Со црковно-народен собир и во присуство на голем број верници и црковни високодостојници, вчера беа осветени возобновените конаци на манастирот „Свети Јован Бигорски“. На свеченоста беше одржана и света Литургија со која чиноначалствуваше поглаварот на МПЦ, архиепископот Охридски и македонски г. г. Стефан, а присуствуваа и митрополитите г. Петар, г. Тимотеј и г. Агатангел.
Реконструкцијата на конаците во Бигорскиот манастир почна пред три години, а ја иницираше игуменот на манастирот Партениј. Обновувањето беше финансиски и материјално поддржано од верниците, неколку фирми и од градоначалникот на Скопје, Трифун Костовски.
Возобновените конаци се речиси идентични со поранешните, кои настрадале во пожар во 1912 година, а оригиналниот изглед бил сочуван само на фотографии.
Сегашните конаци во таканаречениот Долни Палат имаат 20 соби со 80 кревети, мала црквичка (параклис) и придружни простории со вкупна површина од 2.400 квадратни метри.
(З.Г.М.)