубов се трудат да го исполнуваат секое послушание на својот старец.
Празнувањето на празникот на големиот Великомаченик Георгиј продолжи со сеноќно бдение во чест на патронот и свечена Архиерејска Литургија со која чиноначалствуваше Митрополитот г. Тимотеј, и на која присуствуваа голем број верници и посетители.
Еромонах Доситеј