Нови даренија за Бигорската книгохранителница

Колку е прекрасен Бог во Своите дела! Ете, помина само еден ден откако Неговата прекрасна фреска во Бигорската книгохранителница ја украсивме со раскошна, резбана, дрвена таваница, а веќе семилостивата Божја промисла ја закити библиотеката со уште над 700 прекрасни и вредни книги. Благородниот дарител на книгите, кој со ова свое богоугодно дело го израдува Претечата и го стекна неговиот благослов е нашиот познат археолог, благочестивата битолчанка Драгица Симоска, една од првите македонски археолози и зачетник на истражувањето на неолитот во нашата татковина. Како ревносен истражувач, посветен на својата професија, таа уште од самото основање на Археолошкото друштво на Македонија била член на претседателството и негов благајник; била исто така и секретар на редакцијата „Macedoniae acta archaeologica“, како и член на редакцијата на списанието „Зборник на трудови – Битола“. Посветила цели 40 години од својот живот на работата во Музејот на град Битола, истражувајќи ја особено праисторијата во Пелагонија. Бидејќи потекнува од побожна, стара и благородна битолска фамилија, која и во времето на безбожниот комунизам успеала да ја запази светата православна вера, Драгица уште од мала негувала голема љубов кон книгата и науката. Оваа љубов таа ја наследила од својот татко, битолскиот свештеник Јанко Симоски, кој бил голем собирач на православна литература, литература што ја собирал со години и со која ја започнал традицијата на градење на богатата домашна библиотека. Занимавајќи се со својата научно-истражувачка дејност, неговата ќерка многу придонела за понатамошно збогатување на оваа библиотека со многу вредни примероци и научни трудови од разни области и научни дисциплини.

Водена од благочестивата желба да даде свој придонес во градењето на Бигорската книгохранителница, Драгица се реши целата своја библиотека да ја подари на нашиот манастир. Со голема љубов таа го повика нашиот старец, игуменот Партениј, во својот дом, предавајќи му ги лично своите книги. Нејзиното толку благословено дело беше примено со голема благодарност и радост од страна на о. Партениј, кој ѝ се заблагодари од името на целото братство и ја покани на гости во нашата обител, каде Драгица престојува овие денови, радувајќи ги нашите души со своето благочестие и знаење.

Благодарение на оваа прекрасна личност која е и истакнат археолог и голем верник, книжниот фонд на Бигорската книгохранителница се збогати со многу вредни книги и научни списанија од областа на православната духовност, археологијата, историјата, античката и средновековната уметност, лингвистиката и др.