Благовештенска радост на Крстопоклона недела

Колку пати во пресрет на Благовештение, во тивкиот и свечен амбиент на храмот сме ја почувствувале таа радост во мигот кога од умилителните гласови на псалтите торжествено ќе одекне прекрасниот возглас: „Архангелскиот глас Ти зборува, Пречиста, радувај се и повторно радувај се!“ Колку тогаш нашите срца се слеваат во таа сеопшта радост на целото човештво! Радувај се, Дево, зашто, еве, веќе е уништено проклетството на прародителката Твоја и од Тебе, Богоблагодатна, ни се јави „светлина од светлина, вистински Бог од вистински Бог, роден, нестворен“, Самиот единороден Син Божји, Кој го создаде Адама. Денес Синот Божји неискажливо се сместува во човечко тело, сакајќи со Своето воплотување да го обожи созданието и пак во Рајот да го всели. Денес Несоздадениот се сместува во Своето создание. Денес Оној, Когошто ни небесата не можат да го сместат, се сместува во девствена утроба. Денес невидливиот станува видлив и Словото Божјо прима тело. Денес и Адам ликува, примајќи го во својата природа својот Создател, а Ева откако ја сотре главата на змијата, целиот свет го повикува на веселба, говорејќи: „Радувајте се со мене, зашто денес примив неискажлива радост и слобода од сите гревови“.

Оваа посебна благовештенска радост стана препознатлив белег на сеноќното бдение во Бигорскиот манастир, каде големо мноштво верници се собираат во таа празнична ноќ за заедно со монашкото братство од дното на душата да ? го упатат на Богомајката радосниот архангелски восклик: „Радувај се, Благодатна, Господ е со Тебе! Благословена си Ти меѓу жените и благословен е Плодот на Твојата утроба!“ Каква прекрасна можност повторно да ? се принесе пофалба на Онаа, Која со Своето смирение ги приклони небесата и Го симна на земјата Својот Создател. Безброј срца слеани во една благодарствена молитва, издигната како столб на небесата, каде Богородителката со грижлива љубов и мајчинска пожртвуваност посредува пред Својот Син за сите нас. И додека срцата итаат во пресрет на својата најтопла Заштитничка, во храмот умилително се излеваат прекрасни византиски созвучија, со кои нашите гости псалти – словенскиот хор сочинет од студенти при солунскиот Теолошки факултет, ги восхитија нашите души, превозгласувајќи ја небесната радост.

Да, навистина беше прекрасна и умилителна оваа радосна благовештенска ноќ. Нашите срца беа плодна почва на која благодатните зборови на нашиот старец, архимандрит Партениј, искажани со таква огнена љубов кон Богомајката, го посеаја семето на верност и најнежна почит и најдлабоко созерцавање на тајната сокриена во суштината на овој празник, кој за нас го означи крајот на ропството од смртта:

„Кога човек искрено ќе посака со смирена мисла и срце исполнето со вера, длабоко да проѕре во личноста на пресветата Богомајка, да се нурне во молчаливо созерцание за Онаа, Која е ’поширока од небесата‘ и ’посветла од сонцето‘, едноставно не може, а да не биде обземен од голема радост. И навистина, секаде каде што се појавува Таа, Пречистата, с? што е поврзано со Неа, буди радост – и Нејзиното бескрајно мајчинско милосрдие, и Нејзината будна грижа над нас, и непрестајните молитви пред Престолот на Нејзиниот Син, па дури и Нејзиното блажено Успение и преселување во Царството на вечната радост. Но, јас си размислував за тоа колку Нејзиното ’Нека ми биде‘, што на овој ден Таа му го кажа на архангелот Гавриил, му донесе радост на целиот човечки род. Замислете колку века наназад пред овие нејзини бесмртни зборови човештовото тагувало, заробено во ’темнина и смртна сенка‘, заболено од неизлечливата рана што му ја нанесе гревот и смртта и трпеливо очекувало да се најде достојно сместувалиште за Оној, Кој можеше таа рана да ја исцели и на човекот повторно вратата на Рајот да му ја отвори. И колку само пророци со надеж ја предвозвестувале, ја нарекувале: ’капина несогорлива‘, ’врата затворена низ која Господ Бог Израилев влегува‘, ’кивот одухотворен‘, ’расцветан жезол Аронов‘, ’руно сеоросено‘, ’манна небесна‘, ’колесница на Словото‘, ’лествица небоземна‘… и се упокоиле не дочекувајќи да го видат она за што пророкувале и што Бог по Својата голема милост го устроил за наше спасение. Но за да се исполни она што Божјата промисла го предвидела, било потребно токму она спасоносно: ’Нека ми биде‘, што нашата препрославена Владичица и Богородица скромно го изговорила, смирено покорувајќи се на Божјата волја. Ете зошто тие Нејзини зборови разбудиле толку силна радост. Тоа најблагословено: ’Нека ми биде‘ за целото човештво било како пролет после една долга, студена и мрачна зима. Да, благата вест е така торжествена и громогласна што се воспева во храмовите, се разгласува од покривите, блеска во домовите на верните, одекнува во празничното биење на камбаните, како што се пее на Благовештенскиот канон: ’Благовести, земјо, радост голема! Фалете ја, небеса, Божјата слава!‘ После толку века робување на смртта, ете спасение, ете радост! И како да не се радува човечкиот род, кога најпосле адот е победен, вечната радост придобиена! Душите на праведниците ликуваат оти се благовести нивното ослободување! И нашите души ја слават Светлината што одново за живот нe раѓа. Но славејќи ја радоста што ни ја објави архангелот Гавриил, ние имаме уште една причина за радост. Во овој толку благодатен настан се радуваме и заради прамајката Ева, зашто ете, нејзината осуда се брише. Девиното послушно ’Нека ми биде‘ го покри гревот на непослушанието, клетвата се раскина и нашата прамајка Рождеството Девино одново во рајот ја всели. Се врати загубеното достоинство на жената. Светиот Златоуст тоа вака прекрасно го искажал: ’Радувај се, ѓаволот веќе не е против тебе, зашто онаму каде што непријателот претходно нанесе рана, таму Лекарот полага завој; каде што смртта започна да напаѓа, оттука влезе Животот; преку жена се рашири злото и преку жената се излеваат блага‘. Најпосле се исполни старото пророштво за непријателството меѓу неа и лукавата змија, зашто со гласот што ја изговори благата вест се овоплоти Оној, Кој ќе го уништи семето на злото и ќе ги скрши оковите на смртта. Но женската природа се удостои и за нешто уште повозвишено. Таа стана учесник во делото на спасението на човечкиот род. Зашто преку Жена Бог дојде меѓу луѓето. Благородната, чистата и пренепорочна Дева Му го подари местото за Неговото воплотување. Нејзиното срце беше одбрано за сад на божествената благодат. Со таа неискажлива Божја тајна на жената ? се даде една нова возвишена мисија во светот: да биде соработничка на Бога во духовната обнова на човештвото. Природно надарена со милостиво срце, нежност и љубов, и носителка на кроткоста и добрината, во овие свои особини таа може да стане онаа морална сила која победува и преобразува. Денес многу е важно жената да ја сфати и прифати таа возвишена мисија на која е повикана. Затоа сите вие мајки, сестри, сопруги, кои Бог ве дарил со такво достоинство, побрзајте кон закрилата на Пресветата наша Владичица Богородица, и Неа поставете ја за пример во вашиот живот. Подобно на Неа, срцата ваши исполнете ги со милост и сочувство, кроткост и мирољубивост. Нека вашите ќерки видат во вас вистински примери за вера, љубов, трпение, добрина, милосрдие, кроткост, воздржание и чедољубие. Утврдувајте ги во духот на вистината и просветувајте ги во законот на доброто. Научете ги во Бога да ја полагаат сета своја надеж. Така ќе бидат подготвени да создаваат топлина и среќа во своите идни семејства и да внесуваат зраци на светлина, благост и нежност во општеството. Така и вие, заедно со нив, ќе земете учество во величественото Божјо дело за мир на земјата, братска љубов меѓу народите и спасение на човекот. Тогаш Црквата со уште поголемо ликување ќе може да пее: ’Благовести, земјо, радост голема! Фалете ја, небеса, Божјата слава!‘

На крај, би сакал најсрдечно да им се заблагодарам на нашите драги гости, псалтите од Теолошкиот факултет во Солун, кои за овој празник не се вратија во своите татковини Бугарија и Србија, туку во духот на евангелската љубов се решија оваа празнична вечер да ја поминат тука, со нас, за заеднички да го прославиме денешното сесветло торжество на радоста и да ни го збогатат ова бдение со своите прекрасни гласови. Навистина гледам дека тие во полна мера ја усвоиле Божјата вистина, искажана од св. ап. Павле, дека во Бога ’нема веќе ни Јудејци, ни Елини‘, зашто сите ние сме едно во Христа (Гал. 3, 28). А милостивиот Бог, по молитвите на Својата преблагословена и препрославена Мајка, по силата на чесниот и животворен Крст, на кого е посветена оваа Трета недела од светиот Пост и по молитвите на нашите заеднички татковци и просветители, светите рамноапостолни Кирил и Методиј, нека им дарува на нашите три православни народи единство во верата и напредување во љубовта Христова. Амин!

Ви посакувам добро бдение на сите!“

Ти благодариме најмил Господи, Боже наш, што годинава така н? утеши со Твојата промисла во оваа Крстопоклона недела Благовештенската радост да ја споиме со торжествената победа на Твојот чесен Крст! Нека Богородица, Која ни ја откри тајната на Крстот, измоли за нас благодатна поткрепа и духовни сили за да можеме до крај богоугодно да го поминеме чесниот Пост и радосно да се поклониме на најсветлото Христово Воскресение!