Вратен првобитниот сјај на Бигорскиот манастир

Новите зданија се извишуваат во познатото древно македонско светилиште

Извршена е реконструкција и надградување на постојниот конак, таканаречениот „Долни Палат“.

Во подрумските простории на конаците, меѓу ѕидовите се пронајдени таваници од резба, изработени од познати мијачки зографи.

Во комплексот на манастирот „Свети Јован Бигорски“, есента 2003 год., започнаа активностите за реконструкција и надградување на конакот во југозападниот дел на манастирот, таканаречениот „Долни Палат“, кој со децении беше запоставен и оштетен од забот на времето. Монашкото братство предводено од архимандрит Партениј, игумен на Бигорскиот манастир, го реализира овој огромен зафат со единствена цел: да се врати првобитниот лик на ова древно духовно светилиште, каков што бил пред конакот да биде зафатен од големиот пожар што се случил во 1912 год., и секако конакот да биде достапен за верниците и за сите оние кои сакаат да се одмараат во духовен мир.

Архимандрит Партениј со големо задоволство ни ги презентира новите зданија кои се извишуваат на влезот во манастирот. Архитектурата на влезната порта плени, а на секој посетител му застанува здивот од новиот (првобитен) лик на Бигорскиот манастир. Ѕидовите кои се изѕидани со камен карактеристичен за мијачката архитектура, одлично се вклопени во природниот амбиент, како и во амбиентот на другите конаци и манастирската црква. Високите и пространи чардаци како да висат во просторот, а по прошетката низ обновените и надградени конаци, збогатени со кабинети, работни простории, апартмани, чардаци и прекрасен параклис, се добива целокупна претстава за големите вредности на Бигорскиот манастир. Сe што е изградено, а изградено е многу, како што потенцира игуменот Партениј, е по Божја волја и со голема помош на верниците и на неколкуте донатори, за целосно да ја реализираме замислата и на народот да му подариме прекрасни манастирски конаци, да ја продолжиме традицијата на оние генерации, кои со голема љубов го граделе и го чувале овој духовен храм. На Бигорскиот манастир му го вративме изгледот и содржините од пред сто години.

-Проектот го изработи познатиот македонски архитект Ѓурѓица Лековска врз основа на зачувани фотографии и други документи, ни објаснува игуменот Партениј. Санацијата што била извршена од 1927 до 1930 год., не била адекватна на првобитниот изглед. Се чини дека верниците во тој период немале економска моќ, а веројатно влијаеле и политичките и другите односи кои биле присутни во тоа време на Балканот. Од првобитната поставка беше останата само западната фасада во долните нивоа, кои биле изградени со камен.

„Долни Палат“ ја доби поранешната надворешна физиономија.

Изградени се високи и пространи чардаци, кои се поставени на еркери и се вклопени во целокупниот амбиент на манастирскиот комплекс. Манастирските одаи се современи и направени според сите стандарди, со посебни бањи и тоалети, а има и неколку апартмани. Во овој дел се изградени и работни простории за архимандритот, како и за надлежниот архиереј. Во следните два месеци планирано е да се набават потребните средства за внатрешно опремување. Исто така, останува да се завршат работите околу живописот на Параклисот.

Во подрумските простории на конаците, меѓу ѕидовите, добро заштитени од оштетување, беа пронајдени таваници изработени од резба, од тајфите на мијачките копаничари Петре Филипоски – Гарката и Макариј Фрчкоски, кои го изработиле иконостасот на црквата на манастирот, што претставува ремек-дело на уметноста. И овие апликации, како и иконостасот, се изработени на ореово дрво и содржат елементи од животинскиот и растителниот свет. Тие се спасени и заштитени од уништување и поставени се на таваните во обновените конаци, така што со својата специфичност уште повеќе го разубавуваат просторот.

Посетителот, разгледувајќи го Бигорскиот манастир, добива впечаток дека се наоѓа во некој „нов“, а сепак архаичен манастирски комплекс, прекрасен со својата монументалност и архитектура, при што од целиот простор зрачи духовност и топлина. Во овие летни денови манастирот масовно е посетуван од домашни и странски туристи. Сите се воодушевуваат од неговата неповторливост, неговата убавина каде во хармонија се надградило и Божјото и човечкото.

На заминување, архимандритот Партениј ни рече дека градежните активности не завршуваат со реконструкцијата на „Долни Палат“. Следната година планирано е да започне изградбата на манастирските конаци на источната страна, со што манастирската црква „Св. Јован Крстител“ ќе се поврзе со новите конаци, па така, како што било во минатото, просторот целосно ќе се затвори и само западната страна ќе остане отворена – од таму ќе можат да се набљудуваат Крчин и бистрата и пенлива Радика.