Даренија на книги од Бугарија

Според благоволението на милостивиот Бог, неодамна Бигорската книгохранителница се збогати со над 300 прекрасни книги од областа на православната духовност, историјата, мемоарската и патеписната литература, лингвистиката, научни списанија и др. Овој пат дарители на книгите се повеќе институции и поединечни љубители на Бигорскиот манастир од Р. Бугарија: Македонскиот научен институт од Софија, Централаната библиотека на Бугарската академија на науките, Академското издателство „Проф. Марин Дринов“, г. Петар Мутафчиев, отец Васил Цветков, академик Иван Јухновски, г. Димитар Минев и др. За собирање на вредните дела и нивно доставување до манастирот најмногу се погрижи Бугарското здружение на родовите од Македонија и особено неговиот член, г. Петар Мутафчиев, кој како голем пријател на нашата обител, во неколку наврати, заедно со други членови од Здружението, го посети Бигорски, донесувајќи дел од книгите. На последната средба со нашиот старец, архимандрит Партениј, г. Мутафчиев срдечно ја искажа својата радост што се наоѓа во Бигорскиот манастир и меѓу нашето братство, ветувајќи дека и во иднина ќе се потруди да го помага манастирот во рамките на своите можности.

Помеѓу подарените дела има и неколку старопечатени книги од ΧΙΧ век, а особено драгоцена за нас е збирката на стари фотографии од Бигорскиот манастир, која ни ја подари свештеникот Васил Цветков од Пловдив. Нашата радост беше дотолку поголема што единствениот примерок од оваа збирка што го имаше манастирот, изгоре во пожарот од 2009 г., а, еве, сега добриот Бог, по Својата човекољубива пормисла, преку Својот верен слуга, отец Васил, повторно ни ја подари таа стара разгледница од Бигорскиот манастир и Реканскиот крај. Овие фотографии се снимени од фотографот Г. Трајчев во 1912 г. и претставуваат многу значаен историски и етнографски материјал за манастирот и за овој крај, поради што ги приложуваме во електронска верзија, достапна на нашата страница.

На крај, срдечно би сакале да им ја искажеме нашата голема и должна благодарност на сите што така благородно подарија книги за Бигорската книгохранителница, помагајќи ја на тој начин православната светиња, и се молиме милостивиот Бог да им го прими ова благочестиво дело за радост и полза на нивните души.

✣✤✣Фотоалбум од Бигорски манастир 1912 ✣✤✣