Недела на Православието

Натанаил Му рече: „Од каде ме познаваш?“ Исус му одговори и рече: „Уште пред да те повика Филип, кога беше под смоквата, Јас те видов“ (Јн. 1, 48).

Колку неискажливо убаво и охрабрувачко, но истовремено и вразумувачко е чувството дека нашите срца постојано се отворени и откриени пред погледот на севидливото Божјо око, око на грижлив Родител преисполнет со милост и сострадалност кон нас, Кој со татковска љубов внимава на секое наше дело, збор и помисла? Да, човекољубивиот Бог, со својата неискажлива милост, постојано бдее над нас, како добриот родител над своите чеда. А заедно со Него, нас будно нè следи и сета Негова небесна војска – светите ангели и богопрославените светии и праведници, наши браќа и сестри. Безброј ангелски очи гледаат на нас како со едно око. Безброј спасителни желби врват покрај нас по трнливите и страдални патеки на нашиот живот. Безброј светли раце се подаваат за помош, како да е една рака, како раката на Оној Кој го подигна Адама од мрачните предели на Адот.

Вкоренета во Вистината и задоена со Светиот Дух, Црквата Божја на земјата, тој Ноев кораб на спасението, како најдобра Мајка се труди да им ја пренесе на своите чеда оваа величествена, страшна и поткрепувачка вистина, со посредство на многубројните свети и чесни икони, кои го изобразуваат тој невидлив духовен свет на небесните сили и постојано сведочат за нивното присуство во овој вештествен свет. Затоа, оддавајќи им достојна чест и почит на светите икони, ние всушност не го почитуваме материјалот од кој тие се направени, туку им се поклонуваме и ги почитуваме живите и присутни небесни сили, изобразени на нив. Трепетно и со вера стоејќи пред иконите, ние чувствуваме стравопочит пред тие сили. И кога нè обзема утеха и радост од благословените икони, ние всушност ја примаме утехата и радоста што ни ја даваат небесните сили, изобразени на иконите. Затоа, вистинско безумство е спасителното иконопочитување да го сметаме за најобично идолопоклонство. Та, кој со векови водел непомирлива борба против богопротивното идолопоклонство, ако не Црквата православна? И кој друг дал толку многу жртви во таа победоносна војна? Кој го срушил погубното идолопоклонство? Зарем Црквата Христова, која со својата спасоносна вистина го истера мракот на идолопоклонството, би можела некогаш да се нарече идолопоклоничка? Но, ете, и против една таква најдрска хула нашата света Мајка Црква мораше да се избори, за на крај победоносно да воскликне со зборовите на својот Основател – Христос: „Јас го победив светот!“ Токму таа победа, најголема од сите победи, победа над еретичкото умување и земното мудрување, победа над кнезот од овој свет, ја славиме ние денес, во оваа света Недела на Православието.

А надразумната радост што така силно блеска со зраците на оваа најголема победа, денес со умиление ги грееше и нашите обители, кои, чиниш беа сведоци на тоа торжество на Православието од средината на IX век, кога од светите отци победоносно беше превозгласен Синодиконот за победата на Вистината. Тоа древно писание, исполнето со бројни благослови за правоверните и анатеми за зловерните, одекна и во нашите два манастира, како победнички крај на прекрсните литии со најблажените ликови на нашиот возљубен Спасител, на Неговата пречиста Мајка, на светлоносните ангели, светии и праведници.

„Како што Пророците видоа, како што Апостолите научија, како што Црквата прими, како што Учителите со догми утврдија, како што се согласи вселената, како што засветли Благодатта, како што се докажа Вистината, а протера лагата, како што смело се искажа Премудроста, како што Христос потврди со награда, така мислиме, така говориме, така исповедаме: Христос вистинскиот наш Бог и неговите Светии со зборови, писма, мисли, жртви, храмови и икони ги чествуваме; Него почитувајќи Го како Бог и Владика, Му се поклонуваме, а нив чествувајќи ги заради заедничкиот Господ и како Негови верни служители, соодветно поклонение им оддаваме.

Оваа е верата на Апостолите. Оваа е верата на Отците. Оваа е верата на Православните. Оваа вера вселената ја утврди.

И сега ние братски и пријателски во слава и чесна побожност, ги величаме хероите на верата за која тие се бореа и говориме: на Герман, Тарасиј, Никифор и Методиј, како на вистински архиереи Божји, победници и учители на Православието – вечен им спомен!“ – воскликна растреперениот глас на нашиот Старец, архимандритот Партениј.

Вечен им спомен!