ЛИЧНОСТ НА ДЕНОТ – Архимандрит Партениј

Архимандритот Партениј неодамна ѝ стана познат на пошироката јавност кога во Бигорскиот манастир беше осветен возобновениот манастирски конак „Долни Палат“, за чијашто изградба токму тој има најголема заслуга. Во св. Јован Бигорски тој дојде во 1995 год., и ја започна благородната мисија за обнова и продолжување на древната духовна традиција на ова познато македонско православно светилиште, која замре во 1948 год., по забраната за богослужби и претворањето на манастирот во споменик на културата.

Последниве десетина години тој презеде активности за заштита на вредните икони и други црковни предмети, создавани во последните пет века, кои беа оставени на забот на времето.

Благодарение на архимандрит Партениј, Бигорскиот манастир доби, не само прекрасен надворешен изглед, раскошен и богат со архитектура, туку и внатрешен духовен живот, прераснувајќи со тоа во вистински христијански извор на православната вера и македонските традиции и обичаи, рече г. Тимотеј. Со о. Партениј е поврзана и изградбата на женскиот манастир во дебарското село Рајчица, во кој заживеа сестринството.

Верата е главниот извор од кој како дете духовно се напојувал архимандритот Партениј. Тој дипломирал на Богословскиот факултет во Скопје, а извесен период престојувал и на Света Гора.

(К. К.)