Нови монашења во манастирот „св. Георгиј“ – Рајчица

Во предвечерието на денот кога светата Православна црква го слави споменот на светиот вмч. Георгиј, во манастирот Св. Георгиј Победоносец во Рајчица, метохот на Бигорскиот манастир, започна прославувањето на манастирската слава. Во празнично накитениот храм најсвечено беа изложени за поклонение украсени чудотворни, благоухани и исцелителни мошти на свети Георгиј (дел од раката) Откако овие свети мошти се наоѓаат во манастирот, мноштво верници доаѓаат да им се поклонат.

Надлежниот архиереј, митрополитот Дебарско – кичевски г. Тимотеј, во сослужение на свештенослужителите од братството на Бигорскиот манастир, архимандритот Нектариј од манастирот св. Наум Охридски, дебарскиот парох о. Благој Спироски и свештенослужители од Дебарско – кичевската и Повардарската епархија, ја започна светата и празнична вечерна богослужба.

По прокименот, со свечена литија, држејќи запалени свеќи во рацете, свештенослужителите со пеење на стиховите: „Побрзај да ми ги отвориш татковските прегратки…“ ги пречекаа двете послушнички, кои во периодот од три години се подготвуваа за примање на ангелскиот чин – монашката схима.

Чинот започна со прашањето од страна на Митрополитот: „Зошто си дојдена сестро?“ А потоа двете сестри ги дадоа заветите за послушност, девственост и сиромаштво. По полагањето на заветите, сестрите Тихомира и Елизабета ги добија монашките имиња Харитина и Елисавета.

Во световниот живот сестра Харитина го носеше името Тихомира Јакимоска. Родена е на 27.02.1983 год., во с. Кадино, Скопје. По завршувањето на средното медицинско образование во Скопје, замина на студии во Охрид на факултетот за Угостителство и туризам – Царина и шпедиција. Бидејќи подолго време во себе ја носеше желбата за монашки живот, набрзо стапи во манастир, во „Белиот дворец“ на св. Георгиј. Овие три години како главно послушание ја имаше манастирската градина, којашто преку нејзиното залагање го зголеми својот род. Исто така го исполнуваше послушанието на главен готвач. Во сестринството се истакнуваше со својата простодушност и ревност.

Сестра Елисавета, која во световниот живот го носеше името Елизабета Георгиева (24.05.1984 год., Гевгелија), по завршувањето на средното земјоделско училиште во Валандово, побудена од стравот Божји се запиша на Богословскиот факултет во Скопје.Доаѓајќи во манастирот пред три години, таа доби главно послушание клисар. Благодарение на нејзиниот труд и залагање, а под будното око на старецот на обителта, архимандрит Партениј, соборниот храм на манастирот непрестајно светли, а кандилата секогаш се беспрекорно чисти и запалени. Таа го има и послушанието на просфорарх. Исто така, едена е од сестрите кои го имаат послушанието околу изработката на архиерејски митри.

После петтолебието, Митрополитот Тимотеј им честита на новопотстрижените сестри и одржа беседа во која истакна:

-Дали вашиот стремеж кон монашкото живеење започна од моментот кога сте се упатиле кон светата обител? Или, пак, во вашите срца се извршил еден долг подготвителен процес на постепено откаживање од светот, додека сте осознале дека сте созреале за вашето призвание? Ние веруваме дека случајности во животот на луѓето нема. И малите и големите настани во животот се по Божја промисла. Да се врви по Христа со самоодрекување не е само за монасите, туку, воопшто, е христијански долг, зашто Исус Христос на сите кои Го следеле и Го следат им ја дал заповедта: Да Го сакаат повеќе од сѐ, па дури и да се откажат од сите свои, од сѐ свое, заради Него. По честитањето од страна на мноштвото верни, кои за оваа пригода дојоа во голем број од сите страни на Македонија, сите беа поканети на трпезата на љубовта.

Следниот ден, истите свештенослужители отслужја празнична утрена, како и архиерејска божествена Литургија, на која митрополитот Тимотеј одржа поучно слово, започнувајќи со зборовите од Евангелието на денот: „Ако светот ве мрази, знајте дека Мене уште пред вас Ме замрази“. Во продолжение накратко го опиша житието на светиот Великомаченик Георгиј, потсетуваќи ги верните на заповедта Христова за љубовта кон непријателите. Потоа се прекрши празничниот леб и повторно се послужи трпеза на љубовта.

Еромонах Доситеј