Прослава на светиот великомаченик Димитриј

Целиот свет најде во тебе заштитник, страдалнику, кој ги победуваш незнабошците. И како што си ја победил горделивоста Лиева, и за борба си го охрабрил Нестора, така Свети Димитрие, моли се на Христа Бога, да ни дарува милост голема

тропар на Св. Димитриј

Денес, Црквата Христова озарена со благодатните зраци на верата, торжествува и се весели духовно насладувајќи се од извонредните чудеса кои уште почудесниот Светител Димитриј ги излева. Го прима таа својот сјај од блескавите подвизи на овој славен Великомаченик и штедро го испраќа неговиот благослов за поткрепа на секоја душа која копнее да земе удел во мирот и радоста Божја. Зашто овој голем сведок на распнатата љубов Христова, подражавател во Неговите страдања, но и соучесник во Христовото славно воскресение никого без утеха не оставил. Силно и благодатно го прегрнува тој секој човек што во него видел силен застапник, помошник и покровител во спасението; го охрабрува за борба секој оној што посакал да му се спротивстави на лукавиот и свиреп непријател, го оросува со надеж непосрамлива секое срце човечко и умот човечки го просветлува просејќи смело од Бога мисли духовни.

Токму поради богодадената утеха која Светиот Великомаченик Димитриј ја испраќа врз сите нас, во Бигорската и Рајчичката обител, кои особено торжествено го слават споменот на овој голем сведок на Христовата љубов, притекна огромно мноштво на народ за да даде свој молитвен придонес во прозбите упатени кон моќниот Светија. Несфатлива за нас е неговата брзина во услишувањето на човечките молитви, чудесна е неговата утешителна посета во страданијата, чудесни се и безбројни, исцеленијата кои преку него ни доаѓаат и за секоја наша болка телесна. И не постоеше душа која не побара од него духовно да биде прегрната, поткрепена и зарадувана. Ете зошто толку симфонично и громогласно оддекнуваа гласовите на сите присутни низ духоносните стихови испеани во чест на овој Великомаченик.

Затоа сите ние, Свети Великомачениче Димитрие, прилежно и топло те молиме: онака како што за борба против непријателот си го подготвил и со храброст твојот собрат Нестор си го вооружил, подготви нѐ и нас кои сета наша надеж непосрамливо во тебе ја полагаме. Излеј го елејот на добродетели – усрдната молитва, трпението во маките и смирението во душевните страданија, избриши ги солзите на болките наши и помази нѐ со мирото благоухано заради нас излеано преку љубовта Христова. Посети го секое срце кое тебе те бара, но и она кое можеби не знае за твојата добрина. Обезбеди му мир на нашиот благоверен род христијански и на сите нам подај ни го оружјето на мирот, мечот на верата – Крстот Христов кој е нашата пофалба. Амин.