Покајниот Канон на св. Андреј Критски

Милостивиот наш Спасител, Господ Исус Христос, Кој поради нас се понижи и во земја се облече, за Пат на спасението да ни постане, со Својот сладок и божествен глас нѐ учи на покајание, велејќи: „Не дојдов да ги повикам праведниците, туку грешниците на покајание“ (Мт. 9, 13); и уште: „Здравите немаат потреба од лекар, туку болните“ (Лк. 5, 31). Веќе одамна не се тука оние блажени луѓе што се удостоиле да го слушаат овој возљубен глас, овие најрадосни зборови, полни со спасителна надеж. Но не помалку сме блажени и ние, чедата на православната Црква – кои сме Телото Христово, зашто во нашите свештени храмови, на светите богослуженија, постојано се разлева тој божествен Спасителов глас, исполнувајќи нè со умиление. Секојдневно, низ прекрасните стихови на богослужбите, Мајката Црква ни ги пренесува оние живоносни слова изговорени во Галилеја пред 20 века: „Дојдете при мене сите изморени и обременети и јас ќе ве успокојам; Земете го Мојот јарем на себе и поучете се од Мене, бидејќи сум кроток и смирен по срце, и ќе најдете спокој за душите ваши; Зашто јаремот Мој е благ и бремето Мое е лесно“ (Мт. 12, 28, 30). Овој благ татковски повик за покајание, повик за враќање при Бога, упатен од нашиот Творец, особено моќно одекнува во петта недела од великата Четириесетница, во која божествените отци, слушајќи го гласот на својот Учител, го преточиле повикот за покајание во чудесно вдахновениот Велики покаен Канон на преподобниот отец наш Андреј Критски, а како пример за едно такво преумување на срцето кое донело богат плод, ни го нудат и Житието на преподобната мајка наша Марија Египетска. О, колку овие свештени творби, составени со таков благочестив копнеж за спасение, умешно ја откриваат сета неопфатност, сета бездна на гревот што ја потресува човечката душа со очај, со покајание и надеж, побудувајќи во неа спасоносен покаен плач! Со боговдахновена вештина големиот Критски химнограф ги слика пред нашите очи личностите и собитијата од свештената историја, за преку паралели да ги поврзе со собитија на нашиот сопствен живот; делата Божји од минатото – како дела кои се однесуваат лично на нас и на нашето спасение; трагедијата на гревот, како наша сопствена трагедија. Еден по друг излегуваат гревовите од мракот на најтаинствените длабини на срцето и со самото тоа тајноводство до нашето скриено внатрешно битие, Великиот Канон и Житието нѐ приведуваат кон она живоносно покајание, покајание не само заради своите лични гревови, туку и за гревовите на сиот свет, на сите оние што отстапиле од Бога, а и на оние што не знаат за Него и за Неговата бескрајна милост, па поради тоа безмерно страдаат. Зашто сите ние сме внуци Адамови и длабоко во себе ги носиме трагите на неговата падната природа и само Божајта милост е таа што нѐ чува од секакво прегрешение.

„Помилуј ме, Боже, помилуј ме! Од каде да започнам да ги оплакувам делата на бедниот живот мој?“ – трогателно прозвучи плачевниот и умилителен глас на нашиот старец, архимандритот Партениј, со кој на вечерашново сеноќно покајничко бдение во Бигорската обител, започна Великиот Канон. И како што полека се нижеа прекрасните и длабоко вразумувачки тропари од Канонот, така во нас се утврдуваше сознанието дека гревот, пред сѐ, е наше откажување животот да го принесеме како дар, како жртва на Бога, или со други зборови – одрекување од живеење за Бога и според Бога. И сфаќаме дека коренот на гревот е, всушност, ова отстапување на нашата љубов од нејзиниот највозвишен објект – Христа. Така отстапила некогаш од Бога и големата грешница Марија од Египет, која со своите беззаконија сите ги надминала, но со нескршливата вера нејзина и непоколебливата надеж во најмилостивата Мајка Божја, вратите на покајанието ги отворила и го пронашла патот до Оној Кој е единствен кроток, незлоблив, благ, штедар, милосрден, долготрпелив и секогаш ни ги простува нашите нечистотии, но ако самите го посакаме тоа. Ете, Он ја преобрази Својата слугинка, кога таа искрено и со покајано срце Му пристапи, и од најголема грешница, најголем праведник направи, издигна молитвен столб за целата вселена; и не само што душата нејзина со рајските блага се насладува, туку и споменот за неа вечен и на земјата останува.

А самите почувствувавме колку е силна оваа преобразба на душата, кога во неа ќе се всели Христос, преку светата Причест! На светата Литургија на Претходноосветените дарови, која утрово ни ја отслужи нашиот старец, чиниш и ние недостојните се удостоивме за онаа благодат што ја почувствувала светата Марија Египетска, кога од рацете на блажениот старец Зосим ги примила Телото и Крвта Христови.

Милостив Боже, Кој сѐ гледаш, единствен бесмртен и безгрешен, покажи ја и во судниот час Својата голема штедрост кон нас, грешните, за тогаш нашето тајно нечестие да не се открие пред сите – ангелите, архангелите, пророците, апостолите, праведниците и светиите! Со Твојата благодат и човекољубие нас, грешните, спаси нѐ, и во рајот на сладоста со совршените праведници воведи нѐ! Прими го, Владико, молењето на Твоите раби и по молитвите на Твојата Пречиста Мајка, на блажениот отец наш Андреј Критски и преподобната мајка наша Марија Египетска, удостој нѐ неосудено и радосно да се поклониме на Твоето тридневно Воскресение!