Прва Преждеосвештена Литургија

Постејќи, браќа, телесно, да постиме и духовно: да раскинеме секаков синџир на неправда; да скршиме секаква врска на суровите страсти; да раскинеме секаков список неправеден. На гладните леб да им дадеме, и бедните без покрив – во домовите да ги воведеме, за да примиме од Христа Бога милост голема

Стихира на Господи возвах од Вечерната во среда

Колку е чудесна и богоблагословена светата Четириесетница! Кога стапуваме во подвигот на четириесетдневното таинствено патешествие, Мајката Црква го упатува до нас овој спасителен повик: чеда, да се смируваме себеси со пост, воздржание, бдение, редовно посетување на светите храмови, останување до крај на долгите богослужби, а времето надвор од храмот да го исполниме со домашни молитви и метании, читање на душеспасителни книги, давање милостина, правење добри дела… Благословени се овие трудови, коишто секојдневно нѐ приведуваат сѐ поблиску до Христа. И навистина, секојдневното скротување на телото и неговите страсти преку воздржување, љубов, трпение и смирение, постепено Го вселува Духот Христов во нашите срца и така, барем до извесна мера, стануваме подражатели на Страдањата на нашиот Спасител. Затоа, не случајно апостолот Павле воскликнува: „Секогаш во телото наше ја носиме смртта на Господ Исус, така што и животот Исусов да се открие во телото наше“ (2 Кор. 4, 10). А има ли поголема радост од тоа да сме заедно со Христа, нашиот премилостив Татко!? Оваа неовоземна радост и чувството за така силно присуство на нашиот преблаг Господ благодатно ги осени срцата на браќата и мноштвото млади верници, меѓу кои имаше и такви што зедоа слободни денови од своите работни места за овие три дена да пребиваат во нашиот манастир, подвизувајќи се со голема љубов и потполно возрджување од секаква храна и питие. Сите тие нурнати во покајното расположение што извираше од долгите но толку благодатни богослужби, и со силна вера во милостивиот Бог, Кој ги храни срцата и обновува силите, молитвено се подготвуваа да се соединат со својот Возљубен. А денес, на првата Преждеосвештена Литургија, на таа таинствена средба со Бога, чиниш Неговата љубов се излеа така изобилно, што беше тешко да се смести во себе. Каква милост и љубов на Бога, што нѐ удости со таква радост после првата причест со светите Христови Тајни во овој чудесен Пост! И немаше лице кое не сведочеше дека Господ е многу блиску до нас, дека нѐ милува со Својата бескрајна љубов, нѐ озарува со Својата божествена светлина. И силните зраци на Сонцето како да се радуваа за таа необична милост Божја! Дарувај ни, премилостив Господи, да се удостоиме преку целиот пост да го примаме овој Твој дар, а на сите што со љубов и правење добри дела го поминаа подвигот на тримирот, било во манастир со долгите богослуженија, или, пак, во светот и покрај работните обрвски, прими им ја таа скромна жртва, па поради нивната љубов кон Тебе, испрати го Твојот благослов на целата наша татковина!