Четириесеточислени атлети, на Битола заштитници и застапници, секогаш подигнувајте ги кон Христа рацете, за и нам да ни излее дождови од благодат.
(Величание на светите Четириесет битолски преподобномаченици)
Блажени сме ние, зашто ни заблеска денес светлозарно торжество, нe озари небесна светлина! Се весели градот Битола, преисполнет со свештена радост! Ете, се покажаа во небозрачна слава светите Четириесет преподобномаченици, тие благоухани цветови на Битола. Да ја славословиме нивната слава, да се радуваме со нивната радост! Радувај се и ти, чудесен храме на великомаченикот Димитриј, зашто беше посетен од Четириесетте Христови страдалници, стана сведок на нивната прослава од земната и небесната Црква. Нe повикаа денеска добропобедните Битолски маченици на духовна радост и ангелска наслада и ни го предложија доброто вино од нивниот подвиг на нас, чедата и браќата нивни по вера и од прекрасната трпеза на нивното победничко торжество, секогаш исполнета со небесно јастие, ги нагостија своите браќа, сограѓани и сродници, кои со срдечна желба во големо мноштво притекнаа да јадат и да пијат на таа трпеза. Притекнаа да пеат благодарствени песнопенија и, радувајќи се, да Го славословат Бога, Кој ги овенча главите на светите Преподобномаченици; со голема радост да ја опкружат светата икона на Христовите воини, сакајќи да земат благослов и да добијата исцеление на душите и телата. И какви јазици и зборови да изнајдеме, ние земнородените, за достојно да го опишеме мигот на неовоземното торжество, кога после малиот вход на божествената Литургија, митрополитот Преспанско-пелагониски, г. Петар, прочита за страдалничкиот подвиг на светите; кога архимандритите и отци наши Партениј и Дамаскин ја изнесоа од олтар нивната прекрасна икона; кога архиепископот Охридски и Македонски, г. г. Стефан го благослови со неа верниот народ. Навистина, неуки се покажуваме со слово да ја искажеме таа чудесна благодат, таа свештена радост, тоа ангелско веселие што ги посети нашите души во тој миг, кога земното со небесното се спојуваат. Тогаш, како да беа присутни и се радуваа заедно душите на сите битолчани, паднати на браникот за верата и татковината. И како подостојно можеше да заврши тоа прославување од земната Црква на светите Битолски преподобномаченици, ако не со свечена литија со нивната икона низ центарот на градот, кој е сведок на нивниот храбар подвиг и непоколебливата им љубов кон Бога и татковината? Беше тоа неопислива глетка да се види: поминува торжествената литија со иконата на Светите, носена на раце од битолчаните Кире Божиновски, Горан Милевски, Ламбе Алабаковски и Александар Најдовски, во созвучие со победничката химна на Пресвета Богородица, возгласувана од лимениот оркестар на МКЦ, а на славниот „Широк Сокак“ стотици и стотици дечиња, облечени во традиционални народни носии и голем број верници, и млади и стари, со радост и љубов фрлаат цвеќиња и гранчиња пред светата икона, оддавајќи им достојна чест, и поклон, и хвала на своите небесни сограѓани, светите Четириесет битолски преподобномаченици.
А на плоштадот „Магнолија“, пред верниците, кои ја докажаа својата вера и љубов кон Битолските светии со тоа што и покрај врнежливото време, излегоа во огромен број, со пригодно слово најнапред се огласи и градоначалникот на градот, г. Владимир Талески:
„Почитувани браќа и сестри, верници и битолчани! Денес е голем ден за Битола, голем ден за Македонија, голем ден за Македонската Православна Црква… Денеска, после многу децении, после многу векови – Господ така сакал – светите Четириесет битолски преподобномаченици се канонизирани. Денеска нив ги прославуваме како светци. Нека ни се напомош! Го имаме св. Нектариј, којшто ни е заштитник на градот Битола, но од денеска ги имаме и овие свети Четириесет преподобномаченици, коишто, исто така духовно ќе бидат секогаш споени со нас. Веруваме во нив! Сите ние, коишто сведочиме за овој настан, имаме голема привилегија, затоа што прогласувањето на светците не се прави секоја година и секој ден. Од името на општина Битола Ви посакувам добро здравје и Ве повикувам сите да се молиме и да ги повикуваме овие Преподобномаченици, да ја заштитат Битола, да ја заштитат Македонија, за доброто на македонскиот народ, за сите наши македонци, за сите наши верници. Нека ни е за многу години!“
На самиот крај од ова небоземно славење, со своја похвална беседа за Мачениците, кон верните се обрати и митрополитот, г. Петар:
„Во името на Отецот, и Синот, и Светиот Дух! ’Крвта на мачениците е семе за нови христијани‘ – така вели св. Кипријан, восхвалувајќи ги мачениците. Еве, и денешниве славеници, светите Четириесет битолски преподобномаченици, ги прославуваме токму поради тоа што тие, со својата света крв ја одбранија и покажаа вистински пример како се брани светата, православна наша вера и татковината. Тие не војуваа со пушки и со топови, тие војуваа со Божјото слово. Тие војуваа со Вистината. А Христос, нашиот Спасител, рекол: ’Јас сум патот, вистината и животот‘. Токму со Христа војуваа, Христа – совршената љубов, совршеното добро, против злото на сатаната и неговите последователи. Денеска, браќа и сестри, и ние треба да војуваме, но не со пушки и со топови. Треба да војуваме со Вистината, како што војувале и овие свети Четириесет битолски преподобномаченици. Примерот за тоа нека ни биде Христос, нашиот Спасител, Кој кога ја говорел вистината бил биен, плукан, шамаран… И ние кога ќе ја говориме вистината, кога Христа, нашиот Спасител, ќе Го сведочиме, не треба да се плашиме, зашто оние што сметаат дека не е вистината во Христа, нека докажат каде е… Затоа повикувам на света Војна, на добрите луѓе, со добрите дела и намери, против злото и сатаната. Тоа би било по примерот на овие свети Четириесет битолски маченици. Тие не војувале со пушки и топови, и ние нема така да војуваме, но со добри дела да ја сведочиме Вистината – Христа нашиот Спасител. Нека ни е честит и за многу години празникот. Амин!“
Како да ве восхвалиме, свети Четириесет битолски преподобномаченици, совршени христоносци, или како да ве наречеме, славни и блажени? Кој ќе биде во состојба да ја пофали вашата вера? Мудроста на говорниците и мудреците изнемоштува, гледајќи го вашиот необичен и достојнохвален подвиг! Но вие, победоносни Четириесетмина, кои доброволно сте претрпеле тага и маки од љубов кон Бога и Спасителот и имате слобода пред Самиот Владика, застапете се, о, светии, за нас, раслабените, грашните и мрзливите, да дојде на нас Христовата благодат и да ни ги просветли срцата, за и ние да Го возљубиме Господа, како што и вие сте Го возљубиле. Амин!