Подготвеноста да се жртвува дури и сопствениот живот во името на нашата света вера, за ближните и за Татковината, била една од главните одлики на нашите богољубиви и слободољубиви предци. Евангелскиот дух на себеодрекување во полза на општото добро и на слободата, моќно ги вхадновувал нивните борби и подвизи, до таа мера што тие, согласно зборовите Христови, ја полагале душата своја за своите ближни. Блескавата илинденска историја, која е историја на херојски страданија, натчовечки подвиг, но и на нескршлива вера, љубов и духовна победа, е најјасен показател за тоа применето Евангелие во свештеното минато на нашиот народ. Затоа, секој современ Македонец треба со чувство на долг и благодарност, благоговејно да ја приклони својата глава пред бесмртното дело на оние кои и тогаш, но и во поново време, со својата крв го напоија преслаткиот плод на слободата, од кој денес ние се насладуваме.
Како и секоја година, Свештената Бигорска Обител на Чесниот Претеча и овој пат, со благослов на нашиот старец и игумен, Архимандрит Партениј, беше домаќин на почесните млади комити од здружението „Бигорски Манастир – Патот на Црешовото топче“. Младите родољупци изминатава вечер преноќеваа во манастирските конаци, а утрово зедоа молитвено учество на светото богослужение. По завршувањето на Божествената Литургија, комитите коњанициод Гостивар, Тетово, Кичево и Крушево: Виктор, Стефан, Дарко, Кристијан, Јован, Ѓоко, Миланчо, Владо, Бојан и Крсте добија благослов од монашкото братство за нивниот претстоен поход кон херојскиот град Крушево, каде што на 2 август ќе има голема прослава за празникот Илинден. Пред заминување младите комити положија заклетва пред Светото Писмо дека докрај ќе останат верни на македонското ослободително дело.
Нека себлагиот Бог ги чува од секакви искушенија и замки на лукавиот, та успешно да го завршат своето патување во чест на паднатите херои за слободата на Македонија!