5823

Заврши вториот летен камп по Веронаука

Изминативе неколку дена, манастирот Свети Георгиј Победоносец во Рајчица беше омилено место за прекрасна дружба помеѓу неколку деца од Кичево, Прилеп и Велес. Овој нивен богоугоден престој во нашиот манастир беше збогатен со многу различни активности, а тие не го криеја своето воодушевување од сè што видоа, научија и почувствуваа. Најголем, пак, восхит предизвика средбата со нашиот највозљубен Старец, Архимандрит Партениј, од кого примија многу поучни совети за нивната иднина – дека тие, како најмлади апостоли, насекаде треба да го сеат семето на православната вера и да ја шират нејзината убавина, радост и љубов. На крајот од оваа благословена средба децата на подарок добија книга „Старечник за деца“, за чиешто печатење се погрижи Графикс центарот „Бато и Дивајн“, односно неговиот сопственик и наш постојан добротвор г. Зоран Росоманов. Во оваа прилика изразуваме благодарност и до сопственичката на „Просветно дело“, Весна Дукоска, која ги помогна летните кампови, испраќајќи ни материјали за полесно и покреативно извршување на активностите и работилниците. Господ нека им ги прими овие дела и нека испрати голем благослов врз нив и нивните семејства.

 

Димитар, 11 години: Јас си поминав премногу убаво и запознав многу нови пријатели. Сестрите многу добро се грижеа за нас. На часовите научивме многу нешта, а правевме и бројанички од Богородични солзи. Му се заблагодарувам на отец Партениј за тоа што нè прими и што ни овозможи да си поминеме вака убаво.

Радица, 17 години: Овде во манастирот посветен на Свети Георгиј Победоносец си поминав многу убаво, научив повеќе за милоста Божја и се исповедав зашто почувствував дека малите гревови ни тежат многу повеќе на душата, отколку еден голем. Одевме на часови по Веронаука, Англиски јазик, византиско пеење, плетевме бројаници. Запознав многу нови пријатели со кои сигурно ќе останеме во контакт и нема да се заборавиме и после заминувањето од овде. Пречекот во манастирот од сестрите беше прекрасен, тие ни ширеа голема љубов, исто како Бог. Со сите си поминав преубаво. Ги поздравувам сите браќа и сестри од Бигорски и Рајчица, особено игуменот Партениј и се надевам дека после овој летен камп ќе доаѓам почесто и дека деновите ќе ги поминувам безгрижно.

Катерина, 13 години: Овие три дена во манастирот Рајчица си поминав прекрасно. Се забавувавме, учевме да пееме тропари и сл. а сестрите со нас беа многу добри. Секое утро ги слушавме богослужбите, се молевме на Бога и така деновите си врвеа. Затоа многу му се заблагодарувам на отец Партениј што нè прими да престојуваме во овој манастир.

Бојана, 10 години: Јас во Рајчица си поминав многу убаво. Наутро одевме на богослужби, а потоа имавме часови по Веронаука, Англиски јазик, правевме бројанички, го научивме да го пееме тропарот на св. Георгиј на црковно-словенски јазик, изработувавме тема на хамер за Светите апостоли Петар и Павле кои се заштитници на нашиот град Кичево, слушнавме многу поучни приказни. Последната вечер се исповедавме и после тоа на сите ни беше полесно, дури и не сакаме да си одиме толку брзо, оти во Кичево е многу досадно и немаме што да правиме. Монахот што нè исповеда ни даде благослов за да се причестуваме, а и да си посадиме од дрвото на кое растат Богородичните солзи. Јас сакам пак да дојдам и да доживеам толку убави моменти.