Акатист

Сите ние сме патници во овој свет. Патуваме низ пустината, барајќи го вечниот град, нашата вистинска татковина, домот на нашиот Отец небесен. Но Бог, Кој бескрајно го љуби Своето создание, не нѐ остава да талкаме сами, туку како што некогаш на Израилот во пустината му испрати облак како столб, за дење да го закрилува од жештините, а ноќе да му го осветлува патот, така и нам, привремените патници низ пустината на овој живот, ни ја даде пречистата и преблагословена Своја Мајка за да нѐ води низ искушенијата и да нѐ закрилува од злото. Да, навистина, пресветата Богородица е „покров за светот“, поширок од најголемиот облак. Таа е божествен оган, кој ги просветлува оние што се во темнина и кон божествен разум ги упатува; облак е, кој Го носел Бога и над нас ја излева, како дождовни капки, Божјата благодат и милост. Столб, кој ја утврдува Црквата што војува против злото, заштитувајќи ја од сите видливи и невидливи непријатели. И како Црквата да не Ја воспева Онаа пред Која – како што вели св. Јован Златоуст – без збор се поклонуваат и жителите на небото. Нејзе Ѝ се испеани најпрекрасните и највозвишени химни. Кон Неа се упатени најтоплите срдечни молитви, пред Нејзините чудотворни икони се пролеани најискрените и најчисти солзи, упатени најдлабоките воздишки… И секогаш Мајката на воплотената Љубов, како и наша најнежна Мајка ги бришела солзите на сираците и им давала утеха на несреќните на земјата. Колку голема е нашата благодарност што имаме таква грижлива Мајка закрилничка, што духовно не сме сами, што во неволите постојано Нејзе Ѝ се обраќаме и Таа никогаш не ги презира нашите молби.

И сега, знаејќи го Нејзиното бескрајно милостиво срце, среде подвизите и духовната борба во Постот, кому друг да се обратиме ако не на Онаа, Која многу борби со злото извојува, многу духовни страданија претрпе, и Која ги знае нашите немоќи и секогаш е подготвена да ни помогне? Затоа светата Црква низ пофалните песни на Акатистот во времето на Великиот Пост, време на тешка духовна борба со злото во нас и околу нас, Ја повикува големата Победителка над човечките непријатели да нѐ укрепи во посниот подвиг, та откако ќе извојуваме победа над телото и страстите, над лошите мисли, над искушенијата на мрачните сили, достојно да се подготвиме за серадосниот дочек на славното Христово Воскресение.

За Бигорската обител секоја прилика за славење и величање на Божјата Мајка е вистински празник и повод за голема радост. Но посебна е радоста што во себе ја носи пеењето на Акатистот, создаден за Нејзина пофалба и поместен во петочните богослуженија на Великиот Пост. А овој, последниот, е круна на сета претходна радост. Затоа сѐ што е поврзано со оваа чудесна богослужба добива посебна боја. Црквата го покажува својот посебен цветен лик, браќата пеат со посебно умиление, но она што му ја дава најголемата убавина на овој прекрасен сплет на пофалби кон препрославената небесна Владичица е посебната нежност и величественост со која нашиот старец, архимандрит Партениј, ги превозгласува пофалните стихови, слевајќи ја во тоа вдахновено пеење што до дното ги пронижува нашите души, сета полнота на верноста и љубовта кон Богородителката, со која дише неговото срце:

Радувај се, на Бога Словото живеалиште! Радувај се, пославна од Светињата на светињите! Радувај се, ковчегу, од Духот позлатен! Радувај се, ризницо на животот незалезен! Радувај се, чесен венецу на царевите благочестиви! Радувај се, похвало чесна на јереите благоговејни! Радувај се, на Црквата столбу непоколеблив… Радувај се, Невесто неневестна!

О, Пресвета Дево, Мајко на Господа на вишните сили, Царице на небото и земјата, на нашата татковина и оваа обител семоќна Застапнице! Прими го ова пофално и благодарствено пеење од нас, недостојните раби Твои, и вознеси ги молитвите наши пред Престолот на Твојот Син и Бог наш, та милостив да биде кон неправдите наши и да ја испрати Својата благодат на оние што го чествуваат сечесното име Твое и со вера и љубов Ти се поклонуваат!