Во двата наши познати манастири „Свети Јован Крстител“ попознат како Бигорски манастир и „Свети Георгиј Победоносец“ во дебарското село Рајчица, престојуваа штитеници од Дневниот центар за лица со интелектуална попреченост „Порака Нова“ од Струга.
– Нашите манастири беа удостоени да бидат домаќини на корисниците на Дневниот центар за лица со интелектуална попреченост „Порака Нова“ од Струга. Оваа несекојдневна и за нашите монашки заедници особено радосна посета, беше организирана по иницијатива на Спортскиот центар „Форма Вита“, предводен од Мими Стојаноска, а со благослов на нашиот Старец, Архимандрит Партениј, вели отец Кирил.
Посетата, додава, била дел од проектот „Шириме љубов преку спортот“ што го спроведува СЦ „ Форма Вита“: .
– Овие чисти и светли души од Центарот „Порака Нова“ имаа можност да се видат и да си земат благослов од Старецот на нашите обители, како и да се подружат со дел од браќата и сестрите. Љубовта и радоста што взаемно ги споделивме, јасно се оцртаа на нивните лица, озарени во најубави и најтопли насмевки, посочува отец Кирил.