Поклонение во Гората на Светиите

Гората која малку ја запознавме ама многу ја возљубивме…

Митр. Арголидски Нектариј

Постои на светот една земја, или, подобро кажано, едно парче небо на земјата, навистина, по површина не толку големо, но по содржина и дух преголемо. Во таа небесна земја службен јазик е тишината – молитвениот разговор на душата со Бога.

Светата Гора Атонска…                        

„Тајната на Атон? Ако треба да сум точен, одговорот пред сè гласи: покојот… Тоа е големиот опит за обрат: човекот, кој секогаш говори, молчи. За зборот да го има Господ, ’Големиот Молчаливец‘“ (Хајнц Нусбаумер, Монахот во мене).

Има дури и една легенда за таа чудесна Гора, која вели дека кога главниот градежен строител во царскиот двор на Александар Велики му предложил на својот господар да направат едена огромна статуа со неговиот лик на јужните падини на планината Атос, големиот освојувач се подзамислил и пророчки рекол: „Оставете го Атон во тишината негова“.

Атонската тишина постана за светот најгромогласен вик на гласот Божји. Со векови и векови по сите краишта на вселената се слуша одовде гласот од вечноста, евангелското слово за љубовта Божја. Светоста нејзина е светилник за човештвото повеќе од илјада години… Света е Гората Атонска затоа што Пресвета е нејзината Поседница, Пречистата Дева Марија. И заправо, точно му кажала Пресвета Богородица на Светиот Петар Атонски за Атон: „Има една гора во Европа, најубава и воедно највеличествена… Од целата земја избирајќи ја неа, решив да им ја дадам во наследство на монасите како погодно прибежиште, и така ја посветив како Свое сопствено обиталиште, и отсега таа Света ќе се нарече…“ (Свети Григориј Палама, Слово за чудесното и рамноангелно житие на Преподобниот и Богоносен отец наш Петар, кој на Светата Гора Атонска се подвизуваше, 11, MPG 120, 1005).

Со благослов и во придружба на нашиот Старец, Архимандрит Партениј, неколку наши собраќа деновиве ја посетија Градината на Пресвета Богородица и се поклонија на дел од нејзините недобројни светињи. Дохијар, Симонопетра, Григоријат и Ксенофонт беа свештените обители во кои Старецот и браќата овој пат имаа можност да се насладуваат од Божествена красота на Атонската почва осветена и преосветена со неописливи монашки подвизи. Манастири со огромно цивилизациско богатство: зданија од илјадници метри квадратни со византиска и поствизантиска архитектура; непроценливо зографско наследство; стотици и стотици дела од дрворез, месинг, сребро и злато, керамика и стакло; библиотеки со илјадници ракописи, книги и древни документи… Секако, тука е и бесценетата ризница од свети мошти, чудотворни икони и други светињи, што со чуда и благоухание сведочат за силното Божјо присуство.

Сепак, она што ги прави овие манастири посебни – како впрочем и целата Света Гора – не е она видливото, туку невидливите души на тамошните жители, монасите, кои, служејќи непрестајно на светињите, самите постануваат светии, живи храмови на живиот Бог. Трудејќи се со ревност во послушаниjата и долгите богослуженија, многу од овие избраници на Мајката Божја станале молитвени застапници за целиот свет.

Чувство на безвременост го опфаќа поклоникот кога ќе стапне на тлото од Обителта на безвремените Архангели. Оваа Обител е позната како Дохијар, именување добиено според послушанието на нејзиниот основач, некогашниот дохијар (магационер) на Великата Лавра, Свети Ефтимиј Атонски. Тивките, скромни и крајно трудољубиви монаси со својата појава потсетуваат на неопходноста од непрестајна подготовка за вечниот живот, а складната и питома архитектура, проткаена со разновидни средоземноморски цвеќиња и растенија – на рајската убавина. Старецот на Манастирот, Архимандрит г. Григориј, како монашки пророк и учител, кој во монашки живот поминал веќе половина век, со своите беседи непрестајно повикува на подвиг, воздржание и саможртва за Бога. На негова покана, всушност, нашиот игумен и браќата овој пат ја посетија Света Гора. Старец Григориј е игуменот што великодушно ѝ ја подари на нашата Татковина копијата на чудотворната икона на Пресвета Богородица „Скоропослушница“. И сега тој повторно нè збогати со братољубие, дарувајќи за Свештената Бигорска Обител парче од моштите на Светиот Новомаченик Јован од Коница, Епир, кој пострадал маченички од Агарјаните на 23 септември 1814 година во Врахори.

Од необично убавото почивалиште на бестелесните Божји служители, нашето монашко поклоничко друштво се упати кон Манастирот Симонопетра, посветен на Рождеството Христово. Несфатливо градежно ремек-дело! Изградено, се разбира, од човечка рака, но повеќе од очигледно – во содејство со врховниот Градител и Творец. Божјо чудо е негово настанување на непристапна карпа. И доволен е само еден поглед, за самата неговата појава да ја возвиши душата до Божествените висини. Но она што е уште почудесно од градбата е духовната аристократија и монашкото достоинство на браќата што живеат таму. Несомнено, евангелското воспитание и истанчената подвижничка префинетост на Старец Емилијан Метеоритски и Симонопетриски, што повеќе од верно ги продолжува и усовршува неговиот ученик, сегашниот христоносен Старец и игумен, Архимандрит г. Елисеј, владеат во ѕидините на Манастирот. За тоа сведочат и благородните души на нашите големи пријатели: о. Атанасиј – химнографот на Великата Христова Црква, о. Ефрем, о. Јустин и другите наши драги браќа во Христа со кои имавме можност овој пат да разговараме.

Недалеку после од карпа изникнатата Обител на Светиот Симон Мироточив, на светогорското крајбрежје е распослано прекрасното Светилиште на нашиот отец меѓу Светиите Николај Чудотворец, големиот закрилник на родот Христијански. Свештената Григоријатска Обител е факелот кој го разгоре огнот на светогорското монаштво и во нашата Татковина, зашто токму оттаму произлегоа нашите отци возобновители на општежитието кај нас: Митрополитот Струмички г. Наум, Епископот Хераклејски и игумен на Зрзескиот Манастир г. Климент и нашиот Старец, Архимандрит г. Партениј. Најзаслужен, пак, за тоа рамноапостолно дело е блаженоупокоениот Старец Георгиј Капсанис, претходниот игумен на Манастирот – христодушен монах со големо евангелско благородство, вистински татко на Црквата и прав визионер за нејзината иднина. Неговите синови во монаштвото со љубов се сеќаваат за широкоградоста и љубовта што тој ја имаше. Еден од нив е и сегашниот игумен, тивкиот и кроток молитвеник, Старец Христофор.

Најпосле, последното одредиште на нашата шесточлена поклоничка група беше древната Обител на Светиот Великомаченик Георгиј, основана во 998 година од Преподобниот Ксенофонт. Овде славниот Победоносец ни подготви Божествено јастие и питие. Храна ни беа пожртвуваните, љубезни и радосни во Христа монаси, а пиење – зборовите на полниот со љубов и расудување Старец Алексиј, игумен и возобновител на Манастирот. Овој светол човек Божји, налик на праведниот Симеон Богопримец, со радост и утеха ја отпушта секоја човечка душа што дошла во Манастирот.

„Добрите луѓе“, рече на заминување од Гората на Светиите нашиот Старец „се богатство за светот, зашто во нив почива Христос и преку нив ги утешува и успокојува обременетите души“.

Ја напуштивме Светата Атонска Гора со неизречива благодарност кон Пресвета Богородица што нè удостои да го посетиме нејзиното царство на земјата, да се поклониме на многу светињи во него и да беседиме со повеќе нејзини избраници и служители. Понесовме со себе и малку од тишината на Атон, како поткрепа за нашиот секојдневен монашки подвиг во ова разбранувано од големи искушенија житејско море.

На Царицата Небесна нека ѝ е вечна слава и благодарност!