Традиционално, достоинствено и благодарствено како и секоја година и оваа година во Свештената Бигорска Обител сеќавајќи се на тие бесмртни Илинденци и на сите нивни сродници по дух, беше одбележан споменот за легендарното „Црешово топче“, симболот на борбата на нашиот народ за слобода.
Група млади родољубиви луѓе, организирани од здружението „Патот на Црешовото топче – Бигорски Манастир“ од Гостивар, облечени во комитски носии, дојаваа синоќа во Бигорскиот манастир, каде некогаш од страна на монасите биле изработени неколку црешови топчиња за Илинденското востание.
Утрово, комитите-коњаници: Виктор, Никола, Игор, Ристе, Александар, Стефан, Анастасиј, Сашо, Христијан, Гоце, Кристина, Александра, Перо, Јорго, Душко, Росе и Бојан, најпрво зедоа молитвено учество во светата богослужба во храмот на Свети Јован Крстител.
Од страна на нашиот собрат, Архимандрит Доситеј, а по благослов на нашиот старец и владика, епископот г. Партениј, со молитва за добробит на Татковината и за успешен пат, беа благословени во нивниот подвиг, полн со љубов кон Бога и кон Татковината, како и со светло сеќавање за нашите пожртвувани, богољубиви предци.
Потоа коњаниците, пред Светото Писмо, револвер и кама дадоа заклетва за верност кон револуционерното ослободително дело – онаа иста заклетва што некогаш морале да ја положат сите членови на Македонската револуционерна организација.
На овој свечен чин претседателот на здружението „Бигорски манастир – Патот на Црешовото топче“, г. Манојил Јаковлески, се обрати до присутните со кратко благодарствено слово и упати посебна благодарност кон нашиот старец и братството за неуморната родољубива дејност и несебичната поддршка за остварување на манифестацијата „Патот на Црешовото топче“.
Нека ви е честито и од Бога благословено патувањето за нашето славно Крушево, и нека споменот за тоа Крушево и за Востанието, остане засекогаш силно врежан во нашите срца!