Во вечерните часови на 9 јануари, денот посветен на Светиот првомаченик Стефан, во прекрасниот амбиент на големата сала на Македонската филхармонија се одржа долгоочекуваниот прв Божикен концерт на традиционални празнични каланди.
На свечениот концерт, кој беше своевидна круна на тридневното торжество на Христовото раѓање и ги заокружи годинешните активности на огромниот број пожртвувани членови и волонтери на здружението „Бадникови поворки“, присутни беа дел од црковните великодостојници, меѓу кои и нашиот Блаженејши Архиепископ Охридски и Македонски г. г. Стефан, Митрополитот Тетовско-гостиварски г. Јосиф, Епископот Стобиски г. Јаков, нашиот Старец, Епископот Антаниски г. Партениј, како и голем број политичари, професори, општествени дејци, монаси, музичари и пријатели соработници на Бадниковите поворки.
Бројните пејачи од нашата сцена: Антониа Гиговска, Ламбе Алабаковски, Димитар Андоновски, Стефан Филиповски („Некст Тајм“) и Никола Перевски – Пере („Нокаут“), беа предводени од единствената и неповторлива Вера Милошевска од составот „Љубојна“, а за умешно сплетената свечена празнична симфонија од звуци, се погрижи нашиот етаблиран музичар, композитор и основач на „Љубојна“ – Оливер Јосифовски. Меѓу музичарите се најде и светскиот виртуоз на кларинет – Исмаил Лумановски, како и групата „Чалгии Мерак“, а свој огромен придонес дадоа и: Филип Михајловски – канон, Тони Арслан – виолина, Христијан Јаневски – тамбура, Роберт Ангеловски – кавали, Петар Христов – лира, Оливер Настовски – ут, Мите Наумовски – џумбуш, Анастасиос Иоану – кларинет, Демир Шакиров, Христијан Николовски и Шериф Мустафа – перкусии. Посебен печат на настанот даде учеството на хорот „Козма Пречистански“ од градот Кичево, како и пејачите од насоката за традиционална музика и игра при ДМБУЦ „Илија Николовски-Луј“, кои внесоа радосна божикна атмосфера во Македонската филхармонија, издигнувајќи ги со своите хармонични гласови сите присутни до возвишените небесни простори.
Еден од најпрекрасните моменти на Божикниот концерт беше обраќањето на дел од членовите на Бадниковите поворки, кои со огромна љубов и топлина го повикаа Архиепископот г. г. Стефан на сцената, за во знак на благодарност поради неговиот штедар благослов кон нивните активности, да му подарат архијерејски енколпион, посветувајќи му ја оваа необично убава свеченост во чест на неговиот именден.
Преку директниот пренос кој го овозможи националниот сервис МРТВ, гледачите имаа можност и самите да ја примат оваа празнична концертна атмосфера во своите домови, така што никој не беше лишен од ова ретко задоволство да го проследи прекрасниот божикен концерт, најавен од умилниот глас на водителката Љубица Јаневска – Ивановска.
За фотографскиот материјал беа задолжени фотографите: Стефан Рајхл, Николај Грнчаров, Александар Пауновски и Александар Котевски, како и камера операторот Стојан Стојановски (продукција 2С), кои се обидоа низ своите објективи да го доловат секој миг од убавината која се излеваше и од сцената и од срцата на сите присутни, а тие не криејќи го своето задоволство, го наградија трудот на изведувачите со долги и срдечни аплаузи на речиси секоја каланда.
Искрено се надеваме дека оваа божикна манифестација ќе се слее во сега веќе традиционалната програма на Бадниковите поворки, прераснувајќи во една прекрасна традиција, која ќе го направи македонскиот народ надалеку познат по ваквите духовно-културни манифестации, што во духот на православното предание, особено торжествено Го слават Божјото име и надвор од храмовите.
Христос се роди!