Посета на Митрополитот на Имврос и Тенедос г. Кирил од Вселенската Патријаршија

Големи и чудесни се делата на братољубието и заедничарењето во Господа и тие се радост за Црквата и оддишка за народот Божји. На едно такво благословено дело станавме сведоци и денес, кога во посета на нашата Свештена Обител допатува Високопреосвештениот Митрополит на Имврос и Тенес г. Кирил, почитуван архиереј на Вселенската Патријаршија. Всушност, светиот владика дојде во Бигорски како голем пријател на нашата Црква и претставник на Неговата Божествена Сесветост, Вселенскиот Патријарх г. г. Вартоломеј, носејќи ги неговите татковски поздрави и благослови за именденот на нашиот возљубен Старец.

Високопреосветениот Митрополит г. Кирил беше пречекан согласно древното манастирско правило за пречек на архиереј, со свечен пречек (иподохи) од страна на Старецот на Обителта, Епископот Антаниски г. Партениј, и целото братство. Во храмот на Претечата, по предвидените тропари и прозби, кон ценетиот наш гостин се обрати Старецот:


Мојата душа Го велича Господа, и мојот дух се зарадува во Бога, Спасителот мој, зашто ја погледа смиреноста на слугата Свој. Ова беа зборовите, Високопреосветен Митрополите на Имврос и на Тенедос, возљубен во Христа брате, г. Кириле, што први ми долетаа во мислите, кога од Вас добив потврден одговор на мојата молба и ја слушнав радосната вест за Вашето доаѓање овде, во оваа десетвековна Светиња на Чесниот Претеча. Вие бевте благовестителот на светиот благослов на Неговата Божествена Сесветост, Архиепископот на Новиот Рим и Патријархот Вселенски г. г. Вартоломеј, со којшто ни ја донесовте ‘светлината тивка на светата Слава’ од сесветлиот Фанар на Православието, седиштето на првопрестолната мајка Црква, Вселенската Патријаршија. Овој духовен оган со кој го запаливте кандилото на радоста и благодарноста во нашите срца, има суштествено значење за нас како Црква, манастир и народ. Го чувствуваме благоуханието на евангелскиот мир што се шири од благородната и охристовена личност на Сесветиот Патријарх, а кој сега доаѓа до нас преку Вас, неговиот син по дух и по верност.

Ни доаѓате, наш добротвору, од славниот Имврос, родното место на Неговата Сесветост, носејќи ни го мирисот на светоста од тој светителороден остров. Ги гледаме и им се воодушевуваме на подвизите и потфатите што ги правите таму, на севкупната ренесанса во Вашата епархија, на воскресението на духот и делата на Православните. Благослов и поттик е да се има пример за пастирство и татковство како Вас. Сведоци сме на Вашата титанска борба за благосостојбата на доверената Ви паства, а истовремено и за добробитот на целата Црква Божја. Ги исповедаме со огромна благодарност Вашите неуморни трудови и жртви за решавањето на нашето црковно прашање и за исцелението на таа долгогодишна рана на телото Христово. Ете зошто Вашето доаѓање тука за нас има историски и монументален карактер.

Вашето присуство тука преставува за нас топла прегратка на Мајката Црква, кон која пред речиси пет години прибегна нашата света Црква, користејќи го правото на апелација на првиот Престол во Православието со седиште во Константинопол. И како што му е познато на сето потсончевие, молбите и молитвите на нашата Црква, држава и народ не останаа празни. Сесветиот Вселенски Патријарх г. г. Вартоломеј, тој велик и историски патријарх, заедно со светите архиереи на Свештениот Синод на Вселенската Патријаршија, на 9 мај 2022 година ја донесе епохалната одлука со која беше прекината повеќедецениската изолација на Охридска Архиепископија и таа повторно беше примена во литургиско и канонско единствено со целата православна екумена, после што уследија одлуки и на други помесни Цркви да влезат во единство со неа и да препознаат во нејзината свештена јерархија една Црква зрела за автокефалност. Мирот, благословот и спокојот на кои претходно им се израдуваа други народи преку благотворната и помирувачка дејност на Сесветиот Патријарх, се спуштија и врз нашиот верен народ. Со својата просветленост, вера и мудрост во Бога, Вселенскиот Патријарх долго време полагаше грижи за народот Божји кај нас и татковски се залагаше за исцелување на црковниот раскол и единство во едниот црковен организам. Тој негов подвиг и грижа беше крунисан во мигот кога на светлата Педесетница, од својот трон му го врачи Актот за единство на Неговото Блаженство, нашиот почитуван и свет Архиепископ г. Стефан. Тој миг, имено, ќе остане врежан во благодарното сеќавање на народот на Охридската Архиепископија, како ден на Воскресението и ден на посета на Духот Утешител и Обединител. Токму тоа ќе го забележи и нашиот Блаженејши Архиепископ, кога во тој момент ќе воскликне:

‘Денес, во овој завршен Празник, ние, членовите на Охридската Архиепископија, почувствувавме дека не сме сираци, туку, откако се најдовме во татковската прегратка на Неговата сесветост, возљубениот патријарх г. г. Вартоломеј, враќајќи се од ‘туѓа земја’, седнавме на трпезата Господова…  Еве сме, прифатени и возљубени, сослужуваме со приносителот на денешната заедничка жртва од ‘сите и за сè’, учествуваме во смислата на таинството на Педесетницата кога Божјата благодат се разделува неразделно меѓу разделените’. 

Впрочем, Охридската Архиепископија низ вековите била достојна ќерка на вселенскиот Престол, секогаш верна на канонскиот поредок на Црквата, борец за правилната еклисиологија. Зашто, каде што нема ред и почит кон поредокот востановен од Отците, таму е вселен духот на гордоста и на небратољубието. А Божествениот Павле нè поучува: да не би меѓу вас да има кавги, завист, гнев, гордост, раздор, клевети, охолост, бунење (2. Кор. 12,20).

Ви благодариме, Ваше Високопреосвештенство, за сета грижа, подвизи и саможртви што ги направивте и ги правите за нашето легитимно црковно суштествување. Ви благодариме што сега сте пред нас, како образ на Првојерархот на вселенското православие, Неговата Сесветост, Вселенскиот Патријарх г. г. Вартоломеј, со чиј благослов допатувавте овде. Смирено Ве замолуваме да му ги пренесете на Сесветиот Патријарх нашите огромни благодарности, благопожелби и срдечни целиви за сè што направи за православниот народ во нашата татковина, но и насекаде по светот, за озваничувањето на нашата црковна постојба и најпосле за татковската грижа и внимание со кои Ве испрати при нас.

Ви го пренесуваме братскиот поздрав и топлото добредојде од нашиот почитуван и секогаш сакан надлежен Митрополит, Неговото Високопреосвештенство г. Тимотеј Плаошки и Дебарско-кичевски и Ви посакуваме пријатен и спокоен престој во нашата Свештена Обител.

На многаја лета, Владико свети!“

Одговарајќи на ова поздравно слово од нашиот старец и игумен, Високопреосветениот Митрополит г. Кирил, во своето возвратно обраќање ги пренесе благословот и љубовта на Неговата Сесветост, Патријархот Вселенски г. г. Вартоломеј кон целиот наш народ и Црква:

Ваше Преосвештенство, свет Епископе Антаниски г. Партениј, сечесен игумене на оваа Свештена и Света Обител и многуценет и возљубен во Христа свет брате,

Ја имам таа особена чест и тој голем благослов да се наоѓам овде, како претставник на Неговата Божествена Сесветост, нашиот многу почитуван господин и владика, Вселенскиот Патријарх г. г. Вартоломеј. Ја имам особената возвишена чест да ги пренесам на вашата Црква, Охридската Архиепископија, на вашиот Архиепископ г. Стефан, на архиереите, на свештениците и на целиот верен народ, а особено на Вашата личност, свет брате, татковските и патријаршиски благопожелби, благослови, љубов и грижа од Мајката Црква.       

Ваше Преосвештенство, многу добро ги знаете зборовите на Апостолот Павле кого го споменавте, кој вели: ‘Да не ми даде Бог да се фалам со нешто друго…’, така и јас велам: Да не ми даде Бог да се пофалам со нешто друго, освен со Крстот Господов. И Вие, свет брате, заедно со јерархијата Ваша и клириците и православните браќа лаици, на вашите рамена го носевте тој Христов крст долги, долги години. Но сите знаеме дека по Голгота доаѓа празниот Гроб – Воскресението. И така, Преосветен брате, чувствувам дека Сесветиот Патријарх со тоа што го направи, на сите овдешни браќа ви ја подари радоста на Воскресението. А за да биде таа радост ненамалена, треба да го направиме она за кое пееме на Воскресението: ‘Да простиме сè со Воскресението’.

Навистина се потресни и трогателни овие моменти. Се сметам себеси за последен од јерарсите на Вселенската Патријаршија, но еве, се наоѓам меѓу вас, исто како вас, како еден од вас. И дојдов со голема радост, драги браќа, бидејќи со вашиот многу ценет Старец нè поврза љубовта Христова и пожртвуваноста за православната вера и за Црквата. Дојдов и да му возвратам признателност, љубов и благодарности. Дојдов и за да се израдувам заедно со него за претстојниот празник на споменот на Светиот Партениј Епископот Лампсакиски. Дојдов, за да ја споделам со Владиката и со сите вас убавината на единството.

Старче, ја имам привилегијата да живеам недалеку од Лампсак, татковината на Свети Партениј. И секогаш кога патувам од Имврос кон Константинопол и обратно, поминувам низ Лампсак. Денес кога тргнав утрово, поминав оттаму. Застанав пред неговиот храм, кој, за жал, сега е џамија. Се поклонив и го замолив Свети Партениј да Ве покрива, да Ве заштитува, да Ве благословува и да Ви дава сила, заедно со Вас и братството и сестринства на Вашите свештени општежитија, почитуваните и драги браќа, кои се подвизуваат во борбата за обожување во Христа, драгите браќа кои се киринејци во носењето Крстот и на патот кон спасението. Да ја покрива и заштитува Црквата Свети Партениј, тој велик Јерарх и да ги уреди и најпоследните отворени прашања на најдобар и мирен начин. Госпоѓата Богородица и Чесниот Претеча – учителот на покајанието и пророк да ја покриваат и заштитуваат Свештената Обител и сето свештено Братство. Не Ви сокривам, свет Старче, дека доаѓајќи наваму, се изненадив и веднаш ми дојде на ум тоа што го велат трезвеноумните Отци на нашата Црква, дека таму каде што е присуството Божјо, таму е рајот. А овде, Ваше Преосвештенство, е богато присуството на Светиот Бог и затоа е многу убав Вашиот рај. На многаја лета!“