Германско училиште подари пакетчиња за деца за Божик во Бигорски

Во исчекување на празникот на мирот Божји и на ангелската радост – Рождеството Христово, училиштето Schuelerhort Comeniusschule од Хановер, Германија, ѝ испрати на нашата Света Обител околу триесетина божикни пакетчиња за деца.

Управата на училиштето и родителите, а особено дечињата, запознаени од наши иселеници за мисијата на Бигорскиот манастир и љубовта на нашиот Старец, Архимандрит Партениј, кон децата, со голема радост ги подготвија овие пакетчиња, наменети како божикни подароци за најмладите во Рождественската ноќ. Пакетчињата се состојат од детски алишта, играчки, сликовнички, боички и сл.

Иницијативата за ова дело е г-ѓа Лисбет Ѓурѓај, долгогодишна пријателка на Бигорски. Нејзе, како и на дечињата од училиштето во Хановер им ја искажуваме нашата голема благодарност и желби за добро здравје, напредок и Божјо просветление!