Недела на св. Григориј Палама

Малку се оние богоозарени светилници, кои не само што во себе ја примиле сета светлина на премудроста Божја, туку како избрани садови на даровите на Духот Божји на сите им ја осветлуваат тајната на најскриеното богословие, кое му се открива само на чистиот ум и срце. Таков е светиот отец наш Григориј, синот на божествената незаодна светлина, вистинит човек на вистинскиот Бог, служител и вршител на прекрасните тајни Божји и тајноводник во една за нас толку спасителна и возвишена вистина: дека живиот Бог е достапен на нашето лично искуство, бидејќи Синот Божји ја зеде нашата природа и стана Син Човечки за да ги направи луѓето синови Божји, созерцатели на нетварната божествена светлина и учесници во божествената бесмртност. Оваа вистина блажениот отец наш боговдахновено ја пренесува, и апостолски благовестува и светоотечки толкува, и исповеднички брани, и маченички сведочи. Затоа тој, заедно со сите свети апостоли, и свети отци, и свети маченици, и свети исповедници, е нашиот бесмртен и непогрешлив патеводител, наш вечен и бестрашен војсководец низ сите бури и метежи на земниот живот, низ сите пустини и прашуми на земните заблуди наши, татко на сите православни од сега, па до идниот век.

Со какви усни ние, земнородените, да го похвалиме јарархот, учителот на Црквата, на божествената светлина проповедникот, неботајникот на Троица, големиот украс на монасите, кој засветли со дела и созерцанија, Солунската похвала, кој за сограѓанин го има Мироточивиот, на небесата божествениот и пречудниот Димитрија!?

Стихира од Вечерната, на „Господи, Воззвах“

Колку, пак, монаштвото му должи на овој свет татко и учител, чијшто живот бил вистински достоен пример за таинствениот живот на молитвата, она што му е толку блиску и за што живее монахот! Затоа нашите две обители, трудејќи се да го подражаваат тој живот на молитвено беседење со најслаткиот Бог, со посебна љубов и почит му се обраќаат на великиот бранител на молитвата, барајќи го неговото силно застапништво и торжествено чествувајќи го неговиот свет спомен. Тоа прави свечената богослужба во чест на оваа „лира на Духот“ да зрачи со благодат и исполнува со умиление, па така, с? повеќе верници и духовни чеда се придружуваат на торжественото славење во светиот дом на Победоносецот Георгиј во Рајчица. И годинава беше така. Сплотени во свештен трепет и молитвено созерцание и духовно трогнати од прекрасните похвални стихови, сплетени во победнички венец за големиот богослов, присутните обилно се насладија од слаткиот духовен нектар, што извира од богонапишаните слова на премудриот Григориј, со кои им ја затвори устата на еретичките злословија против Бога. А по благодатната молитвена ноќ, осветлена од небесното присуство на Солунскиот светилник, уште посилно блесна свечената архиерејска Литургија, збогатена со беседата на нашиот надлежен многупочитуван владика, митрополитот Тимотеј, кој во оваа втора недела од Чесниот Пост ги потсети присутните за важноста на добродетелите, како и за погибелноста на страстите што ја демнат човечката душа:

„Во името на Отецот, и Синот, и Светиот Дух!

Драги браќа и сестри,
Кога Господ го создал човекот, Он го сместил во Едемската градина за тамузаедно со останатите созданија да го велича и слави името Божјо, односно својот Создател. Но оној што прв го нарушил тој поредок бил ангелот завидливец, кој посакал да биде тоа што е неговиот Создател, односно да биде Бог. Отпаѓајќи од својата првобитна состојба, тој ќе стане причинител на зло и пакост и на првите луѓе. Тој со измама им внесува на нашите прародители помисла дека ако вкусат од забранетиот плод во Рајот, тие нема да претрпат штета од престапот на законот што Творецот им го дал, туку напротив, ќе бидат Богови. Со ова лукавство на првопаднатиот ангел, кој станал ѓавол, биле прелажани нашите прародители.

Основен двигател и основна причина за грешење е гордоста, од којашто
произлегуваат и самољубието, злобата, зависта. Како што кажавме погоре, заради гордоста првите прародители го загубиле Рајот. Преку зависта, пак, се случи првото братоубиство, а заради неа и Јосиф беше продаден на Египтјаните од своите браќа. Гревот, како нарушување на односот човек – Бог, има повеќе нивоа. Тој може да биде најпрвин преку помисла, потоа со збор, а на крај се јавува преку нашите постапки и дела. Но во сите случаи гревот има значење на отстапување на Бога и неможност да се остане во комуникација и единство со изворот на вистината, правдата и љубовта, односно со Бога.
Светата Црква го востановила Великиот, или Велигденскиот Пост во кој постојано и низ сите богослужби, преку песни н? потсетува дека треба да се задлабочиме во самите себе, одосно во нашата душа. Црквата н? учи да ги согледаме нашите гревови, а преку покајанието и исповеданието ни дава и пат и начин да се покаеме за нашите гревови, за да испросиме милост Божја за нивно проштевање. Човек исполнет со завист и пакост, не може да биде вистински христијанин и верник. Иако тој, можеби, формално се декларира како верник, како човек кој оди во црква, дури и пости, тој не е вистински верник и покајник, туку повеќе наликува на фарисејот од Евангелието.

Завидливиот човек е исполнет со гнев и омраза кон своите блиски, кон своите познаници и тоа од најразлични причини. Можеби тоа е поради поголемиот успех во нивната работа, или нивниот бизнис им донесува поголем профит, или можеби имаат подобро работно место, возат подобар автомобил, изгледаат попривлечно… И уште многу други безброј причини, што завидливата душа ја мотивираат да се исполни со нечесни и непотребни оптоварувања. Таа душа повеќе се измачува себеси, отколку што може да му нанесе зло на оној на кого му завидува. Доколку, пак, оној на кого му се завидува го снајдат непријатности и несреќи, завидливиот човек, повторно не е задоволен, бидејќи зависта нема граници и се мачи зашто не го снашло уште поголемо зло. Но, тој човек постојано има немирна совест, постојано страдање. Тој се измачува и нема ништо заедничко со нашата вера и црква.

Затоа светата Црква ги определила овие денови на светата Четириесетница, кога сите ние треба да направиме анализа на нашите зборови, мисли и постапки. Црквата ни дава начин и пат да ги отфрлиме делата што н? оддалечуваат од вистината, правдата, чесноста, светоста, од патот тесен, но спасоносен, кој н? води кон Христа и Неговата вистинска Црква. Тоа ќе го направиме само со искрено и длабоко покајание, како што се пее во една црковна песна: „Вратите на покајанието отвори ми ги, Животодавче…“
Денеска ја прославуваме оваа втора седмица од Великиот Пост, која светата Црква ја посветила на св. Григориј Палама. Овој Божји угодник поднел многу страдања, и бил вистински ревнител и исповедник на Православието, борејќи се против тогашното погрешно учење, кое го застапувал калабрискиот монах Варлаам. Св. Григориј преку постот и покајанието, проследени со молитва, бил издигнат и просветлен од Божјата љубов за да може да Го созерцава Троичното Божество и да ја види светлината Божја, како што биле удостоени и други свети Божји угодници, со чист и непорочен живот.

Драги браќа и сестри! Да го исползуваме и ние овој временски период, па со покајание и покајни солзи да испросиме милост од Бога. Семилостивиот Создател да ја приклони Својата милост и љубов кон нас и да ги услиши нашите молитви, да ни ги прости нашите гревови, па да можеме очистени, измиени и препородени да Го славиме Триединиот Бог, сега и во сета вечност. Амин!