Божикни каланди во Бигорски

Во предвечерието на серадосниот празник на Рождеството Христово, тишината на Бигорската свештена Обител беше заменета со слаткогласното пеење што извираше од стотици деца и млади. Нивното присуство, обоено со несекојдневна празнична ведрина и со изведби на традиционалните каланди, ја претвори манастирската порта во влез кон еден жив образ на радоста.

Оваа година, претпразничното пеење беше особено торжествено, благодарение на импресивниот собор од млади души. Членовите на хорот „Митрополит Козма Пречистански“ од Кичево, заедно со младите од КУД „Илинден“ – Кичево, како и ансамблите „Симбиоза“ и „Свети Јоаникиј Ракотински“, се слеаја во еден единствен славословен глас. Кон оваа река од деца и млади се придружија и бројни жители од целиот регион, претворајќи го настанот во вистински триумф на христијанското единство и заедничарење.

Младите чувари на автентичните божикни традиции, кои го најавуваат Раѓањето на Богомладенецот, срдечно и со најголема љубов празнично го изненадија нашиот старец, епископот Антаниски г. Партениј. Исполнет со неизмерна татковска радост при глетката на толкаво мноштво млади луѓе кои со чист копнеж го негуваат православното наследство, владиката побрза да ги пресретне своите најмили гости уште во манастирскиот двор. Со посебна топлина која ги грееше срцата на присутните, тој ги поведе кон манастирскиот синодикон, каде претпразничната дружба продолжи во духот на традицијата.

Овој претпразничен собир не беше само обична изведба или културен настан; тоа беше жив, синовски израз на почит и благодарност кон владиката Партениј. Тоа беше воздарување за неговата долгогодишна пожртвуваност, за неговите непрестајни молитви и за духовната грижа со која неуморно ги гради и воспитува поколенијата млади во вистините на верата.

Видно трогнат од овој силно изразен чин на љубов, дедо Партениј пред нив ги излеа најдлабоките мисли на своето срце. Како мудар пастир кој бдее над своите чеда, тој упати зборови што одекнуваа како мелем, потсетувајќи ги на возвишеноста на Христовото смирение заради нас, но и на значењето на зачувувањето на нашата духовна култура:


Деца мои најмили, ви благодарам бескрајно! Додека ве гледав, забележав дека солзите сами ми течea по лицето; солзи не на тага, туку на тивка, длабока радост. Кога ве здогледав од прозорецот на игуменската како доаѓате во манастирот во толкав број, кога слушнав како убаво ги пеете каландите, срцето ми се врати во онаа света ноќ, кога ангелите им ја објавија радосната вест на пастирите, велејќи: Еве, ви благовестам голема радост… денеска ви се роди Спасител, Кој е Христос Господ[1].

Подобно на ангелите, вие дојдовте да нѐ поздравите нас, монасите, кои сме се собрале во оваа света обител за подвиг, за молитва, за сведоштво на Христа родениот. И слободно можеме да кажеме, деца мои, дека секој манастир и секоја црква е една надежна Витлеемска пештера, зашто токму во пештера се роди најголемата Надеж на човештвото. И таа Надеж навистина го промени светот. Ова не е само исповед на верата на христијаните, ниту пак поетски израз. Тоа е историска вистина. Раѓањето на Исус Христос е настан што ја пресече историјата на два дела, што ја преобрази мислата, културата, односот кон човекот, кон страдањето, кон смртта. Христос навистина го промени светот.

И забележете: ангелите, тие чисти, светли и радосни духовни, им ја објавуваат веста не на цареви, туку на пастири, на смирени и чисти срца. И токму вие, младите, кои сте жедни за вистината и за подвигот, кои сте со чисти и искрени срца, најмногу личите на тие ангелски гласници.

А Христос, милиот наш Спасител, не се роди во палата, ниту во пристојна куќа. Се роди во пештера – во природен отвор на карпите, во творението што Самиот Он го создал во почетокот. Он, Творецот на сè, влезе во сопственото творение заради нас. И таму, во тишината на пештерата, најчистите Го видоа и Го прославија: пастирите со својата едноставност, ангелите со своето славословие.

Во овие свети денови се сеќавам на еден голем светител на Црквата – свети Јероним Стридонски (†420), кој долги години живеел и се подвизувал во Витлеем. Преданието ни раскажува дека еднаш, спроти Божик, наоѓајќи се крај Пештерата на Рождеството, бил озарен од толкава благодат, што Го почувствувал Бога толку блиску, како да Го гледа со телесни очи. Почнал да плаче и смирено Му се молел, велејќи: „Христе мој, што јас, бедниот, да Ти принесам? Небото Ти принесе слава, ангелите Те славословат, земјата Ти принесе пештера, човечкиот род Ти ја принесе Мајката – Пречистата Дева. А јас што да Ти дадам?“ И тогаш чул глас од Господа, Кој му рекол нешто многу длабоко и спасително: „Дај Ми ги своите гревови.“

Погледнете, деца мои, колку е добар Бог! Што е она што најмногу ни тежи? Што нѐ притиска и нѐ разделува и од Бога и од луѓето? Гревот. А токму него Господ го сака како дар – не затоа што го сака злото, туку затоа што сака да го исцели човекот. Тој ја прима нашата нечистотија за да ја очисти, ја прима нашата рана за да ја излекува. Затоа и пророчкиот глас на царот Давид вели: Ќе ме поросиш со исоп и ќе бидам очистен; ќе ме измиеш и ќе станам побел од снег[2].

Да, деца мои, Христос навистина може да нѐ очисти, затоа што се роди за нас, слезе во нашата пештера, ја зеде нашата немоќ и ја преобрази во спасение. Он дојде во пештерата за да ни го покаже патот на смирението. Не со зборови, туку со самото Свое битие. Во каландите што ги пеете има навистина прекрасни зборови, зборови полни со светлина. И додека ве слушав, и јас тивко си помислив: „Господи, и јас сакам нешто да Ти подарам.“ Зад нас останува старото лето. Веќе влегуваме во новото 2026 лето Господово. Во тоа старо лето ние многупати згрешивме. И плачеме за своите гревови. Зашто гревот нѐ притиска, ни тежи, нѐ изморува. Но покајанието е олеснување, покајанието е издишување на душата. Пак ќе повторам што му рече Господ на големиот свети Јероним: „Дај Ми ги твоите гревови.“

Има ли, деца мои, поголема милост од ова?

Затоа, еве нѐ, во пресрет на големиот празник на Рождеството Христово; Господ не бара ништо друго од нас, освен да Му го подариме нашето покајание. Да се покаеме. Да се исповедаме. Да се причестиме со Него. Да живееме со Него.

Зашто Он еднаш влезе во историјата на светот: Невидливиот стана видлив[3], Предвечниот влезе во времето. Но тоа не беше само тогаш. Тоа се случува во секое поколение. И за оние пред Него, и за оние по Него. Знаеме дека Христос, по Својата смрт, слезе во адот и ги ослободи праведниците што со векови Го очекувале[4]. И тие Го чекале Него, Месијата, да дојде и да ги извлече од темнината.

Гледате ли, деца мои, колку Он е близу до нас? Ние Го чувствуваме. Он ги допира нашите срца. Ние солзиме од благодат. Он е тука. Он се роди заради нас. А Неговото најомилено место – не заборавајте го ова – е човечкото срце. Таму Он најмногу сака да живее. Зашто срцето сака да го направи вечно. Да го направи она што Бог од почеток го замислил за човекот: да биде со Него, зашто Бог е Татко на сите нас. Он родителски нѐ љуби. И сака сите да нѐ повлече во вечноста.

И забележете ја оваа тајна: Христос излезе од овој свет повторно од пештера. Но овој пат од пештера издлабена од човечка рака – од гробот. Знаеме дека Јосиф од Ариматеја Му го подари својот гроб[5]. И оттаму Он воскресна, за да нѐ повлече сите нагоре, кон висините, и по четириесет дена се вознесе на небесата, возвишувајќи ја човечката природа[6].

Деца мои, нема ништо поубаво од ова! Навистина. Затоа, подарете Му го Нему срцето. За да бидете вистински луѓе. Оти без Него не може да се биде автентичен човек. Ајде да бидеме вистински христијани. Ние го носиме најсветото име – името на Христа, Спасителот на светот. А колку пати, за жал, не живееме според тоа име! Нѐ влечат стихиите на овој свет, нѐ влече гревот. Христос, пак, дојде да нѐ исцели, а не да нѐ осуди. Не е страшно човек и да падне – тоа е човечко. Но страшно и неприродно е човекот да се согласи со гревот, да се сроди со него и да живее во него. Затоа Христос е тука – да нѐ излекува. Сега, пред празникот, Он бара дар. Кој дар? Рековме, покајанието. Ајде да се покаеме и со чисто срце да Го пречекаме светлото Рождество на нашиот мил Спасител.

Деца мои, толку многу ме израдувавте! Ве благословувам од срце! И ве молам сите – особено вас, малите и чисти деца – помолете се и за мене, Господ да ми ги прости тешките гревови. Тоа е дарот што секогаш сакам да Му го принесам со солзи, велејќи: „Господи, прими ја мојата нечистота и направи ја светлина; прими ја мојата темнина и направи ја чистота.“ Ве молам, помолете се за тоа.

Вие вечерва донесовте голема радост – не само на мене, туку и на целото братство, и на сите предци, и на целата Црква во овие краишта. Зашто имаше време кога едвај можевме да најдеме една каланда со вистинска христијанска смисла. А сега, гледате, пееме повеќе, со смисла, со срце, со труд. Од срце ви благодарам за вашиот подвиг. Оти, каландите што ги пеете не се само убава традиција. Тие се жив сведок дека Христос и денес се раѓа во срцата што се отвораат за Него, во душите што се смируваат, во животите што Му се принесуваат Нему.

Ви посакувам на сите убав и благословен Божик, да се сретнете и вие со Христа, како што се сретнал свети Јероним, и вашето срце да разговара со милиот Бог, роден како дете во пештера.

Да го пречекаме во здравје и благослов Рождеството Христово, а потоа и новото лето Господово, зашто според стариот календар, Новата година, 1 јануари, доаѓа на 14 јануари според граѓанскиот календар, на празникот на свети Василиј Велики.

Уште еднаш од срце ви благодарам! Верувајте, најубавите нешта не можат да се искажат со зборови. Кога човек се чувствува многу убаво, трогнато, восхитено, не секогаш зборовите имаат сила да го доловат тоа што го чувствува внатре во срцето, бидејќи тоа е над зборовите. Мојата радост што вечерва ми ја причинивте, не може да се искаже со зборови, ама со благослов може: Господ нека ве обдари сите со голем, изобилен благослов и нека ве удостои да Го сведочите Христа до краиштата на вселената[7]. Ве сакам!


[1] Лука 2, 10-11.

[2] Пс. 50, 9.

[3] сп. Јован 1, 14

[4] сп. 1 Петр. 3, 19; Ефес. 4, 9.

[5] Матеј 27, 57-60.

[6] Дела 1, 3-9.

[7] сп. Дела 1, 8.