Умилителна Вечерна на проштевањето

Еве сме на прагот на светата Четириесетница и одново низ подготвителните богослужби силно се чувствува мајчинскиот повик на Црквата: „Ако пропуштивте заедно со митарот да повикате: ’Боже, смилувај се на мене, грешниот‘; ако не успеавте заедно со блудниот син да се вратите при својот Отец; ако не се сепнавте пред сликата на Страшниот Суд и останавте во вашите гревови, тогаш барем сега дојдете и симнете го од себе тешкото бреме гревовно. Дојдете, простете им на сите за да можете како Давид да повикате: ’Помилуј ме, Боже, според Твојата милост голема‘“. Да го слушнеме гласот на Мајката Црква, да го земеме спасителниот лек на простувањето и да ја излекуваме својата душа; да го отфрлиме товарот што ѝ пречи да се воздигне преку подвигот на постот. Колку ѝ олеснува на душата кога ќе се простиме со некого и помириме! Таа, чиниш, добива крилја и полетува кон духовните височини… Затоа да им простиме на сите од срце, да го вселиме мирот во нашите души. „Вкусете и видете колку е сладок тој мир! Колку неописливо чудесна е љубовта меѓу луѓето и тогаш ќе разберете дека за тој мир и таа љубов, вредна е секоја жртва“.

За духовните чеда на Бигорската обител, за кои покајанието е нешто што тие секојдневно го живеат, овој повик на Мајката Црква е само уште еден поттик да се испита срцето, да се погледне длабоко во својата душа, да се почувствува до болка тежината на гревот кој оддалечува, и да се посака неизмерно силно да се смириме со Бога и со своите браќа. Едноставно да се измие прашината на гревот што се наталожила, та откако се смири немирот, со спокојно срце да запловиме во подвигот на Постот. Нема подобар начин за тоа од чудесната и неискажливо длабока по смисла Вечерна богослужба на проштевањето. Сѐ во неа на некој таинствен начин воведува во оној посебен амбиент, оној мистичен крик на душата, потопена во најдлабоко покајание: „Не одвраќај го Лицето Свое од чедото Твое, зашто страдам…“ Присутните во храмот, обземени со умиление, потполно се предаваат на овој необичен спој на болка и надеж, на темнина и светлина, што извира од покајните стихири. Стоејќи смирено пред семилостивиот Бог и свесни за темнината на гревот, кој оддалечува од Царството на радоста, тие низ солзи ги упатуваат своите молитви кон Него, барајќи Неговата очистителна благодат да се спушти над нивните ранети души и да ги исцели нивните срца со Својата сеопростувачка љубов. Но пред да ја примат таа животворна прошка од небото, потребно е срцето смирено да се поклони пред ближниот свој и да ја измоли земната прошка. „Благословете ме, отци свети и браќа, и простете ми мене, грешниот, сѐ што згрешив во овој ден и во сите денови на животот мој, со слово, дело, помисла и со сите мои чувства“. Трогнуваат до болка овие тивки зборови на старецот, и со неискажлива сила ги уриваат и последните бедеми на егоизмот во нас. Тогаш потекуваат бујните потоци на покајанието, и во тоа сеопшто проштевање, ги мијат низ покајните солзи нашите беззаконија, и наеднаш душата се чувствува лесно, настапува мир. Вистински миг за вдахновените поткрепувачки зборови на старецот, како последна поука до своите чеда пред почетокот на Четириесетдневното патешествие:

„Наоѓајќи се пред духовните двери на овој свет и благословен Велик Пост, навистина добро и душеполезно би било за нас да си спомнеме уште еднаш за големата Божја милост, за Неговото бескрајно благоутробие, со кое нè покрива сите нас; да ги почувствуваме во сета полнота на значењето покајните прозби на псалмопевецот Давид, засекогаш сочувани во неговиот 50-ти псалм: ’Измиј ме, Господи, од мојот грев и ќе бидам побел од снег‘. Зашто цар Давид, тој голем покајник, кој некогаш направил голем грев пред Господа, но потоа силно и од срце се покајал, паднал во беззаконие, па станал, добро знаел каква неизмерно голема е Божјата милост, како Он со оваа Своја милост човекољубиво го покрива гревот и така го очистува човекот, што потполно се бришат сите последици од тој грев. И кога така било во Стариот Завет, колку повеќе примери за ова чудесно и надразумно милосрдие Божјо крие во себе Новиот Завет!? Да се посетиме само на тоа како преблагиот Христос ѝ прости на жената блудница. Како му прости и на апостолот Петар, кој беше негов следбеник и сведок на така големи чуда, а сепак три пати се одрече од Него. Искрено покајание и, ете, се излева безмерно милоста на Владиката и не само што го отпушта неговиот грев, туку го прави прв меѓу апостолите! Гледате ли каква неземна милост на нашиот Господ!? Таа ни зборува и дава утеха за нашите срца: „Тука сум да ве покријам и измијам од секаков грев, па колку и да е голем, бидејќи нема грев поголем од мојата огромна љубов. Само прибегнете кон Мене и со искрено покајание исповедајте ги вашите беззаконија“. Но Неговата прошка ни остава завет – како што Он покажал милост, така и од нас бара да не останеме со тврди срца, едни со други да си проштеваме. Па и логично е така: како да бараме прошка од Господ, а самите немаме љубов помеѓу себе и не проштеваме едни на други? Токму затоа на прагот на оваа света Четириесетница нашата Мајка Црква нѐ повикува на сеопшто помирување со Бога и меѓу себе. Нашиот пост е наш принос и дар на Бога. Но Самиот Спасител во Своето свето Евангелие нѐ поучува дека пред да го дадеме нашиот дар, треба најнапред да појдеме и да се измириме со својот брат. Тогаш нашите жртви и нашите благодарности ќе бидат навистина богоугодни. Затоа, да се помириме од душа и искрено, да си простиме едни на други, а потоа да ја побараме и Божјата прошка. Он, по Своето бескрајно милосрдие, секако ќе ни прости, ќе нѐ очисти од сите наши гревови и ќе нѐ удостои со Својата силна и божествена благодат, та да можеме светлото Христово Воскресение, круната на оваа најсвета Четириесетница, да си го дочекаме со радост и во полна благодат. Простете ми и помолете се за мене“.