Подароците од Германија – радост за децата во Бигорски

Прекрасните подароци од Германија, што со многу љубов беа приготвени и испратени во нашиот манастир, разбудија многу радост и ги стоплија со љубов детските срца.


Како една мала претходница и најава на серадосното божикно ликување, денес Бигорски се исполни со радосниот џагор на многу дечиња, кои со посебна возбуда ги примија од рацете на нашиот Старец, архимандрит Партениј божикните пакетчиња што ги припремија нивните благородни другарчиња од далечна Германија. Така прекрасните подароци, што со многу љубов беа приготвени и испратени во нашиот манастир, умножени со љубовта и благословот на нивниот сакан отец Партениј, разбудија многу радост и ги стоплија со љубов детските срца. Беа тоа навистина прекрасни мигови на другарување со Старецот, мигови на игра и весели детски насмевки, за кои најтопло им благодариме на добрите дарители од германското училиште. Нека нивниот несебичен гест поттикне и други дарежливи срца па да можеме да израдуваме уште многу деца.