Благослов и духовна поткрепа за едно благородно спортско семејство

Денеска, во благодатните часови по неделната Света Литургија, нашиот почитуван старец, епископот Антаниски г. Партениј, ја прими на средба една од најуспешните македонски спортски фамилии – семејството Зафирови од Скопје. Оваа скромна, но голема по срце фамилија, во која љубовта, трудот и меѓусебната поддршка се основа на секојдневието, е вистински пример за заеднички подвиг и победа во духот на заедништвото.

Во нивниот спортски успех се втемелени години посветена работа, жртва и истрајност, но и љубовта кон Бога и семејната хармонија, кои ги држат членовите на семејството обединети во сите искушенија. На големиот спортски настан Mr. Olympia Amateur во Букурешт, таткото Тоше, по цели три децении спортски труд, го освои сребрениот медал во мошне силна конкуренција од над 300 учесници; неговата сопруга Габриела, и покрај сериозни здравствени предизвици, се закити со медал и го освои петтото место, а нивната ќерка Ангела, нивната најголема пофалба, го понесе својот прв златен медал и стана победник на натпреварот во својата категорија.

Посебна радост на ова благословено заедничарење беше присуството на нивниот слепороден син, Благојче, чиешто лице блескаше со благодарност, благородство, духовна чистота и внатрешна светлина. Иако неговиот телесен вид е целосно онеспособен, духовниот взор со кој е украсен го прави светла и смерна личност на верата, на знаењето и на љубовта. Со смирение и мудрост што ретко се среќаваат, тој сведочеше за тајната на Христовата сила, која во слабост се усовршува.

Благојче, кој денес работи како асистент по информатичка технологија на Универзитетот во Грац, заедно со својот верен пријател и колега Јона од Австрија – исто така слепороден и не помалку благороден – беа живо потсетување дека човекот вистински гледа и разбира не преку телесните очи, туку преку благодатта Божја. Иако со срце и душа Благојче останал верен на својата татковина, животните околности и неразвиените услови за слепите лица кај нас го принудиле да ја продолжи својата животна и професионална патека во Австрија. Но, неговата љубов кон Бога и кон родната земја не згаснува, туку уште повеќе свети како огнен јазик на надеж и истрајност.

Средбата беше исполнета со радост, љубов и благодарност, а старецот ги благослови нивните понатамошни подвизи, поттикнувајќи ги да продолжат да сведочат за добродетелите, трудот, истрајноста и благословот на семејната љубов. Тој особено ја истакна радоста што еден ваков спортски успех се случува во дух на скромност и побожност, и им посака секогаш да бидат сведоци на добрина, на скромност и достоинствена победа.

„Секоја вистинска победа е најнапред духовна“, рече старецот, „а вие денес сведочите токму за тоа – дека она што се гради во љубов, со вера и со постојан подвиг, секогаш ќе донесе благослов и радост.“

Семејството Зафирови заминаа од манастирот исполнети со благослов и утеха, оставајќи зад себе благодарност за духовната прегратка која ја почувствуваа во ова свето место.