Мошти од Светата Сабина Римјанка во Бигорски

Во навечерието на неделата кога Црквата Божја го слави споменот на Сите Светии одеднаш, Бигорската Обител се украси со чесни мошти на уште еден член од свештениот собор на Небесната Црква. Имено, недобројниот светителски хор, кој со еднодушие и со неискажлива радост и славословие постојано се насладува од Божествената красота на лицето Божје, денеска го почести нашето братство со благодатната посета на светата Христова Маченица Сабина Римјанка. Парче од нејзините чесни мошти му беше подарено на нашиот Манастир од страна на младиот богољубив г. Александар Младеновски од Австралиско-сиднејската епархија, родум од Битола. Оваа светиња, Алексанадар ја измолил од црква во Австралија каде што се наоѓа дел од моштите на Света Сабина, а му ја предаде на нашиот старец и игумен, Епископот Антаниски г. Партениј, почитувајќи го неговото благотворно дело и познавајќи го неговото светителољубие. Заедно со моштите, Александар му подари на Бигорскиот Манастир и една прекрасна моштохранилница. Светињата беше пречекана со манастирско иподохи и со радосно биење на камбаните.

Во своето обраќање по повод доаѓањето на моштите, Александар, меѓу другото, рече:

г. Александар Младеновски

Ваше Преосвештенство, возљубен наш Епископ и Игумен на оваа Свештена Обител, дедо Партениј,

Драги отци, браќа монаси бигорци,

Драги браќа и сестри,

Ќе ве поздравам со срдечниот наш поздрав: Христос посреде нас! И навистина денеска меѓу вас ја чувствувам таа благодат дека Христос е посреди нас. Оставивме еден нов белег во длабокиот историјат на оваа Свештена Бигорска Обител…

Валутата во православната Црква е љубовта. Без љубов не нè бидува. И овој денешен настан е еден дар од нас од Австралиско-сиднејската епархија за Бигорската Обител, зашто искрено ве сакаме и се молиме за вас. Сакам да му се заблагодарам на бигорското братство за молитвите, за вашиот труд и за вашата љубов кон нас, верниот народ тука и таму, малку подалеку, во Австралија. Таа духовна енергија што зрачи од вас нам многу ни е потребна, па затоа ве охрабрувам да продолжите со вашите напори, зашто тоа нам многу ни значи.

Особено сакам да му се заблагодарам на нашиот возљубен Епископ, дедо Партениј, за неговиот 27-годишен труд во оваа Обител. Нема да бидам нескромен доколку кажам дека тој беше и сè уште е најголемиот амбасадор на нашата света македонска Охридска Архиепископија. Тоа беше многу важно за нас, да се види дека тука има жива Црква, да се види дејството на благодатта на Светиот Дух во нашата Татковина. Иако ние сме географски далеку, во Христа сме заедно, молејќи се еден за друг. По молитвите на Светата Маченица Сабина Римјанка да растеме заедно во љубов едни кон други и заедно да патуваме кон Небесното Царство. Многу се радувам што сум среде вас. Меѓу вас гледам многу познати лица – вие, можеби, не ме познавате, но ние секојдневно ве следиме и многу сум радосен што сега сум лично со вас. Ќе ве замолам да продолжите да се молите за нас, имајќи сега уште една застапничка пред тронот Господов. Амин“.

Светата Маченица Сабина била вдовица на сенаторот Валентин и ќерка на Ирод Металариј. Откако нејзината робинка, Света Серапија, којашто, впрочем, ја преобратила својата господарка во христијанската верата, била осудена и погубена, Светата Сабина наредила да ѝ ги донесат нејзините посмртни останки кај неа, по што ги положила во семејниот мавзолеј, каде што и самата имала намера да биде погребана. Наскоро и таа била обвинета за прифаќање и проповедање на Христијанството и била осудена на смрт од страна на префектот Елпидиј. Се овенчала со маченички венец во 125 година во градот Виндена (во денешна Умбрија, Италија).

V0033336 Saint Sabina of Rome. Coloured etching.
Credit: Wellcome Library, London. Wellcome Images
images@wellcome.ac.uk
http://wellcomeimages.org
Saint Sabina of Rome. Coloured etching.
Published: –
Copyrighted work available under Creative Commons Attribution only licence CC BY 4.0 http://creativecommons.org/licenses/by/4.0/

Во продолжение, Маченицата Сабина била вброена во хорот на Светиите и во 430 година нејзините мошти биле пренесени на ридот Авентин во Рим, во посебно изградената базилика „Санта Сабина“, на местото на нејзината куќа, за која се смета дека била ранохристијанска црква. Храмот бил осветен во чест на Светите Сабина и Серапија.

Нивните молитви нека бидат со нас!

Нашето братство, на чело со Старецот г. Партениј, срдечно му благодари на благочестивиот г. Александар Младеновски, за неговата љубов кон нашиот манастир и за големиот дар што ни го остави во наследство. Нека му биде за спомен и спасение на неговата Христољубива душа!