„Трнови венци“ и за Грчки владици

Манастирот „Св. Георгиј“ во Рајчица – единствено место кај нас за изработка на епископски митри

Сестринството од овој манастир послушанието (обврската) за изработка на митрите го добило од нивниот игумен Партениј кој бил самоук и првиот во Македонија кој го возобнови овој занает, но наедно и највисок критериум за тоа дали тие се добро направени, а, се! – потврдуваат големиот број нарачки, пред сe, од Грција. Изработката на епископска митра е многу благодатна работа, иако е тешка, зашто сe се изработува рачно. Се прави со молитва и е во служба на молитвата. Митрата е дел од богослужбените одежди на епископот кој, откако ќе ја стави на главата, твори молитва, вели монахињата Варвара.

Спокојство и убавина. Тоа е првото чувство што ќе ве обземе откако ќе го пречекорите прагот и ќе влезете во дворот на манастирот „Св. Георгиј“ во Рајчица, Дебарско. Потоа и олеснување, небаре пеколот на секојдневието останал зад вас. Насекаде околу нас божествена убавина. Сеедно на што ќе ви се задржи погледот: на новите манастирски конаци, на старата црква, на цвеќето и зеленилото на чистиот, уреден двор, на Дебарското езеро…

Со убавина ќе се сретнете и внатре, во параклисот фрескописан по примерот на „Св. Богородица – Перивлепта“ од Охрид, потоа во манастирската трпезарија со изработен таван во византиски стил, во… Ваквиот инспиративен амбиент веќе ни го навести одговорот – зошто токму таму се изработуваат креативни епископски митри. Сепак, средбата со младата, нежна и тивка монахиња Варвара, полна со љубов, за Бога, за сe и за секого, како и со дел од искушеничките, беше суштинскиот одговор за тоа како од нивните вредни раце се раѓаат вистински уметнички дела.

ПРОДОЛЖУВАЊЕ НА ТРАДИЦИЈАТА

-Митра, всушност, значи императорска круна и најпрвин ја красела главата на византискиот цар, а подоцна, преку Цариград, митрите се прошириле и во другите православни краишта и станале составен дел од епископските богослужбени одежди. Самата митра го симболизира трновиот венец на Спасителот и наедно укажува на тоа со какво високо достоинство на царско свештенство ги удостоил самиот Христос епископите заради вршење на Светите Тајни.

Инаку, изработувањето на епископски митри е послушание што од минатата година ни е дадено од нашиот игумен, отец Партениј, кој ја возобнови оваа традиција, а со што и нашиот манастир стана единственото место во Македонија каде што денес тие се изработуваат, објаснува сестра Варвара и додава дека отец Партениј бил самоук. Неговата голема љубов и силна желба да го научи овој занает му помогнале самиот со Божја помош да ја открие тајната за правење митри.

И откако се вратил од Света Гора во 1995 година, тој изработил митри за сите наши епископи, вклучувајќи го тука и архиепископот, г. г. Стефан. Не случајно, бугарскиот митрополит Геласиј, инаку врвен мајстор за изработка на митри, за него рекол дека му е достоен наследник. Сега неговите духовни чеда ја продолжуваат традицијата во изработка на „трновите венци“ и тоа, покрај македонските, и за сите останати православни архиереи во светот.

ИЗРАБОТКАТА НА МИТРИТЕ – ТАЈНА

За процесот на изработување митри, сестра Варвара вели дека е сложен и се одвива во неколку фази. Во „нормални услови“ за изработка на една митра е потребен еден месец, со неколкучасовна работа дневно.

Итната нарачка, пак, најчесто подразбира работа преку цел ден. Во целина, митрите, за чија изработка се користат различни материјали, се заедничко дело на сите сестри.

Но, на нејзиното украсување, што е и најнапорниот дел од работата, бидејќи се везе рачно, работат три сестри. Меѓу нив и Варвара, за која другите велат дека најдобро го „испекла“ занаетот. Деталите за нивната изработка се тајна, а впечатокот дека тие многу тежат е погрешен.

Секоја митра, вообичаено, има тврда основа која е украсена со срмен вез, венец кој се додава на долниот дел од основата, јазици кои се спуштаат до венецот и задолжително крст на нејзиниот врв. На предниот дел, кај челото, може да има византиски двоглав орел или икона на Господ Исус Христос. На четирите бочни страни обично се ставаат икони од четирите евангелисти: Матеј, Марко, Јован и Лука. Но, може да биде и поинаква: наместо икони на евангелистите, да има икони на Спасителот, Мајката Божја, св. Јован Крстите и на Рапетието.

Однадвор митрите се украсуваат со штрас, најчесто со циркони, но и со скапоцени камења и со бисери, а се извезуваат со златна жица, наречена сирма. „Кога станува збор за украсувањето на митрите, тогаш имаме слобода да си ја покажеме креативноста. Сe треба да се усогласи и да изгледа сообразено: боите, материјалите..
Главниот збор, на крајот, сепак, го има нашиот игумен, како највисок критериум за тоа што е добро изработено, а што не. Фактот, пак, што сe се работи со молитва многу го облагодатува сето време посветено на митрата.

И, кога за време на службата епископот ја става на глава, тој твори молитва. Митрата се прави со молитва и е во служба на молитвата“, нагласува сестра Варвара.

„ГОСПОД НИ ГО ОДРЕДИ КРСТОВДЕН“

Покрај главната страна во чест на патронот „Св. Георгиј“, втора слава на манастирот е Крстовден. Сестра Варвара ни раскажува како се случило тоа:
„Тој ден е многу значаен ден за нашиот манастир. На тој ден во 1835 год., била осветена црквата, а Господ го одбра истиот ден за да се преосветат темелите на манастирот. Сега имаме дури и честичка од крстното дрво на кое бил распнат Господ Исус Христос, вградена во ѕвездата на иконата на Чесниот и Животворен Крст, која се наоѓа на целивалната во црквата. Ете, тој ден, Самиот Господ ни го одреди за слава“.

ТЕКСТ И ФОТО: ЃУРЃИНА ВАСИЛЕВСКА