Каде што е Духот Господов, таму има слобода – вели Божествениот Павле (2. Кор. 3,17), слобода во љубовта, единството и познанието во Христа. И ете, токму Тој Дух ги обединува сите верни во едно големо Христово семејство, со силни духовни врски и внатрешно познанство, без разлика колку далеку и да се тие. Така, пред десетина дена, Светиот Дух Божји ја израдува нашата монашка заедница со посетата на нашите браќа монаси, отец Јован и отец Ефрем, од древната либанска Обител на Пресветата Богомајка – Хаматура. Нашите скапоцени гости и браќа во Христа од Либан пристигнаа кај нас со благослов на нивниот многупочитуван Старец, Високопреподобниот Архимандрит Пантелејмон, познат по неговата широкоградост и љубов за сите. Придружувани од духовното чедо на нашата Света Обител, г. Даниел Колески, тие пристигнаа најнапред во Манастирот Пречиста Кичевска, каде присуствуваа и со своето преубаво пеење го збогатија чинот на монашење на сестрите Пелагија и Февронија, како и празничната архиерејска Литургија следниот ден, за празникот Рождество на Пресвета Богородица. Потоа, браќата од Либан неколку дена беа гости на Бигорски и Рајчица, учествувајќи на богослуженијата и со своите молитви и со своите чудесни гласови.
Во продолжение прикачуваме пет кратки видеа, на коишто ќе можете го слушнете прекрасното молитвено пеење на нашите браќа од Хаматура. Сесрдно им благодариме за нивната евангелска љубов!
1. Благослови, душе моja, Господа… (Псалм 102)
2. Хвали Душе Моја Господа (Псалм 145)
3. Иже Херувими (Херувимска Песна)
4. Достојно ест
5. Причесен