Едноставно, Бигорската обител и оваа воскресна вечер стана заеднички олтар на љубовта, разгорен од благодатниот оган, кој се умножи во стотици снопови и свеќи, оган во срцата наши.
Вдахновениот Архимандрит Партениј пак, дополнително ги загреа срцата и на присутните таму и на сите нас покрај малите екрани, со слово проповедно што милува и кое со вера се прима.
Сме виделе ли на друго место толку поинаква, восхитувачка, чиста, евангелска радост на едно место?!
Озарените лица и блесокот во очите на монасите од Бигорското братство не можеа да бидат лага, поинаку, како сите ние, преку нив, ја примивме, исто така, воскресната радост, таа полнота на љубов, која ни ја испрати Бог и која сите нас не прозема!
После Христа и смртта веќе не претставува проблем за оној којшто верува во Него.
Воскресна Христос и се оживеа за миг. И стравот од болеста и осаменоста и горделивото барање своја правда и тагата и несреќата и смртта.
Се` препокри, се` обожи, орадости, се` исцели благодатта на воскресната победа над смртта.
Има ли тага што не ја оживува радоста на Воскресението, или болест или страдање или било што друго што е твар?
Каква торжествена радост, вера, надеж и љубов воскликна во илјадници Христоносни срца и овој Велигден, срца, кои најпосле ја видоа незалезната светлина на светлоносниот ден на Воскресението!
Воскресна Христос и повторно се отвори вратата на рајот! Фала на монасите на Бигорската обител, на целата екипа која толку моќно ни го пренесоа празнувањети на овој Ден над сите денови!
Благодатно торжествен собир во Христа, кој не` разбуди, не` исцели, не` подигна, не` охрабри, токму во овие денови на неизвесност, страв, немоќ, обезнадежност, денови на колективно искушение, кое никогаш не сме го почувствувале во нашите животи.
Да останеме во надежна вера и љубов, во насушната потреба од Божјата милост!
Христос Воскресна!
Автор: Мина Даниловска