Да си митрополит во северна Сирија

Извор:

Не дека во другите делови на Сирија е лесно, но сепак во северниот дел е најопасно. И не само заради тоа што таму пред 4 години ги киднапираа двајцата митрополити, или бидејќи слушаме и гледаме разни стравотии во медиумите. Сепак за луѓето таму тоа им е родно место, тоа им се селата и градовите, таму се нивните куќи, роднини, сакани, нивната работа – доколку се уште ги има.

Такви блиски на своето срце луѓе имаше во текот на неколку десетлетија и доскорешниот митрополит на Хама Илија (Салиба), роден всушност во Либан во 1924 година. По универзитетот во Дамаск и вишата богословска школа во Халки од 1966 станува патријаршиски викариј а од 1986 и митрополит на Хама. Покрај тешкиот живот и другите искушенија, на крај на 93 годишна возраст му беше дадено да ги види и ужасите на последните години од жестоката „арапска пролет“. Беше жилав но не можеше тоа да го поднесе и така на 1 април годинава си замина од овој свет. Бог да го прости.

На негово место на 7 јуни 2017 год. Светиот Синод на Антиохиската патријаршија избра нов митрополит – досегашниот Блудански епископ д-р Николај (Баалбаки).

Тој исто така не е млад – роден е 1957 во Дамаск, завршил медицина и бил познат хирург. Во еден миг се откажува од лекарската кариера и во 1985 год. е ракоположен за ѓакон со името Николај, 1986 год. станува презвитер, а во 1989 е одликуван со архимандритски чин. Од 2001 година архимандритот-лекар Николај Баалбаки раководи со патријаршиската болница „Ал – Хосн“, недалеку од христијанската провинција Хомс. Во 2011 година е ракоположен за блудански епископ. Во последните години е и претседател на духовниот суд на Антиохиската патријаршија, а пред смртта на митрополит Илија е одреден за управник на епархијата на Хама, каде што денес е митрополит.

Епархијата на Хама има десетина христијански селца од кои 5 се целосно православни. Верници има околу 100 илјади: но тоа се верни луѓе кои што гледаат на верата не само како на дел од својот идентитет, туку и како на животно суштинска карактеристика без која тие едноставно нема да се тие.

Се трудиме да го разбереме, но можеме ли да го разбереме тоа што ни го кажува овој митрополит, знаејќи дека живее толку години во еден ризичен предел наречен северозападна Сирија? Како можеме да го сфатиме тоа што го живеат сите христијани таму и покрај Ал – Каеда, и покрај ИДИЛ, и покрај сите тие туѓи и домашни војски и авијација, ужасното бомбардирање, и покрај сите терористички безумија и слични човечки суровства. А што знаеме ние? Како ја живееме својата вера? И се прашуваме ли воопшто?

Да се помолиме Бог да му дава сили на новиот митрополит на Хама, д-р Николај (Баалбаки) да биде добар пастир на својот измачен народ. Така како што и самиот тој напиша на својот домороден јазик врз својата слика: „Му благодарам на нашиот Господ Исус Христос што ме смета за верен и ме удостои за ова служение“.

Забелешка: Хама е многу древен арамејски град, познат претежно по тоа име, иако после освојувањето на овие земји од страна на Александар Велики во ΙV век е преименуван во Епифанија. Денес тој е петтиот по големина град во Сирија со население од над половина милион. Се наоѓа на околу 200 км северно од дамаск. Муслиманското население е сунитско, што ги поттикнува и конфликтите со државната власт.