Прв спомен на Пречистанските преподобномаченици

Подигнувајќи го крстот Господов на плеќите, животот подвижнички со меч го запечативте. Евнувие славен атлете, Пајсие на мачениците подражателу, и Аверкие христодушен подвижнику, нечестието го изобличивте; затоа пред Христа застапете се и нам да ни ја дарува, со силата на Духот божествен, посакуваната рајска светлина
(Тропар)

Постојат ли зборови кои можат да ја искажат радоста која се чувствува тогаш, кога до срцата на верните допираат Христовите зборови, дека ниеден светија нема да види распаѓање и дека не може да се сокрие светило што свети на врв планина?! Навистина, сѐ искажано е премалку за да го долови доживувањето кога се слават токму таквите светила, кои по големата милост Божја, особено во поново време, им се откриваат на верните заради нивна поткрепа и спасение.

Таква беше радоста во овој за нашиот народ светол и значаен ден, што се совпаѓа со великопосната седмица во која си спомнуваме за Христовите страдања и се поклонуваме на чесниот и животворен Крст. Денес, кога го славиме споменот на светите тројца Пречистански преподобномаченици, Евнувиј, Пајсиј и Аверкиј, чудесно засветли храмот на Богомајката Пречиста и со огромна благодат ги исполни срцата на сите присутни, кои притекнаа да го прослават споменот на нивните заштитници. Таа благодат всушност е сведоштво за слободата која новопрославените маченици ја стекнале пред Бога – да се молат најпрвин за граѓаните на Кичево, а секако и за монаштвото и за целиот христијански род.

Бог благоволи ова торжество да биде поголемо и поради отслужената Преждеосвештена Литургија, на која со благослов од Митрополитот Тимотеј и нашиот старец Партениј, присуствуваше и дел од монаштвото на свештената Бигорска обител, меѓу кои и браќата што се удостоија да ги носат имињата на мачениците, како и дел од монахињите на Раичкиот манастир. Сослужуваше и ѓаконот Васко Голабоски, а присутни беа и неколку свештеници од градот Кичево. После оваа благодатна богослужба, верниот народ заедно со монаштвото се упати кон местото Господинец, во чија близина, како што се наведува во записот, пострадале мачениците. Таму беше направен и помен за сите упокоени монаси, додека, пак, на манастирските гробишта беше отслужена Трисагија. Кога верниот народ се врати во манастирот, игуманијата Агнија со големо гостопримство приреди трпеза на љубовта за сите присутни и со нив сподели прекрасни моменти од своето монашко минато.

Празничната атмосфера докажуваше дека верниот народ од Кичевскиот крај, покрај својата верна заштитничка, Пресветата Мајка Богородица, го стекна и застапништвото на уште три благодатни молитвеници – примери за тоа како треба да се носи сопствениот крст и до крај да се истрае во одбраната на чистотата на нашата света православна вера.

Нека оваа светлоносна тријада ни биде светилник и патеводител, маченички собор кој во иднина ќе биде уште поревносно и поторжествено славен и почитуван, та нашиот народ, стекнувајќи го нивниот благослов, да биде цврст во верата и храбар во подвигот на љубовта и пожртвуваноста.