Пречистански послушанија…

Загрнат од чистите природни красоти, сотворени непосредно од раката на Творецот, Манастирот на Богомајката Пречиста крај Кичево го продолжува вековниот молитвен шепот и славословие кон Него. Во манастирот, новото монашко сестринство, благословено од нашиот монахољубив Митрополит г. Тимотеј и духовно родено и израснато од нашиот Старец, Архимандрит Партениј, со апостолска ревност го продолжува делото што го започнале и за кое неотстапно се бореле богоугодните предци, создатели и градители на тој Христов светилник на врв планина. Секојдневните редовни богослуженија, работите во манастирските штали, овоштарници, ливади и пчеларници, производството на сирење, расчистувањето на конаците, нивната доградба и обнова…, се само еден дел од послушаниjата кои Пречистанската Обител Му ги принесува на предобриот наш Бог за  духовна полза и спасение на мнозина. И би било нецелосно ова наше писание, доколку не би ги спомнале со благодарност и долгогодишните верни служители на големата Светиња, дедо Боге и дедо Ѓорги – навистина, дедовци по години од земниот живот, но според душите нивни – мали деца на Пресветата Богородица, кои така искрено и со љубов се грижат за манастирското стопанство и за ќерките Господови. Тука се редовно и нашите млади кичевчани и битолчани, духовни чеда на Старецот, секогаш подготвени пожртвувано да помогнат…

Нека Сепреблагословената Владичица наша Богородица, која никогаш не дозволила нејзиниот славен манастир да остане лишен од монашкиот род, ги благословува и овие нејзини избранички и сите што се трудат за благолепието на нејзиниот дом над Кичево!