Спомни си, Господи, за душите на починатите слуги Твои…

Вие што сте оделе по тесен и мачен пат, сите што сте го зеле како јарем животниот крст и сте Ме следеле со вера, дојдете насладете се од почестите и небесните венци што ви ги приготвив

Непорочен тропар од Панихидата

„И така, нека никој не се превознесува со суетна мудрост, или со сила, или со богатство, зашто сѐ ќе се исуши како трева. „Кој се фали со Господа да се фали“ (1. Кор. 1, 31). Што кај луѓето е повисоко и подостојно од царската круна? Но и таа не е довека на главата на човек, зашто од род во род преминува од една глава на друга. И што има царот, а да не е од Бога? Не ги создаде ли Господ Самиот и небото и земјата и сѐ што ги исполнува… Знаејќи го ова возљубени од Господа, браќа, да си ги смириме душите под крепката Божја десница, за Бог да нѐ возвиши при Своето Пришествие. Да ја отфрлиме суетата и високоумието, кои се неразумни; да бегаме од гордоста зашто Бог ѝ се противи. Да го возљубиме смирението, зашто кога ќе станеме кротки Господ ќе нѐ научи на Своите патишта. Колку многу луѓе владееле со вселената од сотворението на светот и сите тие почиваат под купишта прашина, нема никаква разлика меѓу коските на царот и робот, меѓу оној што се хранел раскошно и оној што живеел во беда, меѓу убавиот и грдиот, меѓу истребувачот и истребениот. Сите почиваат во земјата додека не затруби свештената труба, која ќе ги пробуди мртвите од почетокот на вековите, ’за да го добие секој заслуженото‘ (2. Кор. 5, 10) според доброто или злото што го извршил со телото.

И така потрпете вие коишто вршите правда и вложувате трудови заради Божјата вистина. Зашто трудовите на времениот живот ќе ви дадат голема смелост во идниот; маките на овој живот ќе ни бидат за успокојување, издигнување и пофалба во идниот, и денешниот плач за вас ќе се обрати во утеха и спокој“. (Од словата на Св. Ефрем Сирин)

Свесни за краткотрајноста на животот, но и обземени со постојана грижа за спасението и оној другиот вечен живот кој не старее, браќата и сестрите од нашите две обители со усрдна молитва на заупокоената богослужба си спомнаа за сите оние кои заспале со вечен сон, со надеж во Оној Кој ги спаси од распадливост и смрт. Зашто сите ние луѓето го имаме заедничкиот удел: неминовноста на смртта телесна, но и бесмртноста на душата создадена за вечен живот. Се поучуваме од примерите на нашите богољубиви предци, се надеваме на нивното постојано молитвено застапништво, но и не ги забораваме во своите молитви оние што пред нас си заминале во вечноста, надевајќи се дека и ние нема да бидеме заборавени во молитвите на оние што ќе дојдат по нас, кога ќе го напуштиме овој свет. Овој нераскинлив молитвен спомен на љубовта нѐ соединува сите во вечната радост на Господа, правејќи од овоземниот свет и оној небесниот една заедница на вечно живи личности.

Господи, Ти Кој со Своето Воскресение го отвори патот за сеопштото воскресение на родот човечки, спомни си во Своето Царство за сите оние коишто со вера, надеж и љубов во Тебе се преселиле од овој привремен живот, кои свесно или несвесно Ти угодиле Тебе, и по нивните молитви чувај ги нашите срца во чистота, мир и праведност, за и ние да можеме непосрамени да застанеме пред Тебе, кога ќе дојде време да побараш одговор од нас за сѐ што сме направиле во овој живот.