Осветување на манастирскиот Параклис во манастирот „Свети Георгиј“ – с. Рајчица

Манастирот „Свети Георгиј Победоносец“ се наоѓа на два километри од Дебар во селото Рајчица. Сместен веднаш под магистралниот пат за Маврово, не може, а да не се забележи со својата грандиозност и убавина.

Уште при влегувањето во неговиот двор може да се почувствува вечноста која лебди како исон во воздухот. Благодатта од светите мошти на Великиот маченик Георгиј, како и од многуте други свети мошти од разни светии кои пребиваат тука, прават во ова светилиште да може опипливо да се почувствуваат небесата.

Неодамна (во 2000 г.) со молитви пред Бога и пред Светиот Георгиј и со пожртвувани заложби на надлежниот митрополит Дебарско-кичевски,г. Тимотеј, како и на Бигорскиот игумен, неговото високопреподобие Архимандрит Партениј и неговото братство, а секако и поради плодниот монашки живот во Бигорскиот манастир, повторно беше возобновен овој потполно разурнат и руиниран метох на Бигорскиот манастир – Свети Јован Крстител, посветен на Великиот Христов маченик Георгиј.

При повторната изградба посебно беше положено внимание на стилот на градбата. Иако се градеше по најсовремени стандарди и норми, сепак, беше запазен традиционалниот православен архитектонски стил, што резултираше со едно прекрасно здание, коешто со својата велелепност, подобно на маченичкото дело на Свети Георгиј, ќе сведочи за духовноста и плодовите на ова време во идните векови.

Освен молитвеното застапништво на свети Георгиј и на нашите отци, неминовно е да се споменат и бројните дарители, украсители и соработници, кои со својата несебична помош, помогнаа во реализирањето на идеите и замислите.

За прекрасната проектантска осмисленост на овој комплекс се заслужни дипл. инж. архитекти Љупчо, Лилјана и Елена и стручниот надзор на г. Русе Петрески, кои по напатствијата и консултациите со игуменот и монасите, постигнаа една прекрасна практичност и функционалност за монашко живеење. Компатибилноста меѓу духовноста и плодниот монашки живот во Бигорскиот манастир придонесе и за брзото основање на монашко сестринство во овој манастир веднаш по неговото обновување.

Иако манастирската црква посветена на Св. Вмч. Георгиј од 19 век е во одлична состојба, посебно после нејзиното реставрирање од функционални причини, во склоп на манастирот е изграден и манастирскиот параклис посветен на св. Григориј Палама, св. Нектариј Битолски и св. Јован Кукузел.

Изградбата на манастирски параклиси востановена е во традицијата од практични причини. Параклисите се особено потребни во зима заради студот, за да се служи во нив (како во помали цркви), а во поголемите манастири – Лаври и заради бројноста на монасите, но освен тоа и заради желбата да се има повеќе светилишта во манастирот, посветени на разни светители. Па така, во поголемите лаври има и по повеќе параклиси.

Параклисот во манастирот во село Рајчица се вклопува во велелепноста на целиот манастир. Освен со својата убавина во градбата, се истакнува и со својот живопис, кој мајсторски го изработија зографите Тони и Васе Чуркоски од Струга. При сликањето на живописот посебно е запазена источната православна сликарска традиција. Затоа при гледањето и на фреските и на иконите, може да се почувствува мирисот и убавината на минатото. Духовното чувство од минатото е втиснато на грундот и малтерот на фреските.

По целосното завршување на внатрешноста на параклисот, комплетирањето на целиот живопис и престолните икони, изработката на дрвениот иконостас во резба, како и целокупното негово украсување, следен чекор што требаше да се направи беше и неговото осветување.

Осветувањето го изврши надлежниот митрополит Дебарско-кичевски г. Тимотеј во сослужение со игуменот на Бигорскиот манастир Партениј, игуменот на Светинаумовиот манастир, архимандрит Нектариј, јеромонасите на Бигорскиот манастир, со свештенството од Дебарско-кичевска епархија и од Повардарската епархија, и со присуство на монаштвото и на многубројни благонаклоници и на двата манастири.

Денот за осветување беше избран како што и доликува, кога се слави споменот на бранителот на исихазмот Св. Григориј, како и на св. Бенедикт Нурсиски, односно втората недела од Великиот Пост, на 27/14.03.2005 година.

Осветувањето се изврши во духовна и свечена атмосфера со умилителното, богооткриено и ангелско источно традиционално пеење од новите гранчиња (новите сестри монахињи) на традиционалното монашко дрво во овој манастир, дрво кое вкоренето во вечноста постојано дава нови плодови. Во текот на целиот чин се чувствуваше Божјото присуство што како благоухание се ширеше низ воздухот. Младите фиданки на монаштвото во овој манастир разлистаа со нови плодови. Така, умножувајќи ги духовните таланти, монахињите во овој манастир го украсија тоа коренито дрво со нови плодови. Освен интелектуалните активности – преводи на книги од странски јазици, изработка на разни ракоделија со молитва, шиење на монашки облеки и др., тие за прв пат во овој манастир и единствено во нашата држава, започнаа со изработка на епископски митри, кои со својата богата украсеност и уникатност за кратко време станаа надалеку прочуени, па митрите од манастирот во Рајчица можат да се најдат и во околните Православни држави, а преку нив и подалеку. Како и низ целата наша историја кога разните наши производи можеле да се сретнат секаде, издвојувајќи се со својата убавина, така и сега овие наши митри ќе сведочат за едно историско време, како духовен и молитвен плод изработен овде, кај нас, во Македонија.

Останува уште и да им заблагодариме на Бога, на светиот Вмч. Георгиј и на сите кои го поттикнаа, го помагаа и се залагаа за реализирање на ова дело, оние кои се вградија во ѕидините и духовното ткиво и на двата манастири – (Бигорскиот и неговиот метох во Рајчица), односно на сите спонзори и помагачи. На сите нив Великиот Троичен Бог нека им даде благослов и умножување на небеските дарови, а ова светилиште, од коешто како од духовна оаза зрачи Христовата вера на овие простори, нека го чува вечно, целовито и возвишено.

Свештеник Сашо Ристески