Соборен храм „Св. Софија“, Охрид
Древните ѕидови на соборниот храм на нашата најсвета Охридска Архиепископија,храмот на Премудроста Божја во Охрид, денес беа сведоци на уште едно торжествено собитие од животот на нашата Црква. Видоа тие, заедно со многубројниот верен народ, како достоинствено беше прославен годишниот спомен на нашиот отец меѓу Светиите, приснопамјаниот Константин Кавасила, Архиепископ Охридски. Ова големо и незаодно светило на Црквата Христова, кое го просветлувало нашиот народ од Охридската архиепископска катедра во ΧΙΙΙ век, повторно го собра своето верно стадо на духовна трпеза во храмот во кој некогаш самиот тој служел и каде долго време почивале неговите чудотворни мошти. Домаќин на оваа благодатна гозба беше нашиот почитуван Архиереј, Неговото Високопреосвештенство, Митрополитот Дебарско-кичевски, г. Тимотеј, кој чиноначалствуваше со светата Литургија, во сослужение со Митрополитот Струмички, г. Наум, Митрополитот Повардарски, г. Агатангел, Митрополитот Брегалнички, г. Иларион, игуменот на Манастирот „Св. Наум“, Архимандрит Нектариј, нашиот Старец и игумен, Архимандрит Партениј, како и со бројно свештенство и ѓаконство од нашата Црква.
Радосната празнична богослужба беше збогатена и со пеењето на хорот на нашата Свештена Обител. Пред крајот на светата Литургија, во отсуство на Неговото Блаженство, г. г. Стефан, Митрополитот Иларион го прочита пригодното слово на нашиот Архиепископ, а на свечениот дел што следеше потоа беше промовирана книгата за славниот Охридски Архиепископ, која содржи житие, акатист и служба на Светителот. Авторот на делото, патрологот Виктор Недески од Охрид, одржа и свој говор за ликот и делото на Светиот Константин Кавасила.
По молитвите на Св. Константин Охридски, милостивиот Бог нека ни ја чува нашата света Црква и Татковината. Амин!