Деновиве во манастирот во Рајчица, во тек е првата смена на организираната летна школа за веронаука за најмладите. Децата се на возраст од 10-15 години и се дојдени во манастирот од повеќе градови во земјата. Ова за нив е прекрасна можност покрај организираните летни рекреативни активности и игри, да се запознаат и со основите на нашата убава православна вера, да научат колку е добар и милостив Господ и колку нѐ сака нас луѓето, а особено децата. Покрај часовите по веронаука, предвидени се и краток курс по источно-византиско пеење и разни работилници за изработка на ракоделија. Особено задоволство за овие млади души е учеството на богослужбите, во кои тие се внесуваат со голема љубов и интерес, како и помагањето во секојдневните манастирски послушанија, каде стекнуваат и добри работни навики.
Му благодариме на добриот и милостив Бог што ги донесе во манастирот овие чисти детски души и ни даде можност духовно да работиме со нив, задојувајќи ги со љубов кон нашиот премудар Творец и грижлив Промислител за нашето спасение. Се надеваме дека уште многу дечиња ќе посакаат да дојдат во нашите манастири и да научат многу нешта што ќе ги изградат во духовно здрави и општествено полезни личности.