Посета од академик Петар Хр. Илиевски на манастирот Св. Георгиј Победоносец

Во првата недела од Великиот Пост, токму на денот кога се славеше победата над еретиците, сектите и непријателите на Православното учење, триумфот над безумието на безбожниците (24. 03. 2013), нашата свештена Раичка обител беше почестена со посета на еден од најголемите и највлијателни луѓе од областа на науката во нашава земја и пошироко – Академикот Петар Хр. Илиевски.

Побуден од својата огнена и дејствителна вера и љубов кон Христос, нашиот Спасител, проф. Илиевски во својот огромен книжевен опус посветил големо внимание и напишал голем број на научни трудови кои се особено полезни за нашата Света православна Црква. Овој голем љубител на словото и Логосот, кој сè уште е активен на полето на науката, го посети нашиот манастир и со длабока вера се поклони на моштите на светиот Великомаченик и Победоносец Георгиј. Сакајќи духовно да се поткрепи во ова Великопосно време, проф. Илиевски ја искористи можноста да ги сподели своите мисли со старецот и сестринството и така да се подготви за најдостоинствено доживување на Спасителовите страдања и Неговото славно Воскресение од мртвите. Не помало беше и задоволството на неговите најблиски членови од семејството, особено на неговата внука, алпинистката Илина Арсова, што предобриот Бог им ја овозможи оваа прекрасна посета и ги исполни со голема благодат и радост. Таа благодат и радост ќе
ѝ биде голема поткрепа на познатата алпинистка, со оглед на тоа дека ѝ претстои искачување на највисокиот врв на светот „Монт Еверест“. Овој краткотраен престој во манастирот таа го искористи за да ги обнови своите духовни сили.