Готовноста да се жртвува дури и сопствениот живот во одбрана на нашата света вера, на ближните и на Татковината, била една од главните одлики на нашите богољубиви и слободољубиви предци. Евангелскиот дух на себеодрекување во полза на општото добро и на слободата, моќно ги вдахновувал нивните борби и подвизи, до таа мера што тие, согласно зборовите Христови, ја полагале душата своја за ближните. Блескавата илинденска историја, која е историја на херојски страданија, на натчовечки подвизи, но и на нескршлива вера, љубов и духовна победа, е најјасен показател за тоа применето Евангелие во свештеното минато на нашиот народ. Затоа, секој Македонец треба со чувство на долг и благодарност, благоговејно да ја приклони својата глава пред бесмртното дело на оние кои и тогаш, но и во поново време, со својата крв го напоија преслаткиот плод на слободата, од кој денес ние се насладуваме.
Благодарствено сеќавајќи се на тие бесмртни Илинденци и на сите нивни сродници по дух, Свештената Бигорска Обител по четиринаесетти пат беше домаќин на илинденската манифестација „Бигорски Манастир – Патот на Црешовото топче“. Со благослов на нашиот старец и игумен, Епископ Антаниски г. Партениј, поголема група млади родољубиви комити, предводени од војводата Стефан Ѓурчиновски, вчеравечер пристигнаа во Манастирот, а денес зедоа молитвено учество во чинот на благословување на нивниот марш, кој го изврши нашиот собрат, Архимандритот г. Доситеј. На пладне, коњаниците го продолжија своето патешествие до Крушево, каде што на 2 август ќе се одржи централната Илинденска прослава.
На овој свечен чин, претседателот на здружението „Бигорски манастир – Патот на Црешовото топче“, г. Манојил Јаковлески, упати посебна благодарност кон нашиот Старец и братството за неуморната родољубива дејност.
„Велик си, Господи, и многу фален, Кој небесните воинства Те слават од Кого и се плашат Херувимите и Серафимите, Кому се поклонуваат народите, племињата и јазиците, Кој поразуваш војни со цврста рака и нас нѐ ослободил од ропството на непријателот. Кон Тебе сега приоѓаме, Сесилен Господи, и раскажувајќи за Твоите величија, си спомнуваме за херојските и родољубиви подвизи на славно паднатите и преживеаните борци, отците и браќа наши, со благодарност кон Тебе, за сѐ што си правел и правиш за нас. Твојата десница, Господи, се прослави во крепоста и ги порази непријателите и ни дарува победи. И сега, Владико, слушни нѐ нас кои Ти се молиме во овој час и прими ги нашите благодарствени молитви. Покриј нѐ со покровот на Твоите крилја, пази ја нашата земја и секоја земја, од напад на другородни и од секаква навреда и дај ни да се поучуваме на Твојот закон и да чекориме по Твоите стапки. Дај ни го Твојот мир и Твојот благослов, Господи, Боже наш, и испрати ја Твојата благодат и просвештение врз нашите началници, врз војската и врз сите Твои луѓе“ (Молитва од чинот на благословување).