Традиционално и оваа година, матурантите од Македонската православна богословија „Св. Климент Охридски“, побараа од Бигорската света обител да испрати свој претставник на матурското поклоничко патување во Царицата на градовите – Константинопол, за време на Светлата седмица. Игуменот на манастирот, нашиот старец Партениј и сега благослови тоа да биде поранешниот ученик на Богословијата, а сега јеромонах во нашето братство – отец Јосиф. Посетата и разгледувањето на најголемите христијански светињи и споменици што преостанале од некогашната престолнина на славното Ромејско царство, беа цел на ова велигденското поклоничко патување на 44-тата генерација млади македонски богослови. За време на престојот во Цариград богословите ги посетија: ненадминатата по убавина и величественост црква „Св. Софија“; храмот „Хора“, каде што се наоѓаат едни од најпрекрасните фрески и мозаици на доцновизантиското творештво; чудотворниот источник на Пресвета Богородица, наречен Балаклија; црквата „Св. Ирина“, каде на Вториот Вселенски собор конечно бил усвоен Символот на Верата; потоа патријаршиската црква „Св. вмч. Георгиј Победоносец“, каде што поклониците се поклонија на чесните мошти на великите учители и светители на Црквата, св. Јован Златоуст и св. Григориј Богослов; прочуеното православно богословско училиште во Халки; Влахернскиот дворец и други знаменитости во градот на св. цар Константин Велики.
Во текот на својата посета на Константинопол, на третиот ден од Воскресението Христово, вторник, матурантите ја посетија и Вселенската патријаршија, каде се удостоија со навистина ретка и убава можност да земат благослов и лично да се запознаат со Неговата Сесветост, архиепископот на Константинопол – Новиот Рим и патријарх вселенски, г. Вартоломеј, кој со големо гостољубие ги прими гостите од Македонија во своето седиште во Фанар. Притоа нашиот старец Партениј не пропушти и во оваа прилика, преку своето духовно чедо, о. Јосиф да испрати поздрави и честитки до Вселенскиот патријарх по повод светлото Христово Воскресение. Потоа јеромонахот Јосиф, од името на Бигорскиот старец и братството и на 44-тата генерација млади богослови му предаде на патријархот и пригоден подарок – прекрасна архијерејска митра, рачно и трудољубиво изработена од монахињите од метохот во Рајчица. Возглавителот на вселенскиот патријаршиски престол со видлива радост го прими подарокот, искажувајќи ја својата голема благодарност.Исто така, на патријархот Вартоломеј му беше предаден и подарок од Неговото Блаженство, архиепископот Охридски и Македонски, г. г. Стефан.Патријархот истакна дека му е особено мило што младите богослови од Македонија го посетуваат веќе неколку години со ред, а го предочи и своето задоволство што е посетуван и од политичари од Македонија, меѓу кои во прв ред е Претседателот на државата, г. Ѓорѓе Иванов, кој само пред неколку дена имаше средба со Неговата Сесветост. Обраќајќи се со татковска љубов, Вселенскиот патријарх им рече на младите богослови дека вратите на Патријаршијата се секогаш ширум отворени за нив и за сите добронамерници од Македонија. Не изостави да каже дека и покрај проблемот што го има во Црквата, кој со тек на време ќе биде решен, Еден е воскреснатиот Христос, Кој во знак на љубовта ги собрал денес заедно, на третиот ден од Велигден, во седиштето на Вселенската патријаршија.